Магдалена Чадиноска Кузманоски, социјален ментор и исправувач на неправди

Нашата соговорничка е дел од програмата за социјално менторство, а ја запознавме како социјален ментор на 19-годишниот Валентин Ракип, момчето без идентитет. Вели дека лицата со кои работи и нивните лични приказни се нешто што ја преокупира и после работното време и за викенд и дека понекогаш, освен што се занимава со решавање на нивните основни проблеми, откако ќе ѝ се доверат, им ги решава и љубовните проблеми.

0
1241

Магдалена Чадиноска Кузманоски е меѓу првите 10 социјални ментори во регионот и работи со продавачите на уличното списание „Лице в лице“. Таа е социјален работник и во моментот е на постдипломски студии по Клиничка психологија. Во фокусот на нејзиниот интерес е токму таа, најранливата група на граѓани.

Ја запознавме кога го правевме интервјуто со деветнаесетгодишниот Валентин Ракип, момчето без документи, кого Магдалена, како негов социјален ментор, но и пријател, не го остава сам никогаш кога тој има потреба од нејзина поддршка и помош.

За овие невидливи лица, или како што уште ги нарекуваат, луѓе-фантоми, Магдалена знаела и претходно, но сега за првпат имала прилика да работи подиректно со нив.

„Навистина не можете да останете рамнодушни. Знаете, под основни човечки права, се споменуваат право на име, идентитет и државјанство, од сето ова Валентин има само име. Не би знаела што повеќе да додадам освен дека фокусот треба да ни биде изнаоѓање решенија кои ќе бидат во служба на овие лица.

Многу често Магдалена не може да не мисли на луѓето со кои работи, дури и кога ќе си дојде дома, многу често и кога си легнува навечер.

„За мене тие не се само број на предмет, туку личности и тоа не било какви, туку токму оние, на кој најмногу им треба помош и таа помош ја очекуваат од нас. Мислите природно си доаѓаат, не можете да се исклучите целосно после работното време. И за викенд се слушаме чисто да проверам дали се добро. Некои од нив кои се послободни со мене, ги споделуваат и љубовните проблеми, па заеднички ги решаваме“, се смее Магдалена.

Инаку, програмата за социјално менторство за која станува збор во случајов, е развиена од страна на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ во соработка со германското друштво за соработка и развој.

„Програмата ни даде вистински алатки и насоки како треба да се движиме низ процесите, односно како полесно да ги водиме ранливите лица низ процесот на работна интеграција и да ги вклучиме на пазарот на труд. Сакам придвижувања, отсекогаш сум била активистички мотивирана, па можам да кажам дека уживам во работата. Сакам кога се исправуваат некои неправди, односно, ако на овие ранливи лица им е ускратено некое право, се борам како за себе и нема врата на која нема да тропнам, сè додека не видам дека се движиме во посакуваниот правец.

Како социјален ментор менторирам тешковработливи лица во процесот на работна интеграција. Во првата фаза ја проценувам вработливоста на лицето, но и ги препознавам неговите афинитети и можностите за развој. Мојата поддршка продолжува и кога лицето ќе влезе на пазарот на труд и тогаш е повеќе насочена кон поддршка во адаптирањето на новата средина, прифаќањето на организациската култура, напредувањето во развојот на професионалните вештини … Ова е идеална слика како треба да изгледа, но во недостиг на други актери во процесот, јас ја преземам и нивната улога, па можам да кажам дека социјален ментор е и борец со пасивниот систем“, признава Магдалена.

Нејзина главна задача е да ја процени вработливоста, да ги согледа афинитетите и со менторираното лице заеднички да го разработат планот за вработување, почитувајќи ги неговите желби, но и реалните можности.

„Имаме неколку фази во однос на начинот на кои разговараме на средбите, а сè почнува од стекнување меѓусебна доверба. Откако ќе ја стекнеме, главен фокус на средбите ни се изнаоѓање решенија. Разговорите ни се со различна динамика, секогаш го земам предвид и нивното расположение, многу често кога ќе видам дека се многу напнати баш заради предизвиците со кои се соочуваат, пуштаме музика и веднаш се менува расположението.

За жал, ние ја почнавме програмата кога веќе беше почната кризата со ковид вирусот, па тоа ме спречи лично да ги посетам нивните домови. На средбите, детално ми ја опишуваат собата-куќата во која живеат, па некогаш навистина имам чувство како да сум ги посетила. Инаку, во однос на оние основни средства како храна, облека и слично, секојдневно се интересирам како го поминале денот. Тие се сепак продавачи и на нашето улично списание „Лице в лице“, па оттука имам и податоци колку списанија продале, што донекаде е и директен показател за тоа со колку пари располагаат“, објаснува нашата соговорничка.

Таа пробува да постави професионални граници и се обидува да не дозволи да ја надвладее емпатијата, ама признава дека понекогаш некоја лична приказна толку силно влијае врз неа, што ја изместува од колосек. Сепак, се обидува брзо да се врати, бидејќи едукативната програма на „Паблик“ за социјално менторство предвидува и супервизиски сесии кои се наменети директно за психолошка поддршка на социјалните ментори и тие, како што вели Магдалена, навистина им се од голема корист.

Конкретно, за случајот со Валентин Ракип, со кого таа работи околу 6 месеци вели дека проблемот е многу комплексен.

„Сите деца се родени во домашни услови и не се навремено евидентирани. Мајката ги напушта и формира нова брачна заедница надвор од Македонија, а таткото починува без да признае татковство за 6 од децата. Признал само за едно од нив и тоа е среќната околност, затоа што врз основа на тоа е направено ДНК и се потврдува сродство од прво колено. Овој основ е доволен за да се отпочне постапка за добивање граѓански статус која се води во Граѓански суд-Скопје и уште една која се води во МВР за добивање привремен престој на странец, по основ на неговата мајка, која е српски државјанин. Процесите се почнати, но работата се движи премногу бавно.

Не сум ги запознала останатите браќа и сестри на Валентин. За нив знам само работи кои ми ги раскажувал Валентин. Имам впечаток дека се многу поврзани и премногу се грижат еден за друг. За сите нив се отпочнати постапки и навистина се надевам и очекувам успех“, вели Магдалена.

Инаку, заради реализирање на својата мисија, Магдалена и нејзините колеги имаат одлична соработка со организации кои работат во истиот сектор. Во секојдневна комуникација се со Центарот за деца на улица, кој е и партнерска организација на уличното списание „Лице в лице“ од каде што впрочем доаѓа и Валентин.

„Морам да ја споменам и одличната соработка со Александра од Македонското здружение на млади правници, од каде што Валентин, во континуитет добива бесплатна правна поддршка“, вели таа и повторно се навраќа на Валентин за кого има само убави зборови.

„Валентин е еден од најодговорните менторирани лица кои ние ги водиме. Секогаш доаѓа на време на закажаните средби, исклучително се грижи за хигиената, не е наметлив и полн е со ведрина и енергија и покрај сите предизвици со кои се соочува. Не знам дали личната трагедија ги поврзала уште повеќе како семејство, но премногу се сакаат и се грижат за себе. Замислете колкава грижа и свесност од дете кое и самото го немало тоа во животот.

Валентин е со стекнати животни и работни навики, дел ги научи токму низ програмата на социјално менторство, а дел во Центарот за згрижување деца од улица. За него сум сигурна дека нема да ме разочара и дека ќе биде вреден и чесен работник, само му треба шанса“, порачува Магдалена.

[better-ads type='banner' banner='999' ]