Додека мојата другарка во Америка се прашува: „How do I explain to my non-Balkan friends that my mom calls me mom“, ме стави во мисла…
Се потсетив дека и мајка ми пред да се разболи од Алцхајмер (сега ѝ се случува да ме нарече „мамо“ затоа што се грижам за неа баш како да сум ѝ мајка а таа мало дете, па понекогаш мисли дека навистина сум ѝ мајка), таа ми се обраќаше со „мама“ ама онака од милост како што веројатно и вам ви се обраќаат вашите мајки, а вие им се обраќате на вашите деца. На пример: „Мама, сакаш ли да ти направам една лимонада?“ Или пак: „мама, ајде те молам измиј ги садовите, уморна сум“. „Мама, подобро ли ти е, немаш веќе температура?“
Е да, навистина е понекогаш тешко некој странец да го разбере ова!
Инаку, истата таа моја другарка која сега живее во Њу Џерси многу сака да ги научи сите околу неа да зборуваат македонски. Таа веќе ги научила своите колеги во BioReference Laboratories кадешто работи, кога некој сака да ја пуштат најслушаната њујоршка радио-станица која се наоѓа на фреквенцијата 95,5, да каже: „Пуштете Антена радио“.
Вели дека многу од нејзините колеги од сите страни на светот веќе научиле доста македонски зборови, но дека рекордот го држи колегата Филипинец со кој веќе може да разменува на македонски и цели реченици.
Но има тука и мал проблем. Колегата, вели таа, понекогаш знае да каже: „ќе идиме на пауза?“ и тогаш ми е јасно дека имал час по македонски со мојата колешка од Прилеп со која постојано се препираме околу акцентот на кој ќе го учиме колегата да зборува македонски. Мислам, сепак е глупаво да зборува на дијалект!
Но полошо и од тоа, вели таа, е кога неколкумина шегобијки од нашиве краишта мислат дека е смешно ако го научат некој срамен збор кој ќе го употреби на сосема погрешен начин и на погрешно место.
„И тоа зборува многу за нас, нели?“ – вели таа. И во право е!
Но, да се вратиме на почетокот: Дали и вие им се обраќате на вашите деца понекогаш со „мама“?
Фото: Pexels