Како тироидната жлезда влијае на плодноста?

Хипотироидизмот може да предизвика неплодност со спречување на овулацијата, дури и кога менструацијата е редовна. Жените на кои не им е дијагностициран хипотироидизам имаат зголемен ризик од спонтан абортус.

0
234

Тироидната жлезда е една од многуте жлезди во нашето тело која се наоѓа во вратот, а некои дури и не знаат дека е таму. Оние кои се свесни за нејзиното постоење се всушност оние кои имаат проблеми со таа жлезда и хормоните што ги лачи. Ако тироидната жлезда не функционира правилно, можеби нема да можете да забремените или да имате здрава бременост. Тироидната жлезда произведува низа хормони, а најважен е тироксинот (Т4) кој влијае на метаболизмот.

Колку повеќе се произведува Т4, речиси секоја клетка во телото ја зголемува брзината со која ја извршува својата работа, вклучувајќи го и срцето што побрзо чука под влијание на Т4. Спротивно на тоа, кога нивото на Т4 паѓа, метаболизмот се забавува. Во идеален случај телото одржува совршено ниво на хормонот Т4, а со тоа и совршена брзина на метаболизмот.

Најчестите нарушувања на тироидната жлезда се карактеризираат со премногу производство на хормонот Т4 хормон (хипертироидизам) или премалку хормон Т4 (хипотироидизам). Симптомите одразуваат премногу брз или премногу бавен метаболизам. Во зависност од тоа колку е сериозна нерамнотежата, симптомите можат да бидат суптилни и состојбата да не се открива со години, а во некои случаи лекарите едноставно не можат да ги забележат симптомите.

Хипотироидизам

Хипотироидизмот, односно, намалената функција на тироидната жлезда, е најчестото нарушување на тироидната жлезда. Забавениот метаболизам може да се манифестира како запек, потешка менструација, зголемување на телесната тежина, намален апетит, летаргија, депресија, когнитивни проблеми, замор, сува кожа, неподнесување на студ или болки во мускулите. Одделни пациенти имаат различни симптоми кои се разликуваат по својата тежина.

Хипотироидизмот може да предизвика неплодност со спречување на овулацијата, дури и кога менструацијата е редовна. Жените на кои не им е дијагностициран хипотироидизам имаат зголемен ризик од спонтан абортус. Па дури и жените со хипотироидизам чија функција на тироидната жлезда се стабилизира со лекови треба внимателно да се следат. Метаболизмот се зголемува за време на бременоста и често тироидната жлезда не може да држи чекор.

Некои жени со премалку активна тироидна жлезда може да имаат зголемено ниво на пролактин, хормон кој го стимулира производството на мајчино млеко. Вишокот на пролактин може да го отежне зачнувањето и да спречи овулација. Покрај тоа, хипотироидизмот може да доведе до проблеми со лутеинската фаза. Лутеинската фаза се јавува во втората половина на менструалниот циклус и трае од овулацијата до менструацијата. Нормално трае 12-16 дена, но ако лутеинската фаза трае пократко од десет дена, ќе се појави проблем со плодноста затоа што нема да дојде до секрециска трансформација на слузницата на матката.

Хипертироидизам

Со хипертироидизам, тироидната жлезда станува хиперактивна, а метаболизмот работи премногу брзо. Знаците на хипертироидизам вклучуваат: почести столици, губење на тежината, неправилни менструации, зголемен апетит, несоница, нервоза, треперење на рацете и забрзано чукање на срцето.

Една од најчестите причини за хипертироидизам е Грејвсовата болест, автоимуно заболување кое влијае на целата тироидна жлезда. Без оглед на причината за хипертироидизам, резултатот понекогаш може да биде прекин на овулацијата и неплодност. Ако жена со хипертироидизам успее да забремени, постои ризик од спонтан абортус или смрт на плодот.

Нарушувањата на тироидната жлезда лесно се откриваат со неколку едноставни тестови на крвта кои ги мерат нивоата на тироидните хормони Т4 (тироксин) и ТСХ (стимулирачки хормон на тироидната жлезда). TSH делува како термостат, го произведува хипофизата и ја регулира функцијата на штитната жлезда. Нивоата на овој хормон исто така може да станат превисоки или прениски бидејќи хипофизата се обидува да ја надомести пребрзата или пребавната работа на тироидната жлезда.

Хашимотов тироидитис

Тука е и крвниот тест кој ја проверува присутноста на антитела на тироидната жлезда. Високото ниво на овие антитела е типично за болест на тироидната жлезда наречена Хашимодов тироидитис (синдром), што секогаш резултира со хипотироидизам. Хашимотовиот тироидитис е класифициран како автоимуна болест, бидејќи телото се врти против себе, создавајќи антитела кои ги напаѓаат клетките на тироидната жлезда и го забавуваат производството на хормони на штитната жлезда.

Ако тироидната жлезда е премалку активна, вашиот лекар ќе ви препише некаква форма на синтетичка верзија на хормонот. Во случај на хиперактивна тироидна жлезда, некои форми на терапија дејствуваат со забавување на лачењето на хормони на тироидната жлезда. Радиоактивниот јод во суштина го забавува производството на хормони, но не треба да го користат жени кои се веќе бремени.

Меѓу различните закани за плодноста, нарушувањата на тироидната жлезда се несомнено најлесно да се препознаат и да се лекуваат. Со соодветна терапија и редовни медицински прегледи, ќе можете да имате нормална бременост и здраво бебе.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]