Младите во време на корона: панични напади, фрустрации, нерасположение, отпор кон онлајн наставата, фобија од заразување…

Според Гордана Николова, координаторка на телефонската линија на ЈЗУ Клиника за психијатрија отворена за потребите на децата и младите во време на пандемијата, најпогодени од целата ситуација се децата на возраст од 10 и 15 години, помалите деца се полесно прилагодливи, а кај адолесцентите и студентите се забележува зголемена фрустрација. „Тие пропуштија животни настани кои се од голема важност за нив, матури, роденденски прослави, забави, екскурзии и слично“, вели Николова.

0
312

Од почетокот на пандемијата со КОВИД-19 често можеа да се слушнат коментари од типот на: ‘кутри деца, што ќе биде со нив’  или пак  ‘неодговорни тинејџери, само шетаат и им го пренесуваат потоа вирусот на домашните’, или пак ‘заборавивме дека детето ни матурираше, ниту прослава, ниту забава, ниту гости и подароци, да не не потсетеше и ние ќе заборавевме’, или пак ‘ништо не учат, седат на компјутер, легнуваат сабајле, спијат до пладне, а потоа дремат за време на онлајн наставата, не гледаат веќе смисол и поента во ништо, па ниту во учењето и училиштето’.

И навистина, голем дел од проблемите и полемиките се однесуваат токму на тоа дали децата треба да одат во градинка, во училиште и на факултет, дали онлајн наставата добро функционира, дали децата сега минуваат уште повеќе време пред екраните, дали е тоа пат кон уште поголема и потешка зависност од нив, дали се создаваат генерации без планови, желби и идеали?

Во периодот на пандемија на КОВИД-19, ЈЗУ Клиника за психијатрија отвори телефонска линија за поддршка и совети за деца на претшколска и школска возраст, деца со попреченост и адолесценти, како и за нивните родители, а со координаторката на оваа линија, психологот Гордана Николова, разговаравме токму на овие теми.

Таа вели дека во текот на изминатите есенски месеци на нивната телефонска линија се бележат стабилен број на јавувања кои се фокусирани на манифестации на анксиозност кај децата, адолесцентите и родителите, а најизразените психолошки потешкотии кои ги увиделе во овој период се појавата на панични напади, фобија од заразување со корона вирусот, пад на расположението и отпор кон приклучување на онлајн настава.

Најпогодени се тинејџерите и студентите

„Бројот на јавувања од страна на деца и адолесценти е мал, што ни укажува на постоењето на стигма за барање на психолошка поддршка од стручно лице. Повиците вообичаено се остваруваат од родителите, најчесто од мајката. Бараат помош за различни промени во однесувањето и психолошката состојба кај детето, појава на агресивност, влошување на примарното невроразвојно нарушување на детето, чувство на вознемиреност, потешкотии со сонот, и како најизразени – појавата на панични напади, интензивен страв (фобија) од заразување со корона вирусот, пад на расположението и отпор кон приклучување на онлајн наставата.

Според прелиминарните анализи на остварените јавувања најчестите јавувања на нашата линија се за деца од 10 и од 15 годишна возраст. Генерално, во овој развоен период децата се во фаза на когнитивен развој во кој се појавуваат стравови, намалена концентрација и ефикасност во учењето и раздразливост.

Меѓутоа, во овој период на пандемија очекувано се забележа пораст на психичките потешкотии кај сите возрасни групи. Генерално, забележуваме пораст на манифестациите на анксиозност, а начинот на кој се манифестира постоечката анксиозност е во зависност од нивната возраст и развојниот период во кој се наоѓаат. Помладите се лесно адаптибилни, можат да се приспособат на новонастанати ситуации со соодветна стимулација во домот, иако и таму се бележат психолошки промени. Кај младите лица, како адолесценти и студенти, се забележува зголемена фрустрација, заради тоа што немаат можност да ги практикуваат нивните рутини, начини на дружење и функционирање, пропуштија животни настани кои се од голема важност за нив, матури, роденденски прослави, забави, екскурзии и слично. Очекувано е дека ова ќе провоцира психички потешкотии и незадоволство во најмала рака. Покрај тоа многу млади лица се соочија со загуби на свои блиски во семејствата“, вели Николова.

Зависност од екраните

Во однос на зголемената изложеност на екраните на овие генерации кои водат дигитален живот, истражувачки тим од Клиниката за психијатрија спровел истражување во 2018 година за употребата на електронски медиуми кај децата на школска возраст.

„Бројките на часови поминати пред екран во тој момент беа поразително високи. Допрва ќе ја проценуваме новонастаната состојба и ќе се соочуваме со зависноста од интернет и електронските медиуми кај децата која всушност предизвикува невропсихолошки промени кај децата.

Голем дел од децата се препуштени сами на себе во отсуство на надзор од родителот кој најчесто е во обид да постигне ефикасност која се очекува на план на работното поле, а воедно и да се справи со своите потешкотии на план на менталното здравје. Во такви случаи децата во недостаток на контрола, се препуштаат во пасивно секојдневие доминантно сконцентрирано во својот простор пред екранот. Дел од препораките кои ги упатуваме се фокусирани на овој проблем.

