Како да препознаете знаци на сексуална злоупотреба кај децата?

Ако се случи сексуална злоупотреба, најважно е да му верувате на детето и, ако тоа му се довери на возрасен, приказната на детето секогаш треба да се сфати сериозно.

0
192

Деновиве, македонската јавност ја шокираше обвинувањето на три малолетнички, членови на џудо клуб од Прилеп за сексуална злоупотреба од страна на нивниот тренер. Ова доаѓа паралелно со скандалот кој во моментов ја тресе соседна Србија, аферата со актерската школа на Мирослав „Мика“ Алексиќ. За силување кое се случувало пред осум години го пријави сега веќе познатата актерка Милена Радуловиќ, по што се појавија уште десетина жртви кои биле штитенички на школата.

Иако кај нас, според податоците на „Меѓаши“, на листата на најголеми проблеми со кои се соочуваат децата, сексуалната злоупотреба е на четврто место, после сиромаштијата, семејното насилство и сѐ позачестените разводи на родителите и долгите и мачни бракоразводни постапки во кои децата се потенцијални жртви на прекршување на нивните права, овие последни настани се доволен аларм да обрнеме сериозно внимание и да ги набљудуваме внимателно своите деца.

Како да ги препознаете знаците на сексуална злоупотреба на децата?

Сексуалната злоупотреба на деца е многу болна тема, а во нашето општество овој вид насилство е табу. Дури 94 проценти од децата жртви на сексуално насилство го познаваат својот напаѓач, што значи дека децата не пријавуваат злоупотреба или пријавуваат подоцна.

Нешто повеќе од 60 проценти од децата кои се жртви на сексуална злоупотреба страдаат од тоа со години, бидејќи е во природата на сторителот да го повтори делото.

Фактот дека насилникот е скоро секогаш позната личност, како сосед, кум или семеен пријател, во кој родителот има доверба, го прави сексуалното насилство многу за препознавање.

Некои знаци на сексуално насилство не е секогаш лесно да се забележат. Сторителите вешто ги кријат своите постапки и ја користат довербата на околината на подмолен начин.

Родителите честопати можат да забележат промени во однесувањето на детето кои, иако можеби не е лесно да се објаснат, може да бидат показател дека нешто не е во ред.

Иако честопати не е лесно да се толкуваат или дефинираат овие промени, родителот секогаш треба да му верува на својот инстинкт.

Ако родителите имаат необјасниво чувство дека нешто не е во ред, треба да разговараат со детето.

Најчести промени во однесувањето на детето

Страв од одредени луѓе, бурна реакција и негодување кога треба да останат сами со нив
Повлекување и осаменост
Избегнување на пресоблекување и капење
Регресивно однесување (ноќно мокрење, цицање палец, полош говор)
Претерано знаење за сексот и половите органи
Зборуваат за тајни, споменуваат дека имаат тајна
Одбивање храна или промена во претходните навики на јадење
Зголемена агресија
Ниска самодоверба
Постојана вознемиреност, губење на социјалниот живот и незаинтересираност за училиштето
Кошмари
Самоповредување
Депресија и суицидно однесување кај адолесцентите

Физички знаци

Овие знаци може да вклучуваат сексуално преносливи болести, модринки, чести инфекции на уринарниот тракт, дамки од крв на долната облека, отекување на интимните делови на телото или непријатност при седење, одење или мокрење.

Најочигледен знак за сексуално злоставување кај девојчињата е бременоста. Тие се изложени на поголем ризик да станат жртви на сексуално насилство, затоа родителите треба да обрнат посебно внимание и да разговараат со нив за тоа што е неприфатливо однесување.

Како прво, ако се случи сексуална злоупотреба, најважно е да му верувате на детето и, ако тоа му се довери на возрасен, приказната на детето секогаш треба да се сфати сериозно.

Педофилите се луѓе кои на перфиден начин ги кријат своите злосторства, измамувајќи ја околината, отстранувајќи го секој сомнеж од себе и од своите злосторства. Ова е токму она што честопати им овозможува да злоупотребуваат деца со години, и често да остануваат неказнети.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]