Мајката да продолжи со доење и ако е заразена со коронавирус

Во рамки на Светската недела на доењето (од 1-7 август), доаѓа и препораката дека мајките треба да продолжат да ги дојат своите бебиња и доколку имаат Ковид-19. Оваа препорака е во согласност со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, а образложението е дека придобивките од доењето го надминуваат ризикот од зараза.

0
150

„Поддршка на доењето за поздрава планета“ е годинашното мото на Светската недела на доење, која традиционално се одбележува од 1 до 7 август.

Годинава, во екот на пандемијата со КОВИД 19, една од најактуелните дилеми е и онаа, дали мајките кои се заразени со коронавирусот треба да ги дојат своите бебиња.

Според препораките на докторите кои се во согласност со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, мајките треба да продолжат со доење и доколку имаат Ковид-19 затоа што придобивките од доењето го надминуваат ризикот од зараза.

„Сите мајки во погодените и во подрачјата на ризик кои имаат симптоми на треска, кашлица или отежнато дишење, треба веднаш да побараат медицинска помош и да ги следат инструкциите од својот лекар.

Со оглед на придобивките од доењето и малата улога на мајчиното млеко во пренесување на други респираторни вируси, мајката може да продолжи со доење, спроведувајќи ги сите потребни мерки на претпазливост.

За мајките со симптоми кои се чувствуваат доволно добро за да дојат, ова значи да носат маска кога се во близина на детето (и при хранење), да ги измијат рацете пред и по контактот со детето (како и при хранење), и да ги исчистат/дезинфицираат контаминираните површини – како што треба да се направи во сите случаи кога некој со потврден или суспектен КОВИД-19 комуницира со другите, вклучувајќи ги и децата. Ако мајката е премногу болна, треба да се охрабри да се молзе и млекото да му го дава на детето преку чиста чашка и/или со лажиче – истовремено следејќи ги истите начини на превенција“, е една од препораките поврзани со коронавирусот кои можат да се најдат на страницата на УНИЦЕФ.

Инаку, реализирани се повеќе студии во различни региони од светот и во ниту една од нив не е докажано присуство на вирусот во мајчиното млеко. Тоа значи дека единствен начин на кој мајката може да му го пренесе вирусот на своето дете е преку респираторните патишта. Поради тоа, неопходно е одржување на личната хигиена и задолжителна употреба на заштитни маски при доењето.

Според СЗО и УНИЦЕФ, Ковид-19 суспектна или позитивна мајка во првите моменти од раѓањето треба да го стави бебето на своите гради, не само заради млекото, туку и заради таканаречениот кожа на кожа-контакт, исклучително значаен за емотивната и психолошката поддршка, како за бебето така и за мајката.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]