И тоа е живот: Некој плаче за дете, а некој абортира

„Со години се обидуваме со сопругот да имаме дете, но никако не ни успева. Кога ќе слушнам како некој зборува за абортус, искрено, мене ми се повраќа“, вели една 37.годишна скопјанка на темата - абортус! Што мислите вие за ова, каков е вашиот став?

0
487

„Најдобро е кога секоја бременост би била планирана затоа што секое дете што ќе се роди заслужува да биде сакано. Но, за да се намали стапката на абортуси потребна е поголема сексуална едукација на младите, а не ова прашање да биде табу тема“, вели д-р Адела Стефанија од Клиниката за гинекологија и акушерство.

Со неа зборувавме за новиот закон за абортус со кој се тргаат сите бирократски бариери, односно, ограничувањата кои беа воведени со законот од 1993.година.

Жените кои сакаат да абортираат повеќе не треба да чекаат три дена по советувањето за да биде спроведена интервенцијата и нема да мораат да објаснуваат зошто сакаат да ја прекинат бременоста.

„По шестгодишна борба, конечно повторно имаме закон кој не ја потценува жената и кој ѝ го олеснува пристапот до абортус тогаш кога ѝ е потребно! Отстранувањето на пристрасното советување, тридневното чекање и писменото барање за оваа здравствена услуга – кои досега беа задолжителни! – како и воведувањето на медикаментозниот абортус и поместувањето на границата за абортус по барање на жената до 22. гестациска недела нема да значат повеќе абортуси туку побезбедни абортуси, подобра здравствена заштита и поголема репродуктивна слобода за сите жени“, велат во ХЕРА (Асоцијација за здравствена едукација и истражување).

И според лекарската фела, измените на законот за прекинување на бременоста ги зголемуваат правата на жената.

На оваа тема д-р Адела Стефанија од Клиниката за гинекологија вели: „Новиот закон за прекинување на бременост,односно измените кои се внесени во новиот закон овозможуваат апсолутно почитување на волјата на жената, слободно одлучување за абортус истиот ден и извршување на истиот во зависност од гестациската недела. Нема повеке административни бариери, дополнителни прашања и објаснување зошто сака да се прекине бременоста, како и чекање од 3 дена, слушање на срцевата акција со доплер. Едноставно, потребна е само писмена согласност од страна на жената за извршување на прекин на бременоста.

Исто така, границата за прекин на бременоста е до 12 гестациска недела, абортусот да се изврши во еден акт со писмена согласност на жената ако е полнолетна, а ако се работи за малолетнички тогаш писмена согласност од родител или старател. За абортус помеѓу 12 до 22 недела е веќе абортус во два акта, потребна е писмена согласност од жената.

Според СЗО до 22 гестациска недела е абортус, а после оваа недела веќе е породување, така да лимит за прекин на бременост по сопствена желба е 22 гестациска недела од бременоста.После оваа недела може да се дозволи прекин по медицинска индикација, за бремености кои носат фатален исход по здравјето на мајката, за инфаустна прогноза на плодот, дијагностицирани конгенитални аномалии на плодот со лош исход, генетски докажани болести на плодот, како и ако се работи за силување“.

Доктор Стефанија вели дека секоја жена што мисли дека бременоста ѝ е непланирана од различни причини може да се одлучи за прекин до 22.гестациска недела, бидејќи потоа, по 22.недела, станува збор за породување.

„Прекин на бременоста треба да се изврши во соодветна  медицинска установа што ги исполнува условите пропишани со закон. Абортусот може да биде: медикаментозен, со употреба на таблети препишани од страна на гинеколог; со вакум аспирација; со интраамнијална идукција со хипертонилен раствор и со апликација на простагландини.

Во зависност од гестациската недела на бременоста се одлучува кој од овие начини за прекин на бременоста ке биде применет. Пациентката е должна со себе да има документ за крвна група и, секако, ѝ се објаснуваат и сите можни ризици и компликации од оваа интервенција, како и начинот на кој ќе се изврши прекин на бременоста. Жената потпишува информирана согласност пред извршување на интервенцијата“, објаснува докторката.

