Валентина Петерсен е скопјанка, и тоа, од центарот на градот. Две години учела во „Никола Карев“, а последните две во „Јосип Броз Тито“. Завршила социологија на Универзитетот „Кирил и Методиј“, ама никогаш не работела во професијата. Вели дека уште од тие денови имала „идеја“ да се омажи за Скандинавец. И животот ѝ го донел Хенрик Петерсен, директно од Скандинавија, поточно, од Данска.
„Хенрик беше тука во мисија и требаше да си оди, ама некогаш некои работи успеваат да се наместат самите така како што треба. Јас од секогаш сакав да имам маж Скандинавец затоа што тие многу ги чуваат жените, многу се коректни, културни, љубезни. И Хенрик е жив доказ дека сум била во право. Не бевме во официјален брак додека децата не стасаа за на училиште. Потоа, бидејќи планиравме да одиме во Данска за децата да учат таму, го официјализиравме бракот и тоа беше најубавиот ден во нашиот живот затоа што со нас беа и нашите деца Теа и Нино, кои сега имаат 24 и 23 години.
Потоа сепак не заминавме за Данска, едноставно, не се наместија така работите, се наместија така за да останеме тука. Хенрик доби убава работа во „Мерцедес“ (тој е механичар за камиони) и останавме тука. Ќе си одиме во Данска кога ќе бидеме стари, за да не чува државата, бидејќи нашава не ги чува пензионерите“, се смее Валентина.
Иако не отишле да живеат во Данска, често одат таму. Родителите на Хенрик никогаш не ги запознала затоа што рано починале и двајцата, но има други блиски роднини со кои имаат одличен однос.
„Хенрик има брат и сестра и тие се супер. Неговиот брат со семејството ни беа летово на гости, а на свадбата на син ми кој неодамна се ожени со снашката Ана, му дојде еден од братучедите од Данска. Се посетуваме, но кога ние одиме во Данска, Хенрик сака да не прошета секаде кадешто не сме биле, па седиме неколку дена на гости, а потоа шетаме. Јас кога отидов првпат во Данска, навистина се трудев да им најдам барем една маана, нешто за што ќе можам да се фатам и да не жалам секогаш кога ќе треба да се вратам во нашиов македонски хаос, ама не успеав. Навистина човек не може да им најде ниту една маана. Сите мали работи кои недостасуваат кај нас, таму се секојдневје, средината во која живее човек е гратис – зеленило, средено, чисто и дефинитивно, нема врска она мислење кое преовладува кај нас дека се Данците ладни како народ, напротив! Среде улица да прашаш некој нешто, секој ќе застане да ти објасни, ќе ти излезе во пресрет, а сите зборуваат англиски и не само во Копенхаген, туку и во селата. На пример, во селото на маж ми, тетката која на плоштадот продава плетени чорапи како што кај нас продаваат на Бит Пазар, на перфектен англиски ми објасни како се плетат чорапите од филц.
Патем, кога првпат дојдов во селото на маж ми, не можев да се начудам. Село?! Тоа е едно прекрасно место кое изгледа како најелитна населба со убави куќи, средено, чисто, со широки улици, банка, пошта, училишта, а фармите, не знаеш дека постојат сѐ додека не влезеш внатре, никаква смрдеа, кал, отпад и слични работи на кои сме навикнати во нашиве села и градови. Што се однесува до луѓето, дури и ако ти се сретне случајно погледот со некого, ќе ти каже ‘добар ден’. Кај нас ни на планина не се поздравуваат. Знам, затоа што ние веќе 12 години живееме на планина. Ќе дојдат за викенди и им викаат на децата: ‘викај тука сине, извикај се, да ти се смират хормоните’. Не гледаат дека тука живеат луѓе, дека пречат некому. Наместо да се организира некакво друго празнење на енергијата, тие ги учат да викаат. Затоа јас кога се однесуваат недолично, кога фрлаат ѓубре и викаат, им велам: ‘ова не е депонија, и ве молам не викајте, ми ги вознемирувате кокошките’. И навистина ми ги вознемируваат“, вели Валентина и постојано се смее, а зборовите ‘љубов, уживање, мир, спокој и среќа’ се постојано во нејзините реченици.
Првите години од нивната македонско-данска заедница живееле во Центар, но со време, особено поради проблемите со дишењето на Нино кога бил мал, одлучиле да си одат од Скопје.
„Нино имаше тешкотии со дишењето, со крајниците, сфативме дека е сѐ полошо, премногу луѓе во Центарот, нечистотија, бучава, загаден воздух и заедно со децата кои тогаш сѐ уште го немаат завршено основното училиште, донесовме одлука да си одиме на планина. Кога отидовме првпат во куќата во која живееме веќе 12 години, повеќе не се вративме во Скопје.
