Евгениј Анисимов (33) од Русија не можел ни да помисли да го остави своето дете во сиропиталиште, како што сугерирала неговата сопруга. Неговиот син Миша е роден со Даунов синдром, а мајка му не можела да се справи со тоа, па ги оставила. Таткото на Миша решил да го одгледа сам.
Овој млад татко решил да ја сподели својата приказна со светот со цел да им покаже на сите колку се прекрасни децата со оваа дијагноза, но и да ги мотивира другите родители никогаш да не се откажуваат туку да соберат храброст и да се соочат со предизвиците, особено кога станува збор за нивните деца.
Децата со Даунов синдром имаат убава, весела и оптимистичка личност, поради што се нарекуваат и деца на Сонцето. Ако растат во здраво и среќно семејство, ги имаат сите шанси за нормален живот. Евгениј верува дека образованието е исклучително важно затоа што незнаењето доведува до страв и предрасуди, но исто така и до драстични потези како оној што го направила неговата сега веќе поранешна сопруга кога ги напуштила.
„Моментот на среќа по неговото раѓање траеше точно една минута и 39 секунди кога докторот ни рече: „Се плашам дека вашето бебе има Даунов синдром“. Не знаев што да направам, но мислев дека мојата задача во тој момент е да ги исклучам емоциите и да ја поддржам сопругата затоа што верував дека ќе ѝ биде тешко“, се сеќава Евгениј и додава дека чекале неколку дена за да ја потврдат дијагнозата
Колку и да се трудел да биде силен, емоциите сепак го обземале. Излегол од болницата и се расплакал.
„Не плачев долго, но подоцна тие солзи ме засрамија. На крајот на краиштата, ништо не се смени во мојот живот. Сè се случи како што планиравме, се роди мојот син“, вели гордиот татко.
Истата вечер, тој седнал на компјутер и почнал да испитува сè за дијагнозата на неговиот син, како и за децата кои страдаат од Даунов синдром.
„Не знаев ништо за таа дијагноза. Се сетив само на ужасните фотографии од Советскиот учебник по биологија. Влегов на Интернет и истражував. Дознав за Евелина Бледанс и нејзиниот Семјон, кој е роден во истата болница со Мишка. Научив дека во Европа, луѓето со Даунов синдром се добро социјализирани, дека можат да живеат и да работат самостојно“, вели Евгениј.
Тоа знаење не го променило расположението на неговата сопруга. Таа чувствувала дека не е подготвена за ваков вид одговорност и решила да го остави детето. Од друга страна, Евгениј фантазирал да му го посвети својот живот на неговиот син.
„Во ниту еден момент не помислив да го оставам во сиропиталиште, тоа би било навистина нехумано. Со сопругата наскоро се разделивме … Така започна мојот нов живот. Станав самохран татко на дете на Сонцето.
Тој вели дека се обидел да ја убеди сопругата да се предомисли, но таа не сакала. Тогаш нешто пукнало во него. Дотогаш пријателите го нарекувале ‘папучар’ поради неговиот однос кон сопругата, но сега Евгениј решил да биде силен.
„Кога станува збор за мојот син, јас бев подготвен за конфликт. Се обидов да ја убедам дека заедно ќе го поминеме сето ова и ќе ги надминеме пречките … Тој конфликт доведе до наш крај. Дури сега сфаќам дека таа всушност се исплаши“, вели Евгениј.
Тој нагласува дека не се смета себеси за херој, како што го нарекуваат некои.
„За мене беше сосема нормално и природно да останам со мојот син, кому навистина му требам. Јас го воспитувам Миша најдобро што знам и умеам“, заклучува Евгениј, кој сака да ги инспирира сите луѓе кои се во иста ситуација како него да бидат храбри.