Кетрин Пирбум е мајка на три сина – Оливер (7), Џошуа (6) и Тајлер (4). Таа искрено проговорила за воспитувањето на деца со аутизам. Како што вели, нејзините деца речиси никогаш не се поканети на роденденските прослави на нивните врсници, што ѝ го крши срцето.
„Најтешко е поради односот на другите кон моите момчиња. Тие се често исклучени. Најлошо е што самите ги покануваат другите на нивните прослави а никој не се појавува. Како родител ми е тешко да го гледам тоа. Децата често не ги разбираат потребите на врсниците со посебни потреби и тоа ме уништува“, вели таа во текстот објавен на Kidspot.
Добро знае дека луѓето со аутизам другите честопати ги сметаат за чудни и верува дека тоа е затоа што тие не ја разбираат оваа состојба.
„Тие имаат нарушување на сензорното процесуирање и тешко им е кога им ја допирате косата. Затоа понекогаш не можам да им ја измијам косата, а одењето на фризер е невозможна мисија”, опишува таа.
Неодамна таа го однела на потстрижување својот најмлад син, па тој почнал да вреска и да плаче, поради што другите ја критикувале. Една двојка се пожалила на бучавата па таа подоцна се расплакала во автомобилот.
„Дискриминацијата е насекаде околу моите момчиња. Во секој аспект од нивниот живот. Ги одбиваат на училиште, на спортските активности, забавите, луѓето покажуваат со прст кон нив и им се смеат, слушаат грди коментари и поради тоа ми се превртува желудникот. Јас сум благодарна што сум опкружена со толку силен, различен и уникатен тим“, вели таа и признава дека причината за нејзината приказна е желбата другите да се обидат да го разберат секојдневниот живот на децата и родителите со аутизмот.
Фото: Фејсбук