Коронавирусот ја одзема сурогатот мајката која беше нашата последна надеж за бебе

Со оглед на тоа што влијанието на „Ковид-19“ се чувствува низ целиот свет, Британката Емили Хоџ зборува за тоа како се чувствува таа сега, кога е толку близу до тоа да стане родител, во ситуација кога нејзиното бебе е илјадници милји далеку од неа

0
806

Пред две недели сè се смени. Од ноември минатата година, сурогат мајка во Канада е бремена со моето бебе, дете што јас и мојот сопруг се обидувавме да го имаме последната деценија. Со секој изминат ден, се приближуваме до датумот на раѓање, но не знаеме дали ќе бидеме таму за да го дочекаме неговото доаѓање на светот.

Бременоста се одвиваше добро и далечината не ни претставуваше проблем, како ни тоа што некој друг конечно го правеше наместо мене она што јас не можев. Но, сега имам 40 години и не сум плодна, а се чини дека Ковид-19 се обидува да ми ја украде последната надеж да станам мајка.

Ние се свртевме кон барањето на сурогат пред две години како последна надеж да го имаме детето што 10 години се обидувавме да го имаме. Мојот сопруг Дом и јас се венчавме во мај 2010. година. Неколку месеци подоцна, во август, дознав дека сум бремена. Но, во октомври истата година, на возраст од 30 години, ми беше дијагностициран карцином на дебелото црево. Како резултат на тоа го изгубивме бебето и потоа следуваа операции и хемотерапија.​

После тоа, решивме да се обидеме да забременам со ин витро, но помеѓу 2013-2015 година доживеавме три неуспешни обиди и потоа на крајот на 2015 година изгубив уште една бременост.

За тоа време го изгубивме и свекор ми од рак на дебелото црево и свекрва ми, исто така од рак. Секако, не беше сѐ само несреќи и тага, но неможноста да имам свое дете, беше многу тешка за мене и за нашите односи.

Во 2018 година, седум години откако се зедовме, започнавме да зборуваме за можноста за сурогат мајчинство.

Во Велика Британија сурогатството е легално, но не може да се рекламира или комерцијализира, значи дека не можете да платите некого да ви биде сурогат (иако од родителите се очекува да ги плаќаат трошоците). Брзо ја отфрливме таа варијанта. Во Канада, правилата не се премногу различни од Велика Британија, но има ригорозен правен систем за поддршка на релацијата.

Таа брзо стана идеална локација. После три обиди за ИВФ нашите заштеди беа драстично намалени. И покрај тоа што нашето бебе е оддалечено 3.500 милји од нас, ова изгледаше како вистинска одлука.

Користевме агенција во Канада која ни претстави потенцијални сурогати преку шема за виртуелни средби. Сретнавме неколку луѓе на Интернет, но штом ја запознавме нашата сурогат мајка, знаевме дека таа е вистинската. Таа веќе имаше свое семејство од три девојчиња и сакаше да ѝ помогне на друга двојка да има свое бебе. Беше совршено.

Во 2019 година тргнавме на патувањето. Ги создадовме ембрионите, разговаравме за лекови и хормони, усогласивме состаноци со оглед на различните временски зони и гледавме како оваа жена – странец – ни го носи сонот и се обидува да го направи за нас реалност.

Во ноември минатата година, на мојот 40-ти роденден, нашиот сурогат се јави за да ни каже дека има позитивен тест за бременост. Плачев со солзи од радост.

Последен пат ја видовме нашата сурогат мајка лице в лице во средината на март – пред забраната за патување поради „Ковид-19“. Зборувавме за коронавирусот со неа, но како и многу луѓе, сметавме дека тоа не е наша грижа. Само што се вративме во Велика Британија, работите започнаа да се влошуваат. Но, дури и тогаш сѐ уште чувствувавме дека можеме да стигнеме таму за раѓањето на нашето бебе.

Потоа, во сабота, на 28 март, нашиот канадски адвокат се јави и ни рече дека треба да ги спакуваме торбите и да дојдеме во Онтарио што е можно поскоро. Ако не сме таму за раѓањето не само што ќе има огромни практични проблеми при внесувањето во изводот од матична книга на родените како родители на бебето туку ќе има и огромни импликации за нас и нашето новороденче. Нашиот сурогат понуди да се грижи за бебето додека не пристигнеме, но тоа е премногу за  неа во оваа фаза.

Поминував од оптимизам низ циклусот на тага неколку пати на ден. Чувствувам очај, но и вина затоа што се грижам за нешто толку себично и чувствувам лутина затоа што ова беше уште една пречка која се појави сега кога конечно бевме на вистинскиот пат.

Сакав да ги имам последните неколку месеци за да се подготвам за нашето долгоочекувано бебе. Но, сега мора да се грижиме за изолацијата и ограничувањата на летовите и затворањето на меѓународните граници.

После долгогодишни тешкотии сакавме конечно да уживаме во ова поглавје, но сега сме тука кадешто сме.

Дом продолжува да биде прагматичен, тој прави многу повици и разговори со адвокатите, и комуницираме преку Whatsapp со нашиот сурогат каде можеме да зборуваме и да споделуваме слики секој ден. Таа ни раскажува за нејзиниот ден, за нејзините деца и за бебето; Претходно не чувствував потреба да знам што се случува низ целата земја. Тоа е нејзино тело и јас верувам дека таа ќе го поддржува нашето бебе како што знае и умее, но сега се чувствувам повеќе вознемирена.

Се согласивме дека постои можност мојот братучед кој живее во близина на границата со Канада, во Америка, може да вози и да го земе бебето и да биде наша официјална дадилка сè додека не можеме да заминеме таму и самите, но сега границата САД-Канада е затворена, па и тоа повеќе не е опција.

Наместо тоа, Дом и јас сега имавме летови резервирани за Канада за 16 април (денеска) по совет на нашите адвокати. Кога ќе стигнеме таму, ќе мора да бидеме во карантин, во нашиот AirBnB, додека сурогат мајката ќе треба да не снабдува со храна. Секако, ова не е идеално, и сè уште има многу прашања во врска со самото раѓање кои треба да се решат; најверојатно ќе биде породена во болница, и без нас. Но, јас се обидувам да не мислам толку однапред на тоа.

Знам дека нашиот проблем е толку мал во големата шема на нештата во моментот, но исто така чувствувам дека заслужуваме после толку години обиди да станеме родители, сега кога сме блиску до крајот, да немаме повеќе препреки.

Текстот е преземен од ТУКА.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]