Мојата забелешка е во насока дека времето дома не мора да значи време пред екранот. На родителите им се наметнува тешка задача да изнајдат креативни начини за поминување на времето на децата и младите, тоа може да биде преку помош во домот, заеднички физички ангажман на родителот и детето, играње на друштвени игри, совладување на нова вештина или развој на хоби, разни предизвици во домот кои потоа може да ги споделуваат преку снимка со другарчињата истото да се обидат да го направат и тие. Кај поголемите деца може да се стимулира читањето, креативни изработки кои потоа може да се подарат на повозрасните членови на фамилијата или да се донираат. Квалитетното и продуктивно време во домот е неопходно за децата.

Од исклучителна важност е да се одреди структура на денот низ разговор, заеднички со детето да се направи распоред на активности кое ќе ги вклучува рутините од нашето секојдневие пред пандемијата. Тоа претпоставува станување во одредено време наутро, вршење на хигиенските рутини и приготвување како да заминуваат на настава во училиште, односно следење на наставата, будни, облечени во удобна облека и сместени удобно во работна положба. По наставата мора да се испланира време во кое детето или младото лице физички ќе се растовари од наталожената енергија, ќе помине време со одредено хоби, а притоа да не е пред екран. Со доследно практикување на распоред на денот ќе го олесниме секојдневното функционирање и ќе се овозможи поквалитетен сон и ефикасност во текот на денот“, советува нашата соговорничка.

Дали младите треба да излегуваат и да се дружат?

Што се однесува до излегувањето и дружењето со врсниците, за што периодов се често на ‘тапет’ како најголеми преносители на вирусот, Николова вели:

„Кај младите е важно да се гради и стимулира нивната одговорност и свесност за можните последици од неодговорното однесување со што должност на родителот е да го насочи детето да ги практикува сите мерки на претпазливост. За жал, често се занемарува фактот дека исто така должност на родителот е да му помогне на детето со стимулирање на безбеден начин да ги исполнува своите природни потреби за емоционална топлина, физичко растоварување, социјална припадност и слично. Препораките кои ги даваме се кон балансирано време, обезбедување на услови за безбедно другарување на отворено, како на кратка прошетка колку што дозволуваат временските услови. Со цел одржување на релациите неизбежно е децата да комуницираат и другаруваат преку интернет, тоа не треба да им се забранува во овој момент, но треба да се фокусира на квалитет, а не квантитет, односно, децата да не поминуваат време заедно играјќи со часови симулациски агресивни игри, туку да разговараат преку видео разговор“.

Што ќе биде со овие генерации и зошто не може да им се стави крај на ‘корона журките’?

Според Николова, иако со почетокот на пандемијата имало пораст на појава на психолошки потешкотии кај децата и младите, впечаток е дека луѓето во текот на овие месеци на пандемија нашле свои (продуктивни или непродуктивни) начини на справување.

„Децата и младите се вклучени во свои ангажмани, мисловно преокупирани од своите училишни обврски. Покрај тоа веројатно улога има и фактот дека сервисите кои се фокусирани на менталното здравје се достапни, за разлика од периодот на карантин.

Благодарение на невропсихолошката и психолошката флексибилност и адаптибилност на најмладите голем процент од нив ќе минат без трауматски знаци кои ги гледаме во рамки на изложеност на пролонгиран стрес. Веројатно е дека поголемите деца на училишна возраст ќе имаат одредени потешкотии да го намалат времето поминато пред екраните и социјалните медиуми. Во контекст на психички потешкотии очекуваме дека децата кои имаат невротски предиспозиции односно кои претходно манифестирале потешкотии на психички план ќе видиме поизразена анксиозност до степен на социјална анксиозност, како и пад на менталната ефикасност во контекст на одржување на концентрација. Во секој случај, сите здравствени работници кои се бавиме со оваа проблематика во од ќе се соочуваме и ќе се справуваме со потешкотиите на децата“, оптмист е Николова.

Организирањето на т.н.корона журки на кои се забавуваат и по 200-300 млади луѓе, а се организираат не само кај нас туку и ширум светот, спред Николова,

укажува на високото ниво на анксиозност кај младите кај кои толеранцијата на фрустрации е ниска и недоволно истрајна пред чувството на неизвесност.

„Лицата без соодветни механизми за сублимирање или канализирање на психичката енергија реагираат со импулсивно и незрело растоварување на овој начин. Една од одликите на адолесценцијата всушност е пронаоѓање на себеси во општеството што понекогаш вклучува и спротиставување на авторитетите и отпор кон конвенционалноста и општествените норми. Дури и ваквото однесување кое секогаш постоело во одреден степен кај оваа возрасна група, се адаптирало во контекст на пандемијата“, заклучува нашата соговорничка.

[better-ads type='banner' banner='999' ]