Пред неколку месеци, додека се борев да издвојам време за пишување во моите денови преполни со обврски, еден колега предложи да ја прочитам книгата за секојдневните ритуали на големите уметници. Но, наместо да ми ја понуди инспирацијата на која се надевав, она што ме погоди најмногу за овие креативни гении – главно мажи – не беа нивните распореди и дневни рутини, туку оние на жените во нивните животи.
Нивните сопруги ги заштитувале од вознемирвања и прекини; нивните домаќинки и помошнички им носеле појадок и кафе во чудни времиња; нивните дадилки ги држеле нивните деца подалеку од нив. Марта Фројд не само што му ја подготвувала секое утро облеката на Сигмунд, дури и му ставала паста за заби на четката. Домаќинката на Марсел Пруст, Челесте, не само што му ги носела утринското кафе, кроасани, весници и пошта на сребрен послужавник, туку секогаш му била при рака, секогаш кога сакал да разговара со некого, а тоа понекогаш траело со часови. Некои жени се споменуваат само заради она што го издржувале, како што е сопругата на Карл Маркс – неименувана во книгата – која живеела во беда со преживеаните три од нивните шест деца, додека тој ги поминувал деновите пишувајќи во Британскиот музеј.
Густав Малер се оженил со ветувачки млад композитор по име Алма, а потоа ѝ забранил да компонира, велејќи дека може да има само еден композитор во семејството. Наместо тоа, се очекувало да ја оддржува куќата во тишина за него. По неговото пладневно пливање, тој очекувал од Алма да му се придружи во долгите, молчеливи прошетки додека тој компонирал во главата. Таа со часови ќе седела за време на ужината или во тревата, не осмелувајќи се да го вознемири. „Во мене има таква борба!“, Пишува Алма во својот дневник. „И мизерен копнеж за некој што мисли на мене, кој ми помага да се најдам себеси! Потонав до ниво на домашна помошничка!“
За разлика од машките уметници, кои низ животот го имале сето време за себе, деновите и животните траектории на неколкуте женски уметници вклучени во книгата честопати биле ограничени од очекувањата и должностите во домот и грижата. Жорж Санд секогаш работела доцна во ноќта, практика со која започнала кога била тинејџерка и требало да се грижи за својата баба. Отпочнувањето на пишувањето на Франсин Проус било дефинирано со заминувањето и враќањето на нејзините деца со училишниот автобус. Алис Мунро пишувала во „исечоците“ од времето кое можело да се најде меѓу домашните обврски и чувањето на децата. Маја Ангело сосема го остави домот, проверувајќи се себеси во едноставната хотелска соба кадешто можела да размислува, да чита и да пишува.
Дури и Ентони Тролоуп, кој славно пишуваше 2.000 зборови пред 8 часот наутро, најверојатно ја научил навиката од неговата мајка, која почнала да пишува на возраст од 53 години за да го поддржи својот болен сопруг и нивните шест деца. Таа станувала во 04:00 часот и ја завршувала работата таман на време за да го послужи појадокот на семејството.
Мислам на сите книги, слики, музика, научни откритија, филозофија за кои учев во училиште – речиси сите од мажи. Диригентот Зубин Мехта еднаш рекол: „Јас едноставно не мислам дека жените треба да бидат во оркестар“, како да немаат темперамент или талент. (Слепите аудиции ѝ ставаат крај на таа идеја.) Мислам на интервјуто на Пети Сциалфа во кое вели колку било тешко да ја напише музиката за нејзиниот соло албум, бидејќи нејзините деца ја прекинувале и барале од нејзиното време на начин на кој никогаш не би го правеле тоа со нивниот татко, Брус Спрингстин. И тоа ме потресе: не е дека жените немаат талент да остават свој белег во светот од идеи и уметност. Тие никогаш немале време за тоа.
Дури и денес, низ целиот свет, со толку многу жени во платената работна сила, жените и понатаму трошат најмалку двапати повеќе време отколку мажите за вршење на домашните обврски и чувањето на децата, а понекогаш и многу повеќе. Една студија која опфатила 32 семејства во Лос Анџелес открила дека непреченото слободно време на повеќето мајки траело, во просек, не повеќе од 10 минути на истегнување. И во мапирањето на секојдневниот живот на академиците, социологот Џоја Мисра и нејзините колеги откриле дека работните денови на женските професори биле многу подолги од оние на нивните машки колеги, откако ќе ја вметнете во нив и целата нивна неплатена работа дома. И покрај тоа, таа открила дека мажите и жените што ги проучувале потрошиле исто време на нивната платена работа. Но, времето на работа на жените исто така било прекинувано и фрагментирано, пресечено со повеќе услужни работи, менторство и подучување. Мажите поминувале повеќе од времето на работа во долги периоди на непрекинато време за размислување, истражување, пишување, креирање и објавување за да ги создадат своите имиња, да ги унапредат своите кариери и да ги обелоденат своите идеи во светот.