Според нејзиното искуство, не постои некоја конкретна возраст, но почести се абортуси кај многу млади жени кај кои бременоста е апсолутно непланирана. Исто така, вели таа, има повеќе жени над 30 години, кои имаат по неколку деца и кои веќе завршиле со планираните бремености.

„Сепак, јас тука би сакала да кажам дека секоја бременост да биде планирана е најдобро, а подобро е да се користат контрацептивни методи за да не дојде до несакана бременост. Секое дете што ќе се роди заслужува да биде сакано и да му се даде љубов и внимание. Но, за да се намали стапката на абортуси нашата фела смета дека е потребна поголема сексуална едукација на младите, а не ова прашање да биде табу тема“, вели д-р Стефанија.

„Тоа што е за мене сон, за друг е само товар“

Освен законските ограничувања или целосната забрана на абортуси што е во Европа ретка практика, клучен проблем со кој се соочуваат жените во дел од светот денеска, е социјалната стигма која ја следи оваа тема.

Од една страна, жените кои одлучиле да абортираат најчесто како причина за ова ги истакнуваат материјалната необезбеденост и животот без партнер. Од друга страна, за оние жени чија најголема желба и животен сон е токму веста дека останале бремени, ниедна причина не е доволно силна.

„И тоа е живот: Некој плаче за дете, а некој абортира“, вели една наша соговорничка, 37.годишна скопјанка која веќе 8 години упорно се обидува да остане трудна.

„Тоа е мојата најголема желба, мојот сон. Не знаете какво е моето разочарување после секој неуспех и колку ме боли секоја вест за оставени, несакани деца, и колку ми се одвратни сите оние полемики околу стари и нови закони за абортус. Можеби ќе мислите дека сум премногу конзервативна, ама за мене е тоа како расфрлање со златници. Можете да замислите, некој се мачи со години, тагува, плаче, поднесува најразлични интервенции, се надева, па и слуша разноразни невкусни коментари од околината, а некој само гледа како побрзо да се ослободи од плодот.

Јас разбирам дека понекогаш кога е загрозено здравјето на жената, тоа е неизбежно, ама не признавам ништо друго“.

Абортусот низ историјата

Абортусот или прекинувањето на несаканата бременост претставува едно од најконтроверзните прашања кое постојано предизвикува жестоки јавни дебати.

Антрополошките истражувања покажале дека абортусот бил широко распространет во древните и пред-индустриските општества во целиот свет и во неговите историски периоди. Во западната цивилизација, пред почетокот на христијанството, Грците и Римјаните сметале дека абортусот е прифатлив во раните фази на бременоста.

Во различни култури постои неколку векови богата историја на жени кои им помогнале на другите жени да спречат несакана бременост. До 1800 и подоцна, жените исцелителки од Западна Европа и Америка вршеле абортуси и обучувале за ова други жени, без законски забрани.

Во други делови на светот, жените обучени за вршење абортус и натаму продолжуваат да ја спроведуваат својата пракса, и покрај ширењето на институционалната медицина. Во Тајланд, Малезија и на Филипините, абортусот продолжува да се спроведува во селата со стара техника на масажа.

Од раните почетоци, христијанството гледало на абортусот како на грев, иако црквата и тогаш немала јасен став за тоа кога фетусот станува „личност“. Во првите неколку векови, абортусот бил сметан за грев против црковните канони, поради тоа што бил поврзан со сексуалните односи – не бил грев како „убиство“. Англиските закони дозволувале абортус до 20-тата недела од бременоста, т.е. до моментот кога жената почнува да го чувствува движењето на фетусот во стомакот. Државите не го забранувале абортусот сѐ до 19-тиот век.

Кога во средината на 19 век, папата Пие IV прогласил екскомуникација за сите жени кои имале абортус, без оглед на староста на бременоста, абортусот станува грев и криминал. Ова се должи на хуманистичките реформи од средината на 19 век, кои се залагаат за кривично казнување на абортусот, бидејќи во тоа време абортусот бил опасна процедура со примитивни методи, малку антисептик и висока стапка на смртност. Сепак, ова не било единствената причина, бидејќи други хируршки постапки кои биле подеднакво ризични биле сметани за неопходни за здравјето на луѓето и не биле забранувани.

