Здружението на психолози за стручна и морална поддршка на деца и возрасни – „Рилука“ Битола официјално е основано во јули 2019.година, иако, како што вели претседателката на ова здружение Ирена Николоска Ристановска, желбата за неговото постоење кај сите членови тлеело многу одамна.
„Здружението е лоцирано во склоп на Хотел Битола, располага со две простории со вкупна површина од 30 м квадратни, кои благодарение на хуманоста на одредени физички лица и фирми ги задоволуваат основните потреби на децата и возрасните.
Во детскиот дел обезбедени се сензорни помагала за стимулација на децата со потешкотии, од соседна Бугарија, за што сме бескрајно благодарни.
Од досегашното постоење на здружението и искуството во оваа година, ме радува фактот на зголеменото ниво на свесност кај возрасните и надминувањето на табуата и срамот од тоа да се побара психолошка поддршка.
Тоа го говори нивното присуство во здружението и онлајн поддршката која непречено ја добиваат од нас. Јас, како психолог со седумгодишно искуство во основно училиште, Гешталт едукант и родител на дете со аутизам (Лука, од чие име произлегува и името на здружението), понекогаш се доживувам како мост кој ги поврзува психолозите со родителите на децата со посебни потреби, бидеќи сум две во едно“, признава Ирена.
Заменик претседател на ова здружение е Ивана Ѓоргиевска, психолог во ЈЗО Здравствен дом – Битола, инаку, лиценциран психолог за вршење психолошка дејност.
„Со колешките психолози се запознавме на Гешталт школата за личен раст и развој -на која сѐ уште професионално се усовршуваме („Анима“ и оттука и мотивот и искуство за советување на млади и возрасни.
Петте психолози, основачи на здружението работат поединечно, на различни сегменти, со заедничка цел: Подобрување на целокупното ментално здравје на личноста, преку работилници на различни теми:
Личен раст и развој, самодоверба, емоции, јас и односот кон себе, свесност, мотивација, итн.“, објаснува нашата соговорничка.
Од неодамна здружението е збогатено со уште еден професионален член – воспитувач кој ќе работи со децата животни вештини и педагошки дел, во зависност од индивидуалните потреби на детето.
Досега, во рамки на работата на Здружението реализирани се многубројни поединечни индивидуални часови со деца со одредени потешкотии во развојот, континуирана индивидуална работа со деца со посебни потреби, реализирана е куклена претстава за децата со типичен и атипичен развој, советување и поддршка на возрасни кои се соочуваат со одредена потешкотија, социјални часови и уметничко изразување на децата, како и други многубројни активности и настани.
„Во иднина нашите цели и планови се фокусирани на проширување на ентериерот, а со тоа и зголемување на професионалните членови, но и уредување со дополнителни неопходни сензорни помагала за што се неопходни финансиски средства и поддршка од донатори, а пред сѐ, од општина Битола.