Ако имате некои обврски кои не можете да ги одложите, а не сакате на бебето да му дадете вештачко млеко, тогаш измолзувањето е единствената опција. Во тој случај мора да знаете како се чува млекото кое ќе остане свежо на неколку начини.
На собна температура до 25 C, млекото останува свежо до 6 часа.
Во специјални чанти кои ја чуваат температурата млекото останува свежо и до 24 часа.
Во фрижидер, на температура до 4 C, млекото можете да го чувате до 5 дена, но се препорачува да го чувате во задниот дел од фрижидерот.
Во делот од фрижидерот за замрзнување млекото можете да го чувате две недели.
Во замрзнувач и до шест месеци.
Ако наскоро се враќате на работа тогаш неколку недели претходно почнете со измолзување и со чување на млекото само за да влезете во рутина, затоа што враќањето на работа не значи дека треба да му го ускратите вашето млеко на бебето.
Како ќе го чувате млекото зависи од тоа кога ќе го употребувате, ако планирате да го потрошите во наредните неколку денови, тогаш фрижидерот е многу подобра опција од замрзнувачот, затоа што замрзнувањето уништува некои супстанции кои се наоѓаат во млекото, а се заслужни за борба против инфекциите во организмот на бебето. Сепак, и замрзнатото мајчино млеко е секако подобра опција од вештачкото.
Без оглед на тоа дали млекото го чувате во фрижидер или во замрзнувач, треба да внимавате на неколку ситници.
Секогаш користете стерилни шишенца и цуцли во кои го чувате млекото.
На шишенцата ставете налепници на кои пишува кога сте го измолзиле млекото.
Одржувајте ја хигиената на вашиот апарат за измолзување, мијте го после секоја употреба.
Пред измолзувањето задолжително измијте ги рацете, многу е важно чистотата во овој случај да биде на многу високо ниво.
Свежото млеко можете да го додадете во шишенцето што е во фрижидер, но само ако е млекото од истиот ден. Ако млекото стои некое време во фрижидерот ќе забележите дека водата се одвоила од маста и тоа е сосема нормално, сѐ што треба да направите е да го протресете шишенцето и да го употребите.
Ако сакате да го замрзнете млекото, тогаш направете го тоа што поскоро по замрзнувањето и никогаш не го полнете шишенцетот до врвот затоа што млекото се шири за време на замрзнувањето. Мали количини млеко можете да замрзнете во калапите за мраз кои имаат поклопец. Идеален начин за одмрзнување на млекото е во фрижидер и по одмрзнувањето мора да го потрошите во следните 12 часа. Никако не го одмрзнувајте млекото во микробранова печка и некако не го замрзнувајте повторно еднаш одмрзнатото млеко.