Се сеќавам дека многу одамна кога бев на гости кај тетка ми во Америка, и ги гледав оние тетрапак млека со фотографии на деца, постери по бензинските пумпи и маркети, не можев да се изначудам како може да исчезнуваат толку деца. Кај нас тогаш или тоа не се случуваше или барем не во толкав обем.
Иако, многу добро се сеќавав на советите на моите, да не земам бонбони од туѓинци, да не влегувам во автомобил кај непознати и слично.
Мислев на тоа колку бев исплашена еднаш кога не можев да го најдам син ми и не знаев каде е ‘цели’ 10 минути. Секогаш кога ќе прочитам некаде ваков наслов, се потсетувам на тие 10 минути, и се прашувам, како се чувствуваат оние родители чии деца исчезнале и ги нема со часови, со денови, недели, месеци, па и со години.
Мислам на секој постер што некогаш сум го видела, со слика на исчезнато дете.
Не можам да ја замислам болката што ја доживуваат родителите кога нивното дете ќе исчезне.
Толку многу деца никогаш не се пронајдени. Некои се пронајдени предоцна, кога веќе се удавиле во некоја река, кога некој сексуално се изживувал врз нив или едноставно ги прегазил, па ги фрлил во некој ендек. Има секакви лудаци.
Деновиве случајно наидов на една информација за Фондацијата Тијана Јуриќ, основана од таткото на 15-годишното девојче од Србија по кое нејзиното семејство трагаше 12 дена, се додека не го најдоа нејзиното безживотно тело. Таткото на киднапираната и убиена петнаесетгодишна Тијана Јуриќ, господин Игор Јуриќ е човек кој се бори со својата болка вложувајќи напор ваквите случаи да имаат можност да завршат со среќен крај. Тој одлучил да се бори за безбедноста на децата и јавно да зборува на оваа тема.
Преку порталот кој го носи името на неговата ќерка и фондацијата, тој се ангажира за воведување на системот ‘Амбер алерт’ (Amber Alert) во Србија, но и во другите земји од регионот на поранешна Југославија.
Овој систем познат како Амбер Алерт (Amber Alert) се покажал како најефективната помош во светот за наоѓање на исчезнатиte деца.
Системот функционира такашто кога некое дете ќе исчезне, овластен полициски службеник го стартува системот. Вклучени се сите медиуми, се прекинуваат програмите на телевизија и се објавуваат вести со информации за детето, неговата слика се појавува на билборди, на бензински пумпи, мобилни оператори испраќаат СМС или ММС пораки… Буквално целата земја е вклучена во потрагата и затоа е тој систем толку ефикасен.
Системот за алармирање постои во 20 европски земји, но не е застапен во земјите од поранешна Југославија.
Господин Јуриќ повикува да се бориме заедно за да ги решиме проблемите во кои секој од нас може да се најде. Да ги заштитиме нашите деца затоа што тие заслужуваат сигурна иднина.
Фото: Pixabay