Живееме во атарот на село Моране, ама сме 3-4 километри оддалечени и од селото, живееме на повисоко, буквално на планина и до кај нас се стасува само со теренско возило, а во зима и со синџири на тркалата. Има автобуси на половина час-час па децата си ги знаеја термините и си одеа без проблем секој ден до училиштето, а потоа и во средно и на факултет. И двајцата од мали ги воспитувавме да бидат самостојни, да работат, никогаш не биле како другите деца кај нас, да одат секој ден на кафиња, да излегуваат до доцна или да спијат до пладне.
Напротив, Нино кој заврши во ‘Георги Димитров’, после или пред училиште одеше на пракса кај еден човек и сега работи во фирма за изработка на мебел, а неговата сопруга Ана е дизајнер на мебел и работи во дрига компанија, но заедно си изработуваат мебел во слободно време, за себе, за пријателите па некогаш и по нарачка.
Теа пак заврши средно во ‘Орце Николов“, а потоа на Машинскиот факултет со просек 9,83, но бидејќи ниедна фирма кај нас не ја вработи, отиде да работи за странска фирма. Кога не работи живее кај нас, зашто така ѝ е поефтино. Синот и снашката Ана живеат во дел од куќата на нејзините родители бидејќи работат со материјали кои би било тешко да се донесат до тука, но со задоволство секој слободен момент го користат за да дојдат да не посетат.
Кога се преселивме во село ми беше страв како ќе функционираме, сѐ беше ново за мене. Година-две не правевме ништо, само се адаптиравме на животот овде, а откако почнавме да функционираме убаво и кога веќе си направивме некој ред во животот, а децата беа веќе во средно, се договоривме да почнеме да чуваме кокошки зашто е штета да живееш на село, а да немаш природна и здрава храна.
Така почнавме да чуваме кокошки, но сортни кокошки. Имавме и сѐ уште имаме од англиската сорта ‘Сасекс’, која е благородна и има најубаво месо, а несат и убави јајца. Тие кокошки се пуштени низ дворот, 20-30 од нив имаме во секој момент. Продадававме и јајца и месо, а со Теа која е експерт за јуфки, бевме пионери во сукањето домашни јуфки од интегрално брашно, јајца од препелица и домашно селско кравјо млеко. Децата беа задолжени за дистрибуцијата и помагаа на фармата, па така си го заработуваа и џепарлакот, но потоа, кога пораснаа и почнаа да се занимаваат со своите професии, немаа веќе време па престанавме со продажбата затоа што јас не можам да постигнам сѐ сама. Но во секое време имаме за себе јајца и кокошки. Чуваме и кокошки од француската сорта ‘Бри’, потоа, ‘Дукатки’ – тоа се африкански диви кокошки, мисирки и јапонски потполошки.
Дукатките не можат да се припитомат и викаат како луди, женското вика од сабајле до вечер, а машкото од вечер до сабајле, ама затоа змија не може да влезе, ниту пак птица да прелета незабележано“, се смее Валентина раскажувајќи.
На својот имот тие имаат и огромни кафези за кокошките, иако повеќето од нив си шетаат слободно низ дворот, освен јапонските потполошки кои се чуваат само во кафези бидејќи можат да побегнат, а не смеат и да јадат ништо зелено.
„За кокошките имаме големи кафези, цела куќа од 40 квадрати со затворен дел и отворен дел со мрежа, вистинска амбасада за кокошки“, вели нашата соговорничка.
Иако е градско дете и за неа сето ова било ново, па дури на почетокот ѝ било страв да ги фати во рака кокошките, сега е вистински експерт и сама ги веде пиленцата.
