Конечно откриена причината за синдромот на полицистични јајници

Најчестата причина за женската неплодност - синдромот на полицистични јајници - може да биде предизвикан од хормонален дисбаланс пред раѓањето. Откритието доведе до лекување кај експерименталните глувци, а подоцна во текот на годинава ќе се почне со примена на експерименталниот лек и кај жените.

0
2439

Синдромот на полицистични јајници влијае на една до пет жени ширум светот, од кои три четвртини се борат да забременат. Состојбата обично се карактеризира со високи нивоа на тестостерон, цисти на јајниците, неправилни менструални циклуси и проблеми со регулирање на шеќерот, но причините веќе долго време се мистерија.

„Тоа е далеку најчеста хормонална состојба која ги зафаќа жените од репродуктивна возраст, но не ѝ беше посветено многу внимание“, вели Роберт Норман од Универзитетот во Аделаида во Австралија.

Третманот е достапен за да им помогне на заболените жени да забременат, но нивните успеси обично се помалку од 30 проценти во пет менструални циклуси.

Промени на матката

Сега, Паоло Џакобини од Францускиот национален институт за здравство и медицински истражувања и неговите колеги откриле дека синдромот може да се активира пред раѓањето со прекумерно изложување во матката на хормонот наречен анти-Милериан хормон.

Истражувачите откриле дека бремените жени со синдром на полицистични јајници имаат 30 отсто повисоки нивоа на анти-Милериан хормон од нормалните. Бидејќи е познато дека синдромот е наследен, тие се прашувале дали оваа хормонална нерамнотежа во бременоста може да предизвика иста состојба кај нивните ќерки.

За да ја тестираат оваа идеја, тие инјектирале вишок анти-Милериан хормон во бремени глувци. Како што растеле нивните женски потомци, тие покажале многу од обележјата на синдром на полицистични јајници, вклучувајќи го и подоцнежниот пубертет, ретките овулации, одложување на забременувањето и помало потомство.

Излишниот хормон, како да го активира овој ефект, преку престимулирање на сет од мозочни клетки што го зголемува нивото на тестостерон.

Лекување кај глувците

Тимот беше во можност да го смени овој ефект кај глувците користејќи цетрореликс, лек за ИВФ кој рутински се користи за контрола на женските хормони. По третманот со овој лек, глувците престанале да покажуваат симптоми на синдром на полицистични јајници.

Тимот сега планира клиничко испитување на цетрореликсот кај жени со оваа состојба, за кое се надеваат дека ќе почне пред крајот на годината. „Тоа би можело да биде привлечна стратегија за враќање на овулацијата и на крајот за да се зголеми стапката на бременост кај овие жени“, вели Џакобини.

„Тоа е радикален нов начин на размислување за синдромот на полицистични јајници и отвора цела низа можности за понатамошно истражување“, вели Норман.

Ако синдромот навистина се пренесува од мајките на ќерките преку хормоните во матката, тоа би можело да објасни зошто било толку тешко да се утврди која било генетска причина за ова нарушување, вели Норман.

Резултатите, исто така, може да објаснат зошто жените со овој синдром полесно забремениле во доцните 30-ти и раните 40-ти години, вели Норман. Познато е дека нивото на анти-Милериан хормон се намалува со возраста, што обично сигнализира намалување на плодноста. Но, кај жените кои почнуваат со високи нивоа, опаѓањата поврзани со возраста може да ги доведат во нормален опсег на плодност – иако ова сè уште треба да се тестира, вели Норман.

[better-ads type='banner' banner='999' ]