Мајка, наставничка по музика и вредна пчеларка

Нашата соговорничка Aнита Ципушева е мајка на две деца, наставничка по музика како нејзината мајка и пчеларка како нејзиниот татко. Во пчеларникот работи со својот сопруг, а желба ѝ е да направи апикомора и да им овозможи на своите радовишани да ги почувствуваат сите благодети на апитерапијата.

0
1714

Анита Ципушева има 43 години, таа е сопруга и мајка на две малолетни деца, работи како наставник по музичко образование за учениците од шесто до деветто одделение во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во својот роден град, Радовиш.

Часовите по музичко образование сега, во време на пандемија, ги извршува онлајн, од училиштето или од дома.

„Нормално дека не е исто како кога сме со физичко присуство кога повеќе внимание посветуваме на пеењето и музицирањето заедно со учениците, додека сега наставата е повеќе е сведена на слушање музички примери или претходно снимени песни или мелодиски вежби“, објаснува Анита.

Таа свири на три музички инструменти, клавир, виолина и хармоника, но денес најмногу се дружи со клавирот.

Нашата соговорничка има две деца, единаесетгодишниот Атанас кој веќе шест години го посетува нижото музичко училиште во Радовиш и свири клавир, и седумгодишната Снежана која две години оди во истото училиште и исто така, свири на клавир.

„Посебно ми е мило кога ги слушам како свират и ја негуваат музиката. Инаку, и мојата мајка е наставничка по музика во пензија и кога ќе ги слушне како вежбаат, веднаш се знае што следува – награда од баба. Таа секогаш вели дека нема подобра професија од музиката и дека е најдобро децата да се едуцираат музички и да се дружат со некој музички инструмент“, вели Анита.

Но, нејзината професија не е причината за нашиот разговор со неа. За неа дознавме преку нашата неодамнешна соговорничка, госпоѓа Лилјана Јоноски, извршна директорка на Руралната коалиција и е дел од руралното женско лоби кое делува во рамките на Коалицијата.

Имено, освен што е наставничка по музичко, Анита е и пчеларка. Таа, како што вели, хонорарно се занимава со пчеларство.

Сите обврски што мора да се извршат ги прави навремено и со план.

И додека со својата професија како наставничка по музичко на некој начин ја наследила својата мајка,  пчеларството како занает го наследила од својот татко кој се занимава со истото повеќе од 40 години.

„Растев во пчеларско семејство, а кога некој се занимава со пчели, тоа станува едноставно еден начин на живот. Невозможно е да не ги засакаш пчелите кога ги гледаш сите нивни благодети.

Производите од пчелите ги продаваме од дома, имаме стални муштерии, а секако и нови на кои им се допаѓа нашиот мед. Радовиш е мал град и речиси сите се знаеме или сме некако поврзани, па така е лесно да се најде пласман ако се има квалитетен производ“, вели Анита.

Иако музиката е голем дел од нејзиниот живот, кога е во пчеларникот за неа најубава музика е зуењето на пчелите.

„Кога одам во пчеларникот сакам да го слушам зуењето на пчелите, тоа е еден посебен звук кој ми дава мир и спокојство.

Понекогаш, кога има потреба, во пчеларникот помагаат и децата. Нормално, се лутат кога ќе ги боцне некоја пцела, но ние секогаш им велиме дека е тоа здраво и добро за нив. Се надевам дека ќе го засакаат пчеларството и дека ќе ја продолжат семејната традиција и ќе го работат тоа и во иднина“, вели нашата соговорничка.

Што се однесува до целите на руралната коалиција и родовата еднаквост, таа смета дека кога станува збор за руралните производители,  проблемите се заеднички за сите.

„Работата си е работа, нема машка или женска работа, само има тој што сака да работи и тој што не сака да работи. Благодарение на Руралната коалиција имавме можност да се запознаеме меѓусебе ние, жените кои се занимаваме со било какво производство, да се види нашиот труд и да се вреднува нашата работа и посветеност. Во време на пандемија немавме можност да се видиме лице в лице, но се надевам дека наскоро ќе се овозможи и тоа.

На еден начин се запознавме преку осмомартовската активност која ни ја овозможи Рурална коалиција, со кампањата „Од жена за жена“, која изнајде начин за време на пандемија да допре до нас жените, преку регионалниот координатор, за да се запознаеме со прекрасните локални продукти направени од вештите раце на жените. Исто така сум задоволна што Рурална коалиција се ангажира руралните жени да станат видливи и препознатливи на пазарот на труд преку мерките и активностите кои ги спроведува. Рурална коалиција направи чекор кои многумина не го направиле досега и затоа сум многу задоволна и благодарна што ги вреднува руралните жени, нивните трудови, потенцијали и услуги.

Сепак, Анита вели дека во нивното производство е потребна тимска работа, па таа ги извршува сите обврски околу пчеларникот заедно со сопругот.

„Пчеларството е професија која не бара постојана работа, туку навремено извршување на неопходните работи, следење на пчелните семејства и постојано едуцирање за нив. Јас сум задоволна со тоа што го добиваме од пчелите, но желба ми е во иднина да направам апикомора во мојот град и моите сограѓани, па и пошироко, да ги почувствуваат и благодетите од аеро терапијата од воздухот во кошниците. Во југоисточниот и источниот регион во Македонија сѐ уште нема изградено апикомори“, посакува Анита.

[better-ads type='banner' banner='999' ]