Убавите заби не се важни само за убава насмевка , туку се важен дел како за здравјето на усната шуплина , така и за општото здравје кај секој човек
Најчесто се мисли дека само со четкање на забите и редовни контроли кај стоматолог, грижата за нашите заби е завршена и дека тоа е се што треба да направиме за убава и здрава насмевка. Во исто време е важно и да избегнуваме одредени лоши навики, кои можат да им наштетат на забите, да доведат до нивно расипување и побрзо губење.
Речиси на секого му се има случено забите да ги искористи како алат, да отвори кесичка од бомбони, селотејп лента. Сите овие ситници можат да доведат до напукнување на глеѓта, кршење на забните ивици. Неретко може да се случи да дојде до последици кои потешко се санираат.
Во минатото се препорачуваше миење на забите веднаш после оброк. Новите сознанија ни кажуваат дека ако сакаме да ги измиеме забите после јадење, треба да почекаме 30-тина минути, да може плунката да изврши неутрализација на зголемената киселост во устата. Ако забите се измијат веднаш, неутрализацијата се прекинува, а киселините се втриваат директно во забите.
Силното четкање на забите и употребата на тврда четка можеби обезбедуваат чувство дека забите се добро измиени, но тие исто така спаѓаат во групата на лоши навики. Енергичното четкање придонесува за појава на клинасти ерозии на забните површини, повлекување на гингивата. Најдобро е да се користат четки со меки или четки со средна тврдина, со густи влакна .
Наглите температурни промени, конзумирањето на многу ладна или топла храна и напитоци доведуваат до чувствителни заби. За да се изгуби чувствителноста се препорачува употреба на пасти кои во својот состав содржат флуориди.
Шкрипењето на забите е навика која се поврзува со стресот и преголемата емотивност кај луѓето. Тоа е несвесна реакција, која се случува навечер за време на спиење. Предизвикува губење на забната супстанца, болка во мускулите, промени во виличниот зглоб.
Како најраспростанета лоша навика во денешно време сметам дека е зголемената употреба на шеќерите во храната и пијалоците. Оваа лоша навика особено е распространета кај децата. Зголемената киселост, неправилното отстранување на забниот плак предизвикуваат деструкција на забното ткиво и нивно предвремено губење.
Постојат уште многу навики кои можат да им наштетат на забите. Сепак, со одржување на редовната хигиена, користење на забен конец, правилно одбирање на забната паста, редовни контроли кај стоматолог, забите можат да не служат цел живот.
д-р Јасмина Трајкова – Пети