Иако научниците не го идентификувале потеклото на аутизмот, тие сигурно постигнале напредок во истражувањето што се однесува на тоа како напредува.
Кога на детето му се дијагностицира аутизам, обично е тоа шок за родителите: Како здраво дете станува дете со нарушување?
Аутизмот е идентификуван во 40-тите години на минатиот век, и за лекарите и научниците било многу тешко да се објасни во тоа време. Иако причината останува мистерија до денес, научниците сега можат да разберат што се случува во мозоците на децата со ова нарушување, пренесува National Geographic.
Студиите покажуваат дека првите знаци на аутизам можат да се идентификуваат уште во третиот месец од животот. Долго пред симптомите да се манифестираат. Кога аутизмот се открива рано, тогаш можат да се применат интервенции кои можат да ја превенираат појавата или да го ублажат влошувањето на состојбата поврзана со аутизмот.
„Она што сега го учиме е тоа дека аутизмот е како особина а дали таа особина ќе стане вид на инвалидитет, зависи од раните искуства“, вели Ејми Клин, психолог од универзитетот Емори и додава дека тоа ја зголемува можноста, односно, „инвалидитетите поврзани со аутизмот не се неизбежни“.
Научниците знаат дека аутизмот може да биде предизвикан од голем број гени, наследни и мутирани, како и од други фактори, како што се годините во кои родителите го добиле детето. Едно лажно истражување за појавата на аутизмот ја обвини вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола – меѓутоа, ова провокативно тврдење беше побиено. Од крајот на 90-тите години, нарушувањето стана сѐ пораширено, а тоа научниците делумно го објаснуваат и со подобрувањата во поставувањето на дијагноза – сепак, тие не ја исклучиле ниту можноста дека ова зголемување се случува како резултат на биолошки и еколошки фактори.
Иако научниците не го идентификувале потеклото на аутизмот, тие сигурно постигнале напредок во истражувањето што се однесува на тоа како напредува.
Психијатарот Џозеф Привен и неговите колеги од Универзитетот во Северна Каролина проучувале 106 новороденчиња кои имаат постар брат или сестра со аутизам, што значи дека и самите бебиња имаат исти услови за развој на нарушувањето. Научниците го набљудувале нивниот мозок кога имале шест, а потоа дванаесет и трет пат, кога имале 24 месеци. Магнетната резонанца открила впечатливи разлики помеѓу новороденчињата кои подоцна развиле аутизам во споредба со новороденчињата кај кои тоа не се случило. Мозоците на новороденчињата последователно дијагностицирани со аутизам растат побрзо, почнувајќи од шестмесечна возраст, објавие во едно истражување од 2017. година.
Врската помеѓу прекумерниот раст на мозокот и дополнително утврдената дијагноза била толку силна што научниците, после испитувањето кое се прави во 12.месец, за осум од 10 бебиња предвиделе точна дијагноза.
Кај повеќето деца, аутизмот се дијагностицира во втората година од животот кога почнува да изостанува говорот и кога настануваат потешкотии во социјалната интеракција. Скенирањето кое ги следи абнормалните промени во мозокот може да им овозможи на педијатрите да го детектираат аутизмот долго пред да се појават првите симптоми.
Децата кај кои рано се открива аутизмот поминуваат низ терапии кои им помагаат во социјализацијата и комуникацијата, со што се намалуваат тешкотиите. Доколку се открие аутизам во рана фаза, можно е да се преземе акција, без разлика дали станува збор за терапија со вежби или лекови „што би ја промениле ‘патеката’ на мозокот“.
Во 2018 година, група истражувачи предводени од Чарлс Нелсон, невронаучник од харвардското Медицинско училиште, објавила резултати што ја покажуваат одржливоста на откривањето на ризик од аутизам кај тримесечни бебиња со мапирање на електричната активност во нивните мозоци користејќи електроенцефалограми или ЕЕГ. Истражувачите извршиле тестови на деца на возраст од три месеци до три години. Нелсон и неговите колеги откриле дека активноста во мозокот на новороденчињата на кои подоцна им бил дијагностициран аутизам е различна.
„Уште на три месеци на ЕЕГ гледаме обрасци кои ни кажуваат кое од овие деца ќе развие аутизам“, вели Нелсон. Изгледа дека овие студии ја откриваат атипичната природа на развојот на мозокот во врска со аутизмот, во согласност со наодите на Клин и неговите колеги.
Истовремено со истражувањето на Ворен Џоунс, невронаучник од Емори, Клин и неговиот тим ги следеле движењата на очите кај бебињата додека гледаат снимки. Научниците откриле дека децата кои во периодот помеѓу вториот и шестиот месец правеле помалку контакти со очите со други луѓе, споредено со бебињата во истиот период чиј развој тече вообичаено имаат поголема веројатност подоцна да бидат дијагностициран со аутизам.
Студиите покажале дека мали деца кои подоцна развиваат аутизам поминуваат двојно повеќе време во набљудување на предмети отколку на лица.
Резултатите сугерираат дека новороденчињата кај кои ќе се развие аутизам го гледаат светот на значително поинаков начин. Ова длабоко го менува начинот на кој тие остваруваат интеракција во најраниот период, што понатаму влијае на развој на нивниот мозок, што подоцна може да доведе до проблеми во комуникацијата. „Изгледа дека на децата со аутизам им недостасуваат илјадници и илјадници и илјадници искуства за учење на социјализација“, вели Клин.
Значи, ако родителите до третиот месец од животот на своето бебе знаеле дека бебето може да развие аутизам, тие би можеле од самиот почеток да применат соодветен начин на интеракција и да го усмерат мозокот во друга насока.
Истражувачите тестираат методи како што е моделот Earli Start Denver, програма која ги учи родителите и терапевтите да користат специјални стратегии, вклучително и играта, за да помогнат во развојот на социјални и јазични вештини кај децата со аутизам.
Неодамнешното истражување во кое учествувале 118 деца открило дека програмата ги подобрува јазичните вештини, за кои научниците веруваат дека може да бидат најголемата бариера за подоцнежната социјализација. Џералдин Дејвисон, психолог од универзитетот Дјук, која помогнала во креирањето на моделот, вели: „Она што сакаме да го направиме е што е можно порано да го вратиме бебето во социјалниот свет, за и тоа да почне да ги „впива“ тие рани сознанија.
Фото: Pexels