Блогерката Кристи Џо Џедлики во текот на еден семеен разговор ги прашала своите две ќерки, како би требало да се однесуваат родителите кон своите деца за да бидат добри родители. Еве што одговориле тие:
- Зборувајте им дека ги сакате
Не претпоставувајте дека децата, или било кој друг, знаат дека ги сакате. Точно е дека делата кажуваат повеќе од зборовите, но овие два збора е важно да се изговараат и да се слушнат.
- Немојте да беснеете поради ситници
Премногу често го губиме трпението со децата и очекуваме да бидат позрели отколку што се. А потоа дозволуваме некоја нивна ситна грешка да биде повод за излив на нашиот бес. Децата се отпорни, но не и целосно имуни на грубите зборови и на реакциите на возрасните. Затоа, внимателно бирајте ги битките, а кога веќе ќе влезете во некоја, водете сметка за оружјето кое го користите. Децата не постојат за да ни го олеснат животот, туку за да растат и да учат, а правењето грешки е дел од тој процес. Нервните напади повеќе зборуваат за вас отколку за нив.
- Не претерувајте со барањата
Сите сакаме децата да ни бидат успешни, но по која цена? Некогаш премногу навалуваме на нив да одат преку границите на своите можности и не ги прифаќаме нивните ограничувања. Или го сакаме она што тие не го сакаат. Мораме да ја научиме разликата помеѓу поттикнување и притискање, и да се трудиме да бидеме реални кога станува збор за нивните способности, таленти и интереси. Притисокот може да мотивира, но може да предизвика и отпор.
- Нека знаат дека сте тука за нив
Дури и кога се однесуваат како повеќе да не сте им потребни, на децата им е важно да знаат дека сте тука некаде и дека ќе им се најдете. Не престанувајте да поставувате прашања. Нудете им разговор и заеднички активности. Бидете видлива и добронамерна фигура во нивниот живот.
5. Слушајте ги
Оставете го мобилниот, извадете ги слушалките од ушите, исклучете го телевизорот, затворете го лаптопот. Кога децата ви зборуваат воспоставете контакт со очите. Обрнете внимание и бидете присутни со духот. Активното слушање во денешниот технолошки свет, за жал, изгуби значење, но не е доцна сега веднаш да почнете да ги слушате своите деца.