Кога стануваме родители, здравјето и среќата на нашите деца стануваат приоритет во нашите животи. Дали сте запознати со фразите „среќно дете е здраво дете“ или „здраво дете е среќно дете“? Секоја добива на тежина во одредено време.
Конфликтот помеѓу концептот на среќа и здравје често се огледува во исхраната. Заради насмевка на лицето на детето, ќе посегнеме по некоја храна која и не е пример за здрав избор.
Кога, заради здравјето, ќе „ставиме нешто зелено“ во исхраната на нашето дете, што е добар избор, можеме да се соочиме со хистерија или згрозување на детето (или со сопственото чувство дека сме пред портите на пеколот).
Важно е на време да не дозволиме среќата и здравјето да бидат на спротивните страни, а насмевката на лицето на детето да не се поврзува исклучиво со нездрави намирници.
Како прво, треба да имаме предвид дека реакцијата на децата на понудената храна ќе зависи од нашиот став и однесување. Затоа е важно секогаш да даваме добар пример!!! Ако приготвувањето и сервирањето на главните оброци кај децата и не оди толку лошо, проблем може да се појави со ужината и грицките.
За да не дојдеме во ситуација во момент на напад на глад на нашето дете да посегнеме по брзи, често нездрави решенија, најдобро е да се подготвиме на време. Децата ќе го јадат она што го имаме во куќата, затоа наполнете ја кујната со следниве практични, здрави и вкусни грицки:
Овошје
Иако е очигледен избор, секогаш е добро да се истакне, бидејќи овошјето често се заменува со овошни пијалоци, што мора да признаете дека не е исто. Купувајте сезонско овошје секоја недела, тоа е природна брза храна. Овошјето ги исполнува барањата во секоја смисла, слатко и шарено го задоволува вниманието на детето, а со изобилството на витамини, минерали и растителни влакна ќе ги задоволиме дневните нутритивни потреби на детето. Подгответе го овошјето и чувајте го во фрижидер такашто ќе биде лесно за употреба во даден момент.
Суво овошје
Наместо бонбони и други слатки, кога немате време да подготвувате колачи, а вашето дете сака нешто слатко, сувото овошје е брза и здрава замена. За ова овошје да изгледа попривлечно во детското око: истурете чоколадо врз помалото суво овошје, за да наликува на чоколадни бонбони.
Покрупното суво овошје наполнете го со некое јаткасто овошје.
Направете бомбици – смелете ги сувото и јаткастото овошје, направете топчиња што можете да ги извалкате во кокос, какао, цимет или сусам.
Зеленчук
Морков, краставица, пиперка. Секое утро исечкајте еден или два различни зеленчуци на стапчиња, чувајте ги во проѕирна кутија во фрижидер во висина на очите на вашето дете.
Јаткасти плодови и семки
Ако вашето дете не е алергично на оваа храна, тие се добар избор за грицкање. Можете исто така лесно да направите топчиња од ореви и семиња, кои веројатно ќе бидат попривлечни за детското око.
Напитоци
Често ги мешаме гладта и жедта, па затоа мислиме дека сме гладни наместо жедни. Водата не е привлечна за децата, иако е најдобриот и најздравиот избор. Обојте ја водата со природни зачини што исто така ќе ѝ дадат благ вкус. Сок од лимон, лисја од нане, тенки прстени од краставица, мали бобинки, малку сушен ѓумбир, цимет или куркума ќе ја направат водата далеку попривлечна.
Ако понекогаш „потклекнете“ и прифатите брзо решение во форма на слатки и грицки од полиците на продавниците, не очајувајте! Важно е голем дел од вашата и од исхраната на вашето дете да биде според правилата за кои сметате дека се добри за вашето здравје. И не заборавајте, вашиот добар пример и добрата подготовка се клучни!
Фото: Freepik