Меѓаши: МОН продолжува со кршење на основните права на децата

Првата детска амбасада во светот посочува дека исклучувајќи ги од наставата сите деца со посебни потреби за кои си презема обврска од оваа учебна година да обезбеди обучени асистенти, министерството и државата ги кршат основните права на децата

0
197

„Сакаме да истакнеме дека МОН продолжува со кршење на основните права на децата исклучувајќи ги од наставата сите деца со посебни потреби за кои државата си презема обврска од оваа учебна година да обезбеди обучени асистенти. Помина речиси половина од првиот месец, а семејствата и децата се исклучени од можноста да посетуваат настава што е недозволиво во општество кое претендира да ги следи трендовите за развој и образование во 21 век“, се вели во соопштението од Првата детска амбасада на светот „Меѓаши“.

Оттаму упатуваат и барање МОН да воведе задолжително бесплатно тестирање за сите ученици и за персоналот во училиштата за да се спречи неконтролираното ширење на вирусот во училиштата.

„Свесни сме и имаме голем број  информации кои до нас пристигнуваат како од родители, деца и други членови на семејствата така и од наставници дека учебната година со физичко присуство претставува висок ризик по здравјето, како за децата така и за вработените и за семејствата поради несоодветниот начин на организирање на наставата. Нетранспарентноста на МОН и недостатокот на информации во поглед на бројот на активни случаи во училиштата дополнително ги зголемува сомнежите и вознемиреноста кај родителите и кај нас како организација.

Уште еднаш гласно го пренесуваме ставот на стручни лица, педијатри и доктори, кои укажуваат на штетноста на долго носење маска и последиците по здравјето на децата! Очекуваме надлежните од МОН заедно со директорите на училиштата да изнајдат начини и да го искористат убавото време, креативноста и можностите на училишните дворови и да  прилагодат дел од наставата да се одвива надвор, на отворено за да им се овозможи на децата слободно да дишат. Скратувањето на наставата и должината на часовите е уште една брза и ефикасна мерка која може веднаш да се спроведе за да се избегнат други здравствени проблеми предизвикани од долгото носење на маски.

Посебно сме погодени од сознанијата дека одредени директори на училишта не ја преземаат својата обврска да организираат онлајн настава за  ученици кои тоа го побарале официјално од училиштата, но и за оние кои поради карантин се приморани да отсуствуваат од училиште повеќе од 2 недели. Не сакаме да веруваме дека тоа е премолчена форма на притисок и е поддржано директно од надлежните во МОН. Уште еднаш гласно сакаме да ги предупредиме надлежните, без одложување, дека имаат законска обврска на сите деца да им се обезбеди непречено следење на наставата.

Ги охрабруваме родителите да се вклучат активно и преку Советите на родители и Училишните одбори да упатат барања и да предложат мерки кои ќе служат како корекција на непрактичните протоколи односно ќе донесат директни промени во интерес на децата. Родители, од вашата мобилизација, проактивност и притисок ќе зависи квалитетот на наставата под овие посебни услови и дополнително ќе придонесе децата да можат да посетуваат настава.

Очекуваме да се отпочне расправа во најскоро време за да се направат потребните измени во законот за образование и на родителите да им се даде можност за избор за Home Schooling, односно учење од дома.

За крај, сакаме да го изнесеме јавно нашиот став против евентуалното воведување на задолжителна  вакцинација на децата од 12 годишна возраст со постоечките вакцини против COVID 19. Сметаме дека оваа одлука треба да ја донесе секој родител/старател по можност по претходен разговор и консултација со повеќе стручни, професионални, доверливи и високо компетенти лица кои би биле детално запознаени со целокупната состојба и историја на болести на детето како и во разговор со своето дете согласно возраста и зрелоста и дека треба да биде целосно информирана и лична одлука земајќи ги  предвид сите долгорочни и краткорочни ризици и бенефити од преземениот чин и дејствувајќи во најдобар интерес на своите деца“, пишува во соопштението од Меѓаши.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]