Како да преболите живо дете?

Има родители кои многу тешко поднесуваат кога возрасните потомци им поставуваат преголема дистанца, кога многу ретко се јавуваат или целосно го прекинуваат контактот не сфаќајќи ги причините кои стојат зад ваквите одлуки.

0
597

Ако го ставиме односот помеѓу родителите и нивното дете во временска димензија, јасно е дека овој однос се менува со текот на времето. Како што детето се менува, како што тоа расте или поминува низ различни фази од неговиот или нејзиниот возрасен живот, така треба да се менува и родителскиот пристап. Јасно е дека не може на ист начин да му се пристапува на предучилишно, училишно, на дете кое е на факултет и на возрасно дете кое исто така се менува. Идеално е, во сите овие фази да постои меѓусебно разбирање, како и силна емоционална врска на роднинска љубов, која се шири и на внуците кои исто така растат и се менуваат.

Изразот „возрасно дете“ е оксиморон, односно означува нешто неспоиво. Детето е личност која е во позиција на зависност од своите родители, затоа што сè уште не е подготвено за самостојно живеење. Прифатено е дека дете е личност до 18-годишна возраст. Кога нечие дете ќе порасне, кога ќе стане независно и ќе прифати одговорност за сопствениот живот, тогаш тоа веќе не е дете, туку е нечиј возрасен син или возрасна ќерка.

Опасноста од преголемата љубов

Понекогаш, или по волја на родителите или по волја на возрасното дете, прекинува целиот контакт меѓу родителот и детето. Познато е дека некои родители се откажуваат од своето возрасно дете кога ќе оценат дека тоа  целосно ги разочарало и ги посрамотило. Повеќето родители не се откажуваат од своето дете без оглед на тоа што направило и каков начин на живот живее. Понекогаш дури и оние родители кои претрпуваат значително физичко и психолошко насилство од својот потомок, не размислуваат да се откажат од него.

Од друга страна, има и такви возрасни деца кои го прекинуваат целиот контакт со нивните родители. Иако ова не е вообичаена појава, постојат голем број причини за тоа: некои се срамат од своите родители; некои сметаат, оправдано или неоправдано, дека биле жртви на малтретирање од нивните родители уште во детството; некои не гледаат друг начин да останат независни и да се ослободат од родителската контрола итн.

На родителите кои го сакаат своето возрасно дете, тешко им е да поднесат кога тоа поставува преголема дистанца, кога ретко се појавува или кога целосно го прекинува контактот. Родителската болка ја зголемува неразбирањето на причините кои стојат зад одлуката на возрасното дете.

Една категорија од овие родители се „родители кои премногу сакаат“, за кого нивното возрасно дете е смислата на животот и кои ја покажуваат својата љубов со премногу грижа. Токму ова однесување кое родителот го гледа како голема љубов, возрасниот син или ќерка го доживуваат сосема поинаку. За мајката која ја бара својата триесетгодишна ќерка пет пати на ден, тоа е „голема љубов“, но за нејзината ќерка тоа е малтретирање и нејзиниот впечаток е дека мајката се обидува целосно да го контролира нејзиниот живот. Ќерката протестира и се обидува да воспостави поинаков вид на однос со својата мајка, но мајката не го прифаќа тоа и продолжува по свое.

Кулминација на овој конфликт е кога ќерката сфаќа дека мајката нема да се промени и дека единственото решение за неа, да остане своја и да го зачува интегритетот на нејзината личност е да го прекине контактот со мајката.

Без оглед колку е неопходен или оправдан ваквиот потег на ќерката, емотивната цена што ја плаќаат обете страни е секогаш голема. На овој начин, „премногу љубов“ станува главната причина за прекинување на односот и за  страдање на двете страни.

Добриот родител сфаќа дека самостојно дете треба да оди по свој пат во животот, да носи свои одлуки, затоа што тоа е одговорно за сопствениот живот и ќе живее со последиците од сопствените одлуки. Понекогаш ваквото прекинување на односот е „лекција“ за родителот кој учи дека мора да го промени својот пристап, такашто наместо да биде вечен превоспитувач и контролор тој прифаќа дека неговото дете пораснало, прифаќа дека мора емотивно да се дистанцира од родителите и да воспостави други, посилни емотивни врски. со партнерот, со своите деца. Честопати се случува, по неколку години „пауза“, односот помеѓу возрасно дете и родител повторно да се воспостави и да продолжи на нови темели.

Синдромот на отуѓување

Посебна приказна се оние родители кои по разводот емотивно го изгубиле своето дете само затоа што другата страна, поранешниот сопружник и неговото пошироко семејство „ја труеле“ врската помеѓу детето и родителот. Ова однесување професионално се нарекува „синдром на отуѓување“, односно алиенација и не е случајно тоа што о некои земји, кога ќе се утврди дека едниот родител го отуѓува детето од другиот, дека ги саботира или спречува детето да го види и другиот родител, автоматски му се одзема старателството и му се доделува на другиот родител.

Секако, ова кај нас не функционира.

Повторното воспоставување на однос со детето кое ја прекинало врската започнува со преиспитување на својата родителска улога.

Текстот е преземен од ТУКА.

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]