На 29. април се навршуваат 28 години од формирањето на Детската амбасада Меѓаши. Оттаму, во соопштението до јавноста велат:
„Драги пријатели и пријателки, поддржувачи и сојузници, во ова чудно време-невреме би сакале да ја споделиме со вас радоста за нашата 28-годишнина, период исполнет со работа и активности во секакви околности, години посветени на помош на деца кои страдаат, години со тага, но и исполнетост затоа што можеме да бидеме поддршка.
Зад нас се години и години работа. Поголеми или помали, кризите се составен дел од нашата историја, а за оној кој страда или има потреба од помош, не постои помала или поголема криза.
Оваа криза со коронавирусот особено тешко нѐ погодува бидејќи не можеме да работиме надвор, директно со децата. Оваа криза бара да се дистанцираме од надворешниот свет и да наоѓаме креативни решенија како топлината на човечките интеракции да ја спроведеме на дистанца. Како да помогнеме некому од дома, но и директно, на терен кога е тоа неопходно, како да дознаеме на кого му треба помош. И секојдневно откриваме дека може, дека сме тука едни за други, дека работата на Меѓаши продолжува, какви и да се околностите.
Поради вонредно настанатата состојба, Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ обезбеди:
– заштитна опрема за медицински лица кои работат со деца;
– хуманитарна помош во храна и средства за хигиена за маргинализирани групи;
– едукативни содржини наменети за најмладите со маскотата на Меѓаши – „Бушавко“;
– започна платформа/ФБ-група на тема „ЗАЕДНО ДОМА“ со цел да се поттикне креативно и квалитетно поминато време со децата во услови на пандемија. Потсетуваме дека изолацијата заради коронавирусот е можност за возрасните времето со децата да го искористат на интересен начин, исполнет со креативни и образовни содржини, децата да почувствуваат дека се поддржани, полесно да ги сфатат информациите кои ги слушаат, да се информирани соодветно на нивната возраст, но не и преоптоварени со сето она што се случува. Сакаме да поттикнеме споделување на игри, учења, хумор, песни, цртежи, кратки видеа, фотографии… Да покажеме како може да се биде креативен и забавен, иако се седи дома (http://www.childrensembassy.org.mk/pocetna-ns_article-zaedno-doma.nspx).
Од „Меѓаши“ потсетуваат на сите поголеми кризи и на нивната активност во периодот на овие кризи, во текот на изминатите години.
1992-1996: Посветени на поддршката на децата погодени од војната во поранешна Југославија/деца-бегалци од Босна и Херцеговина згрижени во Македонија.
Започнавме со босанската криза и потребата да се згрижат голем број деца-бегалци. Организиравме лет од Сараево и јавно повикавме за згрижување на децата во Македонија. Со голем дел од тие деца (сега возрасни) сме сѐ уште во контакт, некои волонтираат, а некои физички оддалеку, но во срцето блиску, следат и понатаму што работиме.
1999-2000: Косовската криза, поддршка на децата-бегалци од Косово во Македонија. Работевме и во камповите за време на косовската криза.
2001-2006: Конфликтот во Македонија. Згриживме 16 внатрешно раселени лица од Арачиново во нашето прифатилиште, семејства со 8 деца. Во ова прифатилиште се родија три бебиња − Александар, Марија и Никола. Семејствата беа згрижени во нашето прифатилиште пет години. Организиравме летни кампови за над 500 деца, пет години по ред од кризните подрачја во Македонија.
2016: Поплавата во Стајковци. Поплавата во Стајковци ја поминавме заедно со група волонтери речиси цело време на терен. Овозможувавме директна помош на погодените во храна и лекови, а во Основното училиште „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци, заедно со ЈЗУ Универзитетската клиника за дерматологија отворивме медицински пункт каде за децата се обавуваа прегледи и медицинска заштита.
2016-2017: Помош и поддршка на мигрантите кои транзитираа преку Македонија.
Последната бегалска криза нѐ водеше од Табановце до Гевгелија, директно работевме со децата-бегалци, собиравме хуманитарна помош, но и се обидовме да поттикнеме емпатија и разбирање кон бегалците преку прирачникот „Сите сме деца на овој свет“ во кој е разработена содржината за начинот на кој треба да се разговара со децата за бегалската криза
Хуманитарна помош, облека и обувки за 350 деца од пет центри за деца бегалци без родителска грижа сместени на граничната зона во Турција со Сирија, обезбедени преку кампањата „Македонија со љубов за Алепо“.
„Се надеваме и посакуваме да нема кризи во иднина, луѓето одговорно и со љубов да се грижат за околината и едни за други, особено за децата, а духот на солидарност и меѓусебно разбирање да го градиме со сите сили и понатаму“, велат од Меѓаши.
Првата детска амбасада во светот Меѓаши ги застапува и заштитува правата на децата, поттикнува одговорно родителство и почит на детската личност, го зајакнува граѓанското движење за правата на децата, детското учество и се залага за функционалност на институциите во најдобар интерес на детето. Меѓаши го промовира мировното образование, развивајќи активно граѓанство засновано на принципот на ненасилство и ги негува раличностите и еднаквите можности за сите.
Фото: Фејсбук