Ана Петреска е логопед – дефектолог во здружението „Интеракција – плус“ и негов основач. Таа е автор на логопедската вежбанка „Чекор по чекор до правилен говор“, која е наменета за подобрување и поттикнување на говорот кај децата.
Според неа, денеска родителите најчесто се обраќаат за логопедски преглед поради непрозборување на нивното дете или пак поради сиромашен фонд на зборови, користење на гестови (покажување со рака), неправилен изговор на одредени гласови, проблем во составување на реченицата (аграматичен говор), пелтечење, проблем со вниманието и концентрацијата, проблем со читање и пишување и слично. „Во логопедската пракса среќаваме неколку состојби кои се присутни кај децата, тоа се (алалија) – отсуство на говор, неправилен изговор на одредени гласови (дислалија), потешкотии во составување на реченица (развојна дисфазија), (пелтечење) или balbuticio, (дислексија и дисграфија), (хиперактивност), говорни нарушувања како последица на одредени первазивни развојни нарушувања и генетски синдроми“, вели Петреска која посветено работи со децата и честопати прави и бесплатни логопедски и дефектолошки прегледи во просториите на здружението Интеракција-плус.
Содржините во нејзината логопедска вежбанка се конципирани преку дидактички (интерактивни вежби), на начин на кој секое дете лесно може да ги усвои.
Темите кои се застапени во вежбанката се:
1. Моето тело
2. Моето семејство
3. Јас живеам во…
4. Мојата облека
5. Мојата соба
6. Јас имам…
7. Броиме до 10
8. Ги учиме боите
9. Учиме за формите- учам да цртам
10. Учиме да зборуваме правилно
11. Моето омилено овошје
12. Мојот омилен зеленчук
13. Прехранбени производи
14. Одиме на село
15. Одиме во зоолошка градина
16. Раскажи како го поминуваш твојот ден?
17. Одиме во природа
18. На мојата улица има…
19. Учиме да бидеме примерни- мал детски бонтон
20. Моите омилени активности
21. Спротивности
22. Денови во неделата
23. Мојот роденден
24. Годишни времиња
Логопедската вежбанка може да ја најдете во просториите на здружението Интеракција-плус и во книжарниците на издавачката куќа Аутлет Книжарница Феникс, по цена од 200 денaри.
Фото: Pixabey