Во својата теорија за слободното време, Торштајн Веблен напишал дека низ историјата луѓето кои имале способност да го изберат и да го контролираат своето време биле луѓе со висок статус. Тој ги ставил жените на другата страница, пишувајќи дека тие, заедно со слугите и робовите, отсекогаш биле одговорни за тешката работа што им овозможувала на тие луѓе со висок статус да дојдат до своите големи мисли. Феминистичките истражувачи тврдат дека жените честопати имале „невидливо слободно време“ – пријатни, но продуктивни и социјално санкционирани, активности како на пример групите за читање книги. Сепак, чистиот одмор, време само за себе, не е ништо помалку од храбар чин на радикален и субверзивен отпор. Еден истражувач се пошегувал дека е тоа полесно да се направи доколку, како писателката, композитор, филозоф и мистик, Хилдегард од Бинген, станете калуѓерка.
Феминистичките истражувачи исто така откриле дека многу жени не чувствуваат дека заслужуваат долги временски периоди само за себе, како што го имаат тоа мажите. Тие сметаат дека мора да го заработат ова. И единствениот начин да го направат тоа е да стигнат до крајот на списокот од работи то треба да се завршат, кој никогаш не завршува, како што пишува Мелинда Гејтс во својата нова книга, убивајќи ги соништата за цел живот. Навистина, се обидував да издвојам време да размислувам и да го пишувам овој есеј повеќе од четири месеци. Секојпат кога ќе седнев за да почнам, добивав паничен повик или имејл од мојот сопруг, син или ќерка; мајка ми, на која ѝ требаше помош во справувањето со бескрајната документација како нова вдовица; компанијата за кредитни картички; или механичарот за некоја итна работа или некој друг, што го бара моето непосредно внимание за да се спречи одредена катастрофа.
Се сеќавам на интервјуирањето на психологот Михали Цсиксентмихали, познат по идентификацијата на состојбата на протокот, највисокото човечко искуство кога некој е толку апсорбиран во значајна задача што времето ефективно исчезнува. Тоа е состојба за која уметниците и мислителите велат дека е услов за создавање на нешто вредно. Го прашав дали неговото истражување испитувало дали жените имаа можност да влезат во протокот како мажите. Се мислеше за момент, а потоа ми кажа една приказна за една жена која го изгубила поимот за време додека ги пеглала кошулите на нејзиниот сопруг.
Имам чувство на загуба кога мислам на големите, ненапишани поеми кои останале на полираните подови. И долго време мислев дека очекувањето подовите да бидат исполирани е она што ги чуваше тие нераскажани приказни свиткани во неа, компресирани, како што пишува Маја Ангелу, до точка на болка. Но, се прашувам дали не е исто така причина и тоа што жените чувствуваат дека не заслужуваат време за себе. Се прашувам дали, исто така, чувствуваме дека не заслужуваме да ги раскажуваме нашите нераскажани приказни, затоа што можеби не вреди да се слушнат.
И јас често се прашував: дали една жена што напишала роман од шест тома врз основа на сопствениот живот би добила исто внимание и меѓународно признание како норвешкиот писател Карл Ове Кнаусгаард, автор на „Мојата борба“?
Вирџинија Вулф некогаш си замислуваше што ќе станеше со Шекспир ако се родел како жена или ако имал подеднакво надарена сестра.
Женскиот Шекспир, пишуваше Вулф, никогаш немаше да има време или способност да го развие својот гениј. Во раскажувањето на Вулф, сестрата на Шекспир, и покрај нејзината голема надареност, би завршила луда, мртва или затворена во куќа во шумата и би била исмевана како вештерка.
Но, тоа не беше крајот на приказната. Вулф замислувал дека во иднина ќе се роди жена со гениј. Тоа целосно ќе зависи од светот што ќе го создадеме. „Ќе се роди ако ние работиме за неа“, пишува Вулф.
Не тврдам дека имам одреден гениј. Но, понекогаш, сонувам дека сум седната во една темна просторија на маса спроти друга верзија од мене, којашто седи, неврзана за времето и тивко пие чаша чај. „Би сакала да ме посетувате почесто“, ми вели. И се прашувам дали таа ужасна ноќна болка која понекогаш се населува во мене не само затоа што имам толку малку непрекинато време за да ги раскажам моите сопствени нераскажани приказни, туку затоа што се плашам дека она што е во мене можеби не вреди да се обрнува внимание на тоа. Можеби тоа е она со што не сакам да се соочам во таа темна соба за која сонувам.
Исто така, се прашувам: што ако навистина успееме да создадеме свет кадешто сестрите на Шекспир и Моцарт, или која било жена, навистина би можеле да напредуваат? Што ќе се случи ако одлучиме дека жените заслужуваат време да одат во своите темни соби и да останат некое време на кујнската маса? Што ако сите одлучивме почесто да се посетуваме себеси, да пиеме тивко шолја чај со себеси, слушајќи како се расплетуваат приказни како што тие не се разбуди, знаејќи дека тие имаат вредност едноставно затоа што се вистинити? Би сакала да видам што ќе се случува следно.
Текстот и илустрацијата се преземени од ТУКА.
Илустрација: Mikyung Lee/THE GUARDIAN