„Имам инкубатор и сѐ што е потребно за да ги изведам пилињата, па кога кокошките ќе снесат јајца, прво се чуваат под одредени услови, па одат во инкубатор, па се ведат пиленца, а тие се радост кај нас. Некои се миленичиња и добиваат имиња, а некои се за јадење. Морам да признаам дека сме ние големи љубители на месо и тие се често на нашата трпеза. А месото од овие сорти кокошки кои ги чуваме е навистина многу вкусно, но со оглед на тоа што за нив има специјален режим на исхрана, се разбира, сѐ е природно и органско, се добива саканиот квалитет на месото кое чини од 25-30 евра килограм. Ама тоа е само за наше уживање, не продаваме ниту пак имаме доволно за продажба. Кокошките за супа ги вариме во експрес лонец, или се печат 2-3 часа под фолија. Сѐ друго што е готово за пола час, се знае дека е полно со хормони. Инаку, сета работа околу кокошките мене ми е вистинско задоволство, дури и чистењето и сите валкани работи што треба да се завршат, сама ги правам. Ние и децата ги учевме дека не е ништо страшно да се извалкаат и на тоа да гледаат како дел од работата. Порано чувавме и зајци, а за нив беше одговорен Нино, а во иднина сакам да купиме и теле. Зеленчукот не ни успева поради кокошките, не одат заедно кокошки кои слободно шетаат низ двор и зеленчук, ама си купуваме од локалните жители кои знаеме дека го одгледуваат без пестициди. Купуваме и свинско месо од проверени луѓе кои си ги чуваат како за себе, а потоа сами си правиме чварки и сушено месо. Хенрик направи убава сушара, па таму можам во секое време да ги сушам и јуфките што ги сукам. Овошки имаме, па дури и грозје кое затоа што е непрскано, нема ниту еден цел грозд, туку по неколку здрави зрна ама барем знаеме дека се непрскани. Уживаме. Претпладне сме на работа, јас чувам деца, веќе неколку години чувам две прекрасни близначиња, братче и сестриче кои често доаѓаат кај нас и уживаат во дружбата со нашите кучиња Скаген, по името на нашиот омилен дански град и Сара.
Тешко е кај нас на село, бидејќи не се решени многу работи. На пример, немаме канализација, туку септичка јама, немаме асфалтиран пат до дома, а автобусите се многу ретки и нема добра врска со градот, итн. За разлика од средените дански села, тука е вистински хаос, но на маж ми некои работи му се допаѓаат. На пример, знае да каже: ‘Во Данска не смеам да си испечам прасе во двор, а тука можам’. А ние си имаме одредено место за правење скара кадешто ни доаѓаат и пријатели, пржиме тука и чварки, но јадеме и многу свеж зеленчук. Греота е на такво изобилие од зеленчук, да не се јаде сиров и свеж. Затоа омилена храна ни е зготвено месо и сиров зеленчук, односно, многу салати. А Хенрик дома сѐ направи сам. Од клупите и столиците до подното греење и креветите од големи трупци, дрвените скали, сѐ до кутијата за конци. Па така, и покрај сите тешкотии и проблеми, имаме убав дом, мир, спокој и чист воздух иако сме на само 15 км од Скопје“, раскажува Валентина.
Додека разговараме се јавува Хенрик да праша како е баба. Имено, мајката на Валентина по смртта на татко ѝ, на негово инсистирање доаѓа да живее кај нив во село, а деновиве бидејќи ѝ се појавил некој мал здравствен проблем, е на испитување во болница, па грижливиот зет, постојано се информира за нејзиното здравје. Разговорот помеѓу Валентина и Хенрик беше на македонски, иако таа вели дека многумина не го разбираат кога тој зборува на неговиот македонски, како што и неа не ја разбираат Данците, кога таа зборува на својот дански. Со децата Хенрик зборува на англиски, а Валентина и Хенрик си имаат и некој само свој јазик во кој се измешани многу дански, англиски и македонски зборови, но и само нивни кованици.
Валентина ни раскажува и за тоа како тие своите деца ги воспитувале на дански начин иако никогаш не живееле таму, па можеби затоа тие и не се толку добро прифатени од своите врсници тука, но затоа се веќе одамна свои луѓе, самостојни, среќни и нептоварени со неважни работи од типот на најнов мобилен, брендирана облека и слично.
И не само тоа, тие сите заедно практикуваат и качување по карпи, а сега, откако се децата самостојни и свои, Валентина и Хенрик често одат на прошетки и сами, без децата.
„На сите им посакувам брак како мојот, љубовта ни е иста од почеток до сега. Разбирањето ни е исто и кога е најтешко и кога е најлесно да имаш до себе некого на кого можеш да се потпреш, во ниту еден момент да не те изневери во ниту еден поглед. Ете таков е нашиот однос. И не, Скандинавците дефинитивно не се ладни! Хенрик не знае да каже лош збор за никого, искрени е, ако сака да се дружи со некого, кажува, а ако не сака, и тоа го кажува, нема кај него правење лице. Едвај ги чекаме викендите за да се релаксираме, да прошетаме. Се возиме низ цела Македонија, ги имаме поминато сите села и планини, а тој знае места и информации за Македонија кои многу Македонци не ги знаат. Си имаме агенда, каде сѐ уште не сме биле. Истото го правиме и кога сме во Данска“, ја завршува својата приказна Валентина. А има уште многу, но за тоа другпат, се договараме и срдечно се поздравуваме до следната средба, во нивната куќа на планина, на тазе јуфки со сирење.