Како да се однесуваме кога детето прави нешто погрешно?

Малите деца не обрнуваат внимание на негациите во речениците, па секогаш е подобро наместо да му кажете да не го допира огнот, да кажете само: „Тргни се настрана“!

0
420

Што да правите кога вашето дете прави нешто погрешно, а вие не знаете како да излезете на крај со него?

Вашето упорно повторување „не прави ова, не прави она и слично“, очигледно нема ефект.

Иако знаете дека мора да поставите некаква граница кога го воспитувате своето дете, кога ќе дојдете во ситуација да се чувствувате беспомошно затоа што вашето дете едноставно не слуша ништо, размислете да го смените пристапот.

Некои работи треба да ги забраните поради неговата безбедност, некои пак  затоа што е премногу мало, некои затоа што сметате дека не се во ред. Но проблемот е во тоа што ако постојано му велите „не“, нема да постигнете ништо. Но тоа веќе го знаете.

На пример, ако вашето дете си игра со оган. Секако дека ќе му кажете „немој“! Но нели е подобро да му кажете само: „тргни се настрана“?

Така барем советува Др. Глен Доман, пионер на полето на развој на детскиот мозок и оснивач на Институтот за остварување на човековите потенцијали. Ширум светот познатата работа на Институтот со децата со оштетувања на мозокот, вродила со исклучително важни откритија и за растот и развојот на здравите деца. Доман живеел и работел со деца во повеќе од стотина земји, од најцивилизираните до најпримитивните, спроведувајќи ги своите проучувања. Напишал седум светски бестеселери.

Една од главните задачи на овој институт  е детето да ги надминува своите пречки. Тука е голема улогата на позитивниот фидбек кој е нешто што најприродно и несвесно се случува помеѓу родителот и детето, но во Институтот го користат како техника која и родителите и учителите треба свесно да ја користат. Без оглед на тоа на која возраст е детето, позитивниот фидбек ја има таа моќ да ги отргне мислите од неправилното и детето да се насочи кон позитивната активност.

Значи, да одговориме на прашањето – Како да се однесуваме кога детето прави нешто погрешно? Зборот „погрешно“ има две различни значења.

Тоа може да значи ситуација во која едно дете почнува да турка друго дете – ова го сметаме за вид на насилство и не смееме да велиме „Браво, одлично!“. Напротив, отворено му посочуваме на детето дека тоа не е начинот на кој треба да се однесува, му покажуваме како е прифатливо да се однесува и го прашуваме дали се согласува со нашата забелешка и дали разбира што му посочуваме. Моментот кога детето ќе се согласи со вашата забелешка и ќе искаже разбирање е совршениот момент да се извика „Многу добро! Одлично!“.

Друг пример за погрешно е следнава ситуација: на детето му се покажува слика од глушец, а тоа извикува „Мачка!“. Во овој случај треба да кажете: „Ова е глушец“, а кога детето ќе го повтори тоа, вие треба да кажете: „Одлично, да, ова е глушец!“.

Доколку вака постапиме детето ќе заборави на својот погрешен одговор и ќе се чувствува добро. Без оглед на тоа дали се работи за погрешен одговор при учењето или за лошо однесување, секогаш треба да им го покажеме правилниот начин и откако ќе го повторат она што сме го кажале или ќе се согласат со нас, ние им даваме позитивен фидбек и внимаваме на нивните натамошни реакции.

Важно е да се каже и дека малите деца не обрнуваат внимание на негациите во речениците.

На пример, му велите на вашето двегодишно дете да не го допира огнот кој ви е во близина. Но, првото нешто што тоа го прави е токму тоа – допирање на огнот. Зошто е тоа така?

Децата не обрнуваат внимание на негациите во речениците и додека се мали, тие се сконцентрирани на другите поважни зборови во реченицата, како на пример во тој случај, детето слуша „огнот“ и „допирај“, а го занемарува „не“. Затоа, наместо „не го допирај огнот“, подобро е да кажеме „тргни се настрана“.

Понекогаш треба практично да му покажете што не чини. Ако чувате куче, а вашето дете не престанува да го тегне за ушите, наместо да го плеснете по раката, фатете го вие кучето за ременот и покажете му како може да го води кучето ако веќе сака да си игра со него.

Децата се полни со енергија, потребно им е да ја исфрлат таа енергија од себе. Па ако, на пример, се возите во автомобилот, а тоа не престанува со ногата да удира на вашето седиште, погледнете го и благо кажете му дека ногата е немирна, но дека тоа треба да ја смири, па нека почне самото да ѝ кажува да остане мирна, или наместо да удира, да ѝ каже на ногата дека ќе биде забавно ако го врти стапалото како хеликоптер… и покажете му како да го прави тоа. Сигурно ќе му биде забавно.

Многу често е важен и тонот со кој му се обраќате на детето. Тој нека биде цврст, строг, заповеднички, само не смеете да викате премногу гласно за да го расплачете и притоа обидете се да не го користите зборчето НЕ.

[better-ads type='banner' banner='999' ]