Горчливата „заштита“ на жените од опасни абортуси, всушност била само еден од начините да се воспостави контрола над жените, тие да се ограничат на улогата на мајка. Исто така, во 19 век, многу земји биле заинтересирани за растот на населението и развојот на индустријата, како и за проширување на територијата, а за такви цели била потребна нова работна сила.

Тогаш, па и денес, законската забрана за абортус никогаш не влијаела на неговото илегално изведување бидејќи жените кои одлучиле да ја прекинат бременоста секогаш наоѓаат начини да го направат тоа.

До денес, проблемот со абортусот и раѓањето на децата останува прашање од државен интерес. Правото на жените да одлучуваат за абортус и раѓање деца мора да се гледа низ призмата на репродуктивните слободи, во рамките на прашањето за женските човекови права.

Невладините организации и медицинските експерти истакнуваат дека порестриктивните закони за абортус никогаш не резултираат со намалување на абортусите, туку ги приморуваат жените на нелегални и несигурни прекини на бременоста.

Додека пак, земјите како Холандија или Канада, со најлиберален систем за абортуси, имаат најниска стапка на абортуси во светот. Такашто, секоја држава која навистина сака да го редуцира бројот на абортуси, мора да обезбеди легален пристап, подобар пристап кон контрацепцијата и вистинска едукација за полното здравје.

Во сите земји кадешто абортусот се забранува, голем е процентот на нелегални абортуси, а со тоа и компликации на здравјето на пациентите.

Приказната на Савита Халапанавар

Ирскиот закон за абортус до минатата година беше најстрог во Европа и не признаваше исклучоци ниту за случаи на инцест, силување или малформација на плодот. Но, ирскиот парламент неодамна  го усвои предлог законот со кој се легализира абортусот, по историскиот референдум на кој Ирците се изјаснија против негова забрана.

Приказната на 31.годишната Савита Халапанавар стана синоним за оваа борба на Ирците за укинување на Осмиот амандман со кој се забрануваше абортус,  дури и кога животот на мајката е во опасност. Забарката Халапанавар и нејзиниот сопруг во 2012 се подготвувале за раѓањето на нивното прво дете. Но, сите планови се промениле кога Халапанавар била хоспитализирана  во 17 недела, со болка во грбот, а лекарите откриле дека ѝ претстои спонтан абортус. Тие и рекле дека бебето нема да преживее, но не можат да изведат абортус бидејќи Ирска е католичка држава и нелегално е да се прекине бременост додека има активност на срцето на плодот.

Таа чекала со денови додека срцето не престана да тропа, по што била отстранета содржината од нејзината утроба. Сепак, сепсата настапила и таа умира еден ден подоцна.

Савита се сметаше за жртва на немарно поставените зкаони. Имено, во Ирска, мајката и фетусот имаа еднакви права. Дури и кога лекарите веруваат дека нема шанси за преживување, од моментот на зачнување фетусот има граѓански права.

Кај нас во јавноста дебатата за абортус никогаш не се водела со толку голема заинтересираност како што е тоа случај во други земји од светот, ниту пак имало дијаметрално спротивни ставови, веројатно поради тоа што уште од 1972 година во Република Македонија постоеше прилично либерален закон за прекинувањето на бременоста, со кој на жената ѝ беше загарантирано правото самостојно да одлучува за својата бременост, како и правото за слободен пристап до абортус. Меѓутоа, измените во законската регулатива за абортус кои беа донесени по скратена постапка, без консултација на стручната јавност и без јавна расправа во 2013.година предизвикаа лавина од бурни реакции во медиумите и во јавноста. Според реакциите на експертите и невладините организации, законските измени го ограничуваа правото на слободен избор на жената и дополнително го усложнуваа и го бирократизираа процесот на добивање на здравствената услуга абортус.

Сега, по изгласувањето на новиот закон, се чини дека се сите задоволни. Се разбира, секогаш ќе постојат спротивставени ставови па додека некои се задоволни од ваквите решенија, другите, оние кои како нашата соговорничка  сонуваат да ги видат оние две црти или да ја слушнат реченицата „Трудни сте!“, никогаш нема да ги разберат.

Што мислите вие, каков е вашиот став на оваа тема?

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]