Колку болка чувствуваат бебињата?

Мозокот на бебињата реагира на многу сличен начин како и кај возрасните кога се изложени на истиот болен стимул, открива пионерската студија со скенирање на мозокот на Оксфордскиот универзитет. Таа сугерира дека бебињата доживуваат болка многу слично на возрасните.

0
421

Научниците дошле до ново откритие – нашите мали бебиња чувствуваат болка слично, па дури и поинтензивно отколку возрасните.

Универзитетот Оксфорд спровел големо истражување со кое научниците конечно докажале дека, не само што новородените бебиња чувствуваат еднаква болка како возрасните, туку ја чувствуваат уште поинтензивно. Тешко е да се заклучи за колкава болка станува збор само со набљудување па научниците користеле магнетна резонанца за да ги следат активните подрачја за болка во мозокот на бебињата и возрасните.

Во студијата биле вклучени 10 здрави бебиња на возраст од еден до шест дена и 10 здрави возрасни на возраст од 23-36 години. Доенчињата биле регрутирани од болницата Џон Радклиф, Оксфорд, а возрасните волонтери биле всушност вработени на Оксфордскиот универзитет или студенти.

За време на истражувањето бебињата, придружувани од родителите и од клиничкиот персонал, биле ставени во скенер за магнетна резонанца (МРИ), каде што обично заспивале. Потоа се скенирале нивните мозоци додека на стапалата со специјална прачка биле подбуцнувани, слично како со молив, но доволно нежно за да не се разбудат. Овие скенови потоа биле споредени со скеновите на мозоците на возрасните, изложени на истиот стимул на болка.

Истражувачите откриле дека 18 од 20 мозочни региони за болка кои се активни кај возрасните се активни и кај бебињата. Наодите исто така, покажале дека не само што бебињата доживуваат болка како возрасни, туку имаат многу помал праг на болка.

„Сѐ до неодамна се мислело дека не е можно да се проучува болката кај бебињата со таа метода бидејќи бебињата не можат да бидат мирни при скенирањето“, рекла др.Ребека Слејтер од одделот за педијатрија на Универзитетот Оксфорд.

„Меѓутоа, бидејќи бебињата помали од една недела се помирни од постарите бебиња, откривме дека нивните родители може да ги заспијат во скенерот за да можеме да ја проучиме болката во мозокот на новороденото со МНР.

Ова е особено важно кога станува збор за болка: очигледно бебињата не можат да ни кажат за нивното искуство со болка и тешко е да се заклучи болката врз основа на визуелните набљудувања. Всушност, некои луѓе тврдеа дека мозокот на бебињата не е доволно развиен за тие навистина да чувствуваат болка и дека секоја реакција е само рефлекс, но нашата студија дава прв навистина силен доказ дека ова не е случај“.

Истражувачите велат дека сега е можно да се види дека болката која „се случува“ во мозокот на новороденчето изгледа многу слично на болката кај возрасните.

„Илјадници бебиња во Велика Британија се подложени на болни процедури секој ден, но често нема упатства за управување со болката за да им се помогне на лекарите. Нашата студија сугерира дека не само што бебињата доживуваат болка, туку можат да бидат поосетливи на тоа отколку возрасните“, вели д-р Слејтер. „Треба да мислиме на тоа дека ако обезбедиме олеснување на болката за постаро дете што поминува низ процедура, тогаш треба да размислиме за давање на некое средство за олеснување на болката и кај новороденчето кое е подложено на слична процедура“.

Текстот е преземен од ТУКА.

[better-ads type='banner' banner='999' ]