Наташа Крстевска е мајка на седумгодишниот Калин и двеипол-годишната Никита и изгледа подобро од било кога. После специјалниот режим на исхрана ослабнала 40 килограми за само шест месеци. Додека ја доела ќеркичката се соочила со вишок млеко кое секојдневно го измолзувала и замрзнувала дури и по литар дневно. Го нудела како донација во државната Клиника но ја одбиле со образложение: не смееме да го земеме.
Зборувавме со неа за овој проблем, но и за воспитувањето на децата, за својата професија како контролор на летање и за пејачката кариера.
Колкава е возрастната разлика меѓу децата, како се снаоѓавте додека беа бебиња, кој ви помагаше, дали ги доевте и до која возраст?
Калин има 7 години, а Никита има две и пол. За двете деца како бебиња ми помагаа сите од семејството: сопругот, двете баби, сестра ми… за Калин беше жив и свекор ми и сите беа повеќе инволвирани зашто морав да се вратам на работа после 4 месеци. Се измолзував па после било кој од нив можеше да го нахрани. Со Никита беше поинаку. Останав 9 месеци на породилно, цицаше „пар екселанс“ и реално немав многу потреба од помош зашто и веќе бев искусна мајка. Имав прекрасна соработка со Би-мек и нивните производи на Медела зашто покрај моето бебе што беше нахрането, замрзнав десет литри мајчино млеко. За жал, кај нас донација на мајчино млеко сѐ уште не функционира. И двете деца тргнаа во јасли од 9 месеци.
Инаку, од „Медела“ ми дадоа пумпа за измолзување и најлони за замрзнување на мајчино млеко. На пример, ќе го подоев бебето и ќе ми останеа уште 200 мл, а на почеток замрзнував дури и по еден литар дневно. Имено, кај нас не постои лабораторија за испитување на квалитетот на млекото, затоа што кај нас нема кој да ти гарантира дека е исправно бактериолошки пред да го земеш како донација. Луѓето се плашат да земат туѓо млеко. Кај нас на Клиника има само лактариум ако е бебето родено пред време, но таму може да се измолзуваат само мајките за своето бебе. Јас се јавував на Клиника за да дониранм млеко, им нудев, но ми рекоа дека не смеат да го земат и дека немаат услови да го испитаат. А јас не сум единствената.
Kако мајка на две деца, како се снаоѓате со оглед на тоа што како контролор на летање работите во смени, меѓудругото, и во ноќна смена?
Сменската работа е навидум комплицрана меѓутоа кога ќе се навикне човек на тој ритам има многу големи бенифиции. Благодарение на шарениот сменски распоред имам време да се занимвам и со семејството и со професијата и со себеси и со пеењето. Реално, работа од 8 до 16 часот немаше да се вклопи со мојот карактер и ќе се чувствував како во ропство. Наједноставно за моите деца е кога сум ноќна смена. Ги заспивам, одам на работа, а се враќам пред тие да се разбудат. Пладневната смена ми е мене најтешка емоционално зашто тогаш не ги гледам цел ден, а напорно е и за викендите кога се моите дома слободни, а мене ми се паѓа да работам.
Какво е вашето искуство како мајка на едно машко и едно женско дете, колку е различно да се има син и ќерка?
Многу е голема разликата. Имам обичај да кажам дека откако имам син многу ми се појаснија некои работи во врска со мажите. Син ми е многу растоварен и полн со ведрина. Меѓутоа, извршувањето на обврските му е лимитирана на „оne thing at a time“. Ќерка ми е многу побистра, сѐ и е јасно уште од раѓање, меѓутоа е поплашлива и попретпазлива. Прооде на година и пол додека синко протрча на десет месеци.
Како ги воспитувате децата со оглед на тоа што е сѐ поактуелно она т.н.родово неутрално воспитување, дали и вие ги воспитувате децата на овој начин или сте потрадиционални, во смисол, се знае што е девојче, а што машко?
Моите деца се многу стереотипни од сам почеток, машкото си е асли машко, а девојчето е „многу девојче“. Со сопругот се трудевме да избегаме од стереотипите кога стануваше збор за облека. Ги облекувавме во смели колорити нетипични можеби, но по играчки сами посегнаа: Калин по колички а Никита по бебиња, и тоа фанатично, и едниот и другиот.
Како ви се поделени обврските дома, дали со сопругот имате свои задолженија и кој за што е задолжен?
Јас сум поинволвирана околу домот затоа што сум послободна поради флексибилниот распоред. Немаме машки или женски задолженија туку кој може и кој е слободен во моментот. Сопругот е прекрасен за чување деца и во кујна готви одлично што можеби не е традиционално за поимот Балканец, додека јас координирам со мајстори на пример.
Имате интересна работа, кажете ни дали е реткост жена да биде на вакво работно место и која е практично вашата задача?
Јас сум една од дваесетте жени во Република Македонија кои работат како контролори на летање. Нашата работа опфаќа директна комуникација со пилотите на авионите кои полетуваат, слетуваат или прелетуваат над Македонија. Контролорите на летање се грижиме за безбедноста на воздушниот сообраќај и ги водиме авионите согласно нивниот план за летање.
Дали освен работата, сѐ уште сте активни како пејачка и какви се вашите планови на ова поле?
Активноста на музичкиот план е нешто по што секогаш копнеам. Пеењето ми дава крилја. За нас како изведувачи е голема штета што во моментов нема фестивали.
Јас сум кантавтор на повеќето мои песни и нова музика постојано навира, прашањето е само кога да најдам простор и време за да влезам во студио и да ја реализирам истата.
Има ли некое од децата афинитети за пеење?
Никита, дефинитивно. Ќе видиме во кој правец ќе се развива. Важно е дека е комотна на сцена и се надевам дека тоа чувство нема да ѝ се изгуби. Калин е повеќе е по спортот. Музиката телесно ја чувствува и одлично танцува.
Што е според вас најтешката родителска задача?
Несебичноста… да се ставиш себеси во последен план и сервилно да им служиш на своите деца. Тоа е духовна вежба, особено за мене, поради тоа што на работа кај нас се бара супериорно его и висока самодоверба при секојдневни одлуки на фреквенција.
Како го поминувате слободното време со децата, што е она на што сакате да ги научите?
Со децата имаме активен живот исполнет со разни активности. Им се паднале двајца родители со немирен дух. Сакаме да пораснат во добри, племенити, чесни и работливи луѓе. Колку ќе успееме во тоа со сопругот, ќе покаже времето.
Текст: Драгица Христова