Клер Тавел е мајка и производител на играчки од Обединетото Кралство. Таа започнала да прави посебни кукли со апаратче за слушање за нејзината ќерка која е родена со оштетен слух.
Во тоа време, не постоеле кукли што го претставувале нејзиното девојче. Нешто морало да се стори во врска со тоа, па таа тргнала во акција и ја отворила онлајн продавницата „BrightEars“.
Нејзината продавница сега има модни додатоци и цели колекции наменети за деца со оштетен вид и слух и други попречености.
Клер започнала со потрага по играчка со која ќерка и ќе може да се идентификува.
Ниту една продавница не продавала или правела кукли што личеле на Тили. Ова многу ѝ пречело. Некако изгледало како недостатокот на интерес за правење играчки за деца со попреченост е начин да се игнорира нивното постоење.
„Се чинеше дека таа не е важна затоа што не се вклопуваше во она што општеството го сметаше за“ нормално“, па зошто воопшто би ја забележале?“, рекла Клер.
Таа немала доволно време и трпеливост да почека некој друг да започне да ја прави и продава играчката што ѝ била потребна неа и на нејзината четиригодишна ќерка. Така дошла до идеја да ја направи првата кукла за деца со инвалидитет. „Таа беше малку незграпна, но барем оваа кукла го имаше истото помагало за слушање како и мојата Тили. Тили се вљуби во неа штом ја виде“, се потсетила таа.
Другите родители исто така започнале да бараат кукли кои личат на нивните деца.
Набргу откако ја завршила својата прва кукла, мајките на другите деца ја прашале дали ќе направи и за нив. Клер, која работи како радиолошки технолог, рекла дека ќе се обиде. Така, во слободното време, таа започнала да прави и да продава кукли на семејства кои, како и таа, се чувствувале занемарени.
Таа одлучила на својата продавница да ѝ го даде името „BrightEars“ по слушниот апарат на Тила, бидејќи тие го украсиле со налепници со диносауруси и еднорози пред Клер да започне со оваа авантура. „Сите уреди на Тила се намерно украсени така што тие, во суштина, се шарени и забележливи. Тие се дел од неа и не сакам да се срами од нив, ниту да се чувствува дека треба да бидат скриени. Таа е глува и горда е на тоа“, додала таа.
Нема да се криеме поради нашиве „разлики“, горди сме со нив и имаме право да бидеме прифатени.
Продавницата и проектот на Клер напредувале со текот на времето, од една кукла со слушно помагало до цела разновидна колекција на кукли кои не само што ги зајакнуваат децата, туку и ја промовираат различноста преку забава и игра. Таа објаснила дека причина за малтретирањето е честопати незнаењето и дека тоа може да се надмине само преку свесност за тоа.
Клер продолжува да работи вредно од нејзината трпезариска маса, што е, во моментот, единственото место каде таа ја работи оваа работа. Досега има направено околу 3.000 кукли.
Додека нејзиниот бизнис постепено растел, нејзината главна цел останала иста како на почетокот кога правеше кукли само како хоби: „Да кажам јавно дека нема да се криеме заради нашата „различност“, да, ние сме тука, постоиме и имаме право да бидеме прифатени, горди сме на тоа!“