Како децата го доживуваат просторот околу себе?

Доколку детето има наполнето три години, а сѐ уште оди трапаво, бавно, движењата му се некоординирани, не може да се качува по скали, не може да скока и да вози велосипед, ако не е способно да го процени растојанието, димензиите и соодносот на предметите во просторот, ако не реагира на аудитивни или визуелни дразби и слично, веројатно има проблем со доживувањето на просторот

0
274

Свесното доживување на телото во просторот, ни овозможува полесно движењe, ориентирање и безбедно движење во просторот во кој живееме и работиме.

Сето ова е од значајна улога за правилен развој на едно дете и секако, на една возрасна личност. Без ова детето не би можело правилно да се движи во просторот, да ги координира своите движења, да процени дали просторот е безбеден и сигурен, да го воочи односот во тој простор.

Доживувањето на просторот и односите во просторот е поделен во три сфери: Доживување на субјективниот простор или доживување на пространството на сопственото тело и топографијата. Детето учи за деловите од телото, учи за нивната улога и примена, за неговата тродимензионалност.

Преку движењето на екстремитетите се развива следната сфера или гестуален простор. Во овој простор, преку движење на рацете и нозете, детето воочува што има околу него, каков е соодносот во тој простор. Се развиваат и доминантна рака и нога, се открива и латерализацијата, се учи за страните лево десно, напред, назад…

Откако детето добро ќе го совлада гестуалниот простор, тоа просторот го доживува на уште позрело и повисоко ниво и така се развива објективниот простор.

Главни водачи во овој простор за децата се сетилото за вид и сетилото за слух. Преку визуелните и аудитивните дразби, детето станува свесно за односите во просторот.

Пример за визуелни дразби: играчката што ја гледа детето знае дека не е во негова близина, па воочува каде точно се наоѓа, па оди до играчката, која потоа ја зема во раце (во својот гестуален простор) и игра со неа.

Пример за аудитивни дразби: детето игра во сосем друг дел од собата, кога ќе го слушне гласот на сојата мајка, тоа веднаш оди да ја пронајде. Тоа не ја гледа својата мајка, но по нејзиниот глас, знае дека таа се наоѓа во неговиот простор и сѐ што треба да направи е да се движи низ просторот за да ја најде.

По неколку обиди, стигнува до неговата мајка и ја изразува неговата потреба.

Објективниот простор се совладува постепено. Па така, помалите дечиња (до тригодишна возраст), просторот го доживуваат само според тоа што го гледаат. На пример, ако ги прашаме, што има надвор од вратата, тие не би знаеле да ни одговорат. Кај поголемите деца, веќе е совладана оваа способност и тие се свесни за објективниот простор на повисоко ниво. На пример, ако ги прашате што има надвор од оваа врата, тие точно знаат да опишат што се наоѓа таму (надвор има ходник, и друга врата, па има тераса…). Но ако на оваа возраст ги прашаме децата што има над оваа соба, тие можеби ќе ви одговорат дека има таван или покрив. Доколку ова прашање им се постави на поголеми деца (од над шестгодишна возраст), тие ќе дадат уште посложени одговори, како на пример, над таванот има покрив, а над покривот е небото, на небото има ѕвезди и месечина…

Ова ни укажува дека објективниот простор се доживуваа слоевито и е поврзан со возраста и способностите на децата. Доживувањето на овој простор на детето му овозможува да ги воочува предметите и појавите што се случуваат околу него.

На пример, преку доживувањето на објективниот простор детето станува свесно, за тоа какво е времето надвор, станува свесно за метричкото време, кое годишно време сме, кој ден, месец или што прави некое друго лице, додека детето е на училиште, односно детето е способно да објасни две различни ситуации што се случуваат истовремено, без притоа, детето да е присутно во тие ситуации.

Како може да се препознае дете кое можеби има проблеми во совладувањето на просторот:

– ако детето постојано трча и не се задржува во место, не е свесно за својата безбедност и постојано се повредува од предмети и не следи правила.

-ако детето не може да разликува делови на своето тело, како и делови на тело на други лица.

-ако детето оди трапаво, бавно, движењата му се некоординирани, не може да се качува по скали, не може да скока со една и две нозе, не може да вози велосипед..

-ако детето не е способно да го процени растојанието, димензиите и соодносот на предметите во просторот

-ако детето не реагира на аудитивни или визуелни дразби

-ако детето не знае да опише што има околу него, над него и надвор од просторот во кој се наоѓа.

Сите овие параметри, треба да не загрижуваат доколку детето има наполнето три години, затоа што нормално е помалите деца да не знаат да се качат по скали, да скокаат, а и децата кои штотуку проодуваат секогаш прво одат трапаво и несигурно.

Елена Трајческа дипл. специјален едукатор и рехабилитатор, Интеракција Плус, Скопје

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]