Сите познаваме некое „стармало“ дете, дете кое е зрело за своите години и кое не се однесува во согласност со годините што ги има. Тоа се грижи за помладите браќа и сестри, ги подготвува за на училиште, ги бања и ги облекува, готви оброци за целото семејство и многу често им станува родител на своите родители грижејќи се за нивните потреби. Оваа појава општеството ја одобрува восхитувајќи им се на родителите и на детето, па дури и оценувајќи ја како општествено пожелна.
Овој процес на преземање на улогата и одговорноста на родител од страна на децата го нарекуваме парентификација.
Организацијата на семејниот систем јасно ги дефинира границите, улогата и одговорноста на членовите на системот. Во семејство со јасно дефинирани улоги и граници, родителите работат и заработуваат за живот обезбедувајќи сигурност за членовите на семејството додека децата растат и одат во училиште. На децата им е овозможено да си играат и да уживаат во детството за да можат да пораснат во здрави индивидуи кои ќе преземат одговорност во согласност со годините кои доаѓаат.
До парентификација на детето во семејните системи доаѓа кога едниот или двајцата родители се незрели и недостапни па најчесто најстарото дете ја преземаулогата на оној кој се грижи за семејството, неговото постоење и безбедноста. Овој процес на парентификација на детето често сеслучува во семејсва во кои е присутен алкохолизам или други облици на зависност.
Детето се грижи за нефункционалниот родител, за неговите потреби и сигурност, криејќиго неговиот проблем од околината.
Исто така, во случаи на еднородителски семејства, во случај на развод, болест или смрт на едниот родител,детето функционално го заменува едниот родител. Детето е запознаено со финансиските проблеми, со емоционалните потреби на родителот, како и со неговите чувства, преземајќи огромен товар на своите мали плеќи. Се чувствува преплашено слушајќи работи кои ги надминуваат неговите способности да ги разбере и сфати.
Последиците за овие деца се многу тешки. Некои од нив кога ќе пораснат го повторуваат истиот процес со своите деца, очекувајќи од нив да го носат истиот товар како и тие во детството. Детството на ваквото дете е осаменички живот без пријатели, врсници и родители на кои би можел да им се обрати за совет и за насоки. Овие деца кога ќе пораснат, можатда бираат партнери на кои продолжуваат да им бидат родители. Оваа динамика на односи е многу погубна за партнерството поради огорченоста и конфликтите кои го одбележуваат овој однос.
Затоа запомнете:
Кога се „дружите“ со своите деца, кога им се жалите на својот живот, кога ја демнстрирате својата неспособност да се изборите со своите губитоци и порази;
Кога својата осаменост ја пополнувате со детските души, когаго принудувате детето да ги покрива вашите болни навики;
Кога барате лојалност и благодарност од своето дете во облик на внимание или сочувство поради „сѐ што сте направиле за него“.
Треба да знаете дека во сите овие случаи го лишувате своето дете, не само од родител, туку и од неговиот сопствен живот.
Фото: Pexels