Брук Бернал им предава на средношколци семејна медицина, а меѓу темите што ги опфаќа е и породувањето.
За таа пригода таа смислила прилично живописна демонстрација со топче за пинг-понг и балон. Накусо, таа го става топчето што го претставува бебето во балонот, а потоа, со стискање на балонот го истуркува низ отворот на балонот.
Како што открила за BuzzFeed, идејата ја добила на Фејсбук.
„Една наставничка објави како им го објаснува тоа на своите ученици и мене ми се допадна. Не знам кој прв се сетил на ова, но секоја му чест за креативноста“, рекла таа.
Откако објавила видео снимка од демонстрацијата на Тикток, таа брзо станала вирална и собрала пет милиони прегледи.
„Демонстрацијата не ги вознемирува премногу моите ученици, најмногу ги интригира тоа како балонот се растега толку многу без да пукне. Ова е добро визуелно помагало. И јасно е дека бебето нема да излета преку собата како топче. Мислам дека е појасно отколку да им покажам снимки од раѓање“, вели таа и додава дека нејзиниот балон никогаш не пукнал на демонстрациите, но се случило топчето да заглави, но тоа го искористила како доказ за тоа колку е тешко породувањето.
Брук, која во моментов е бремена по трет пат, посочува дека е важно да се запознаат младите со процесот на раѓање.
„Мојот сопруг немаше идеја како изгледа породувањето кога бев бремена за прв пат, тој не ми веруваше кога му раскажав сè. Затоа сакам да им обезбедам на моите ученици основно знаење, да направам девојчињата да се чувствуваат побезбедни кога ќе забременат еден ден, а момчињата да бидат голема поддршка за некој што чека на породување“, додала таа.
Фото: Скриншот