Како вакцината против ковид-19 може да влијае на менструалниот циклус?

Вакцините против корона вирусот ни дадоа трошка надеж во оваа долга пандемија, но сепак, како и повеќето вакцини, тие можат да имаат умерени контраиндикации како што се: покачена температура, трнци и болки во мускулите.

0
343

Неодамна имаше извештаи дека вакцинирани лица пријавиле одложена менструација, како и поголемо крвавење. Првичното тестирање на вакцината не собираше податоци за менструалните симптоми.

„За жал, овие симптоми не беа следени за време на тестирањето на вакцините, па затоа се потпираме на дополнителните извештаи за да ги собереме тие информации“, изјавил Даниел Џонс, гинеколог од Тексас за Хаф Пост. Таа додала дека многумина кои имаат менструален циклус и преживеале зараза со корона вирус, пријавуваат слични симптоми.

Во моментов нема истражување кое ја поврзува тешката, нередовна и болна менструација со вакцините против коронавирус. Експертите велат дека е тешко да се заклучи што ги предизвикува овие симптоми.

„Менструацијата е сложен процес на кој можат да влијаат многу фактори, како што се промени во животната средина, стрес, промени во сонот и одредени лекови“, вели Џонс.

Таа додала дека ендометриумот, внатрешната обвивка на матката, се смета за активен дел од имунолошкиот систем. „Кога вашиот имунолошки систем работи понапорно, затоа што сте вакцинирани или болни, може да почувствувате промени во тоа како реагира ендометриумот“.

Не би било изненадувачки доколку вакцините на некој начин влијаат на менструацијата, но потребни се повеќе податоци за да се донесе конечен заклучок. Добрата вест е дека промените во менструалниот циклус, кои ги доживувате по вакцинирањето, траат кратко, така што тоа не треба да биде причина за да не се вакцинирате.

„Вакцината против ковид 19 не треба трајно да го менува вашиот менструален циклус. Ако симптомите траат повеќе од неколку циклуси, консултирајте се со вашиот лекар“, вели Џонс.

Еве што можете да направите за да го олесните болниот и засилен циклус:

Земете додатоци за кои не треба рецепт.

Некои антиинфламаторни лекови без рецепт можат да помогнат. По приемот на вакцината, Центрите за контрола и превенција на болести препорачуваат земање лекови како што се ибупрофен, парацетамол, аспирин или антихистаминици за ублажување на болката и непријатноста – ако не страдате од други медицински состојби што би ве спречиле да ги консумирате овие лекови.

Загрејте го подрачјето со топла бања или користејќи перниче за загревање.

Топлинската терапија може да ги олесни грчевите во менструалниот циклус. Перничето за загревање на стомакот или долниот дел на грбот може значително да ги олесни болните циклуси, вели Џонс.

Пијте доволно вода.

Ова е важно откако ќе ја примите вакцината, бидејќи несаканите ефекти како што е покачената температура може да доведат до дехидрација, а водата може да ја ублажи болката поврзана со зголеменото крвавење. Пијте многу вода или други течности што ќе ве хидрираат, како што се чај или газирана вода. Повеќето луѓе треба да пијат најмалку четири до шест чаши вода на ден.

Намалете го стресот.

Психолошкиот стрес може да влијае на должината и интензитетот на менструалниот циклус. Некои од здравите начини за намалување на стресот вклучуваат вежбање, свесност за ситуацијата, добар сон и одржување на врски со најблиските.

Запомнете, ако симптомите траат подолго од неколку менструални циклуси откако сте ја примиле вакцината против коронавирус, консултирајте се со вашиот лекар.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]