Кате и Филип и нивната „голема дебела галичка свадба“

После петгодишна врска, додека Катерина Илиевска го гледала новогодишниот огномет за дочекот на 2020-тата, нејзиното момче Филип Бундовски, клекнат на едното колено, трпеливо чекал таа да се сврти за да ѝ го постави најважното прашање: Дали сакаш да се омажиш за мене? Второто најважно прашање било: Дали сакаш да правиме галичка свадба?

0
2363

Филип Бундовски е галичанец и многу пати бил гостин, но и учесник, односно коњаник во свадбарската поворка на традиционалата културна манифестација „Галичка свадба“, а Катерина Илиевска, неговата девојка, а наскоро и жена, инаку скопјанка, почнала да оди на секоја галичка свадба во последните 5 години откако се заедно. Шестата година тие требало да бидат главните актери на оваа манифестација, односно галички младоженец и невеста, но пандемијата на ковид-19, минатата година им ги расипала плановите и за галичката, и за обичната свадба.

Затоа тие двајца се сега уште посреќни. После толку чекање, конечно ќе направат и „голема, дебела, галичка“, и обична свадба. Галичката е викендов (17 и 18 јули), а другата која ќе биде во некој скопски ресторан, ќе биде повеќе како забава и без никакви адети и свадбарски обичаи. Иако, како што вели Катерина, Филип не би имал ништо против и двапати да доаѓа по невестата.

„Иако немам галичко потекло, откако сум со Филип не сум пропуштила ниту една галичка свадба и отсекогаш ми се допаѓаа традицијата и обичаите, но сега за првпат ќе ги запознаам одблиску, и згора на тоа, ќе бидат дел од нив. Инаку, секоја година кога одевме на галичка свадба, јас го прашував Филип дали тој би правел галичка свадба. Тој секогаш одговараше со „да“, и остануваше на тоа. Веројатно суптилно му ја ставив таа идеја во главата, па сега тој си мисли дека е негова“, се смее Катерина, која без размислување, исто како и на првото, одговорила и на неговото второ прашање.

Имено, после петгодишна врска, додека Катерина Илиевска го гледала новогодишниот огномет за дочекот на 2020-тата, нејзиното момче Филип Бундовски, клекнат на едното колено, трпеливо чекал таа да се сврти за да ѝ го постави најважното прашање: Дали сакаш да се омажиш за мене? Второто најважно прашање било: Дали сакаш да правиме галичка свадба?

„Кога ми кажа Филип „Сакаш ли да правиме галичка свадба, без размислување кажав: Сакам!“, раскажува Кате.

Овие двајца симпатични и срдечни млади луѓе, освен што се љубовна двојка и идни сопружници, се и најдобри пријатели.

Додека зборува за своите чувства кон Катерина, за свадбата, зурлите и тапаните, Филип ја покажува и својата емотивна страна. Очите му се насолзуваат, а Катерина го гледа со љубов и вели: „Многу е емотивен, такви се галичаните, особено кога станува збор за галичка свадба“.

„Таа не само што ми беше девојка, туку ми е и најдобар другар. Знаете како е, му веруваш некому, убаво ти е со него, и не размислуваш зошто, едноставно ти доаѓа природно да бидеш со него“, вели Филип.

И нивните родители се воодушевени од тоа што Кате и Филип ќе ја имаат честа да бидат младоженци на Галичката свадба. Секако, сите тие, исто како и братот на Филип и сестрата на Кате, имаат свои улоги. Катерина ги учи обичаите и традицијата, заедно со режисерката на настанот, а и двајцата си ги вежбаат улогите и си ги кажуваат дијалозите додека се сами дома.

„Дури и се снимаме на мобилен за да се слушнеме како звучиме и дали сме го погодиле галичкиот акцент“, признава Филип.

Инаку, неговите родители престојуваат во Галичник голем дел од годината, особено сега, откако се пензионери и седат таму од топењето на последниот снег, па се до октомври. Неговиот татко галичанец е особено горд што синот ќе биде галички младоженец, а снаата, галичка невеста.

И додека Катерина со своите 52 килограми ќе носи на себе носија тешка 27-28 килограми, Филип има полесна и поедноставна носија која тежи најмногу 10 килограми.

Сепак, велат дека во таа еуфорија веројатно ништо нема да им биде тешко, освен, а тоа особено важи за Филип, да не се расплачат од возбуда додека го изговараат својот дел од дијалозите кои веќе 47 години ја следат традицијата.

Кате и Филип се економисти и во моментов и двајцата работат од дома и со душа чекаат да дојде големиот ден.

А за да биде се совршено и без грешка, освен што ги учат дијалозите, пред три недели имале и обука за јавање. Поточно, обуката била за Кате која првпат во живот се качила на коњ, а коњот, како што вели, бил вистински ангел, како што е и неговото име – Ангел. Сепак, на церемонијата, наместо Ангел, тие ќе го јаваат Чили, најстариот коњ во галичката ергела.

На денешната прес-конференција Кате за првпат ја испробала и носијата и вели дека не ѝ било тешко да ја носи.

„Кога ја облеков, наеднаш ми дојде топло, а потоа веројатно поради волната, се приспособив и ми беше пријатно. Нивните поблиски роднини и пријатели кои ќе бидат дел од церемонијата, исто така со нетрпение го очекуваат овој настан.

А најпозната реплика на галичката свадбена церемонија, онаа кога невестата гледа низ прстен и вели: „Низ прстен те гледа, в срце да ти влеза“, е само адет, зашто таа веќе одамна е во срцето на Филип. Од денот кога првпат ја здогледал кога отишол на афтерворк на покана на своја поранешна колешка.

„Кога влегов таму веднаш ја здогледав Кате, па дури и не забележав дека до неа е мојата колешка. После тоа ја побарав на Фејсбук, се помачив еден месец за да ја освојам, а сè друго, заедно со спомените кои ќе ги направиме викендов во Галичник, е дел од убавата приказна која ќе им ја раскажуваме на нашите деца“, вели Филип.

Дел од галичката свадба е и црковната венчавка која кај нив ќе биде пред граѓанската закажана за 20 август.

Традиционално, официјалниот почеток на годинешната Галичка свадба ќе биде означен во сабота, на 17-ти јули, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе го изврши г. Партениј, игуменот на „Св. Јован Бигорски“, во недела, 18-ти јули, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Кате и Филип ги очекуваат многу убави заеднички моменти, но пред сè, нивната „голема, дебела галичка свадба“.

[better-ads type='banner' banner='999' ]