Реченицата „Додека смртта не не раздели“, брачниот завет кој го разменувате гледајќи се во очи, веруваме дека е искрена и дека навистина додека ја изговарате, верувате во неа и во тоа дека сте нашле некого за цел живот, сродна душа, идеален партнер.
Но сите знаеме дека љубовта е слепа и дека во тој првичен занес не ги препознавате сите аспекти на брачната заедница.
Со време оганот на вљубеноста се гаси, се прават компромиси, се гуши своето „јас“, заради она „ние“ и додека се свртите тоа повеќе не е – тоа вистинското.
Во главата почнуваат да ви се раѓаат идеи за развод. Најпрвин ги потиснувате, не сакате да си признаете сами на себе, но повторно им се враќате сѐ додека не се осмелите и гласно да изговорите дека така повеќе не оди.
Според стручњаците, разводот е еден од најголемите стресови во животот на луѓето. После губитокот на детето, родителите, некој близок, разводот котира многу високо на скалата на стресот:
Ова е и нормално со оглед на тоа што, особено во нашето традиционално општество, разводот и натаму се третира како неуспех.
Кога луѓето ќе се соочат со развод се јавуваат различни чувства кои се мешаат – од лутина, бес, тага, па дури и до восхит пред новиот почеток.
Стручњаците велат дека според нивните искуства и истражувања, за да се преболи разводот се потребни од две до четири години, период кој е потребен за да се заврши процесот на тагување, но и простување на себе и на партнерот и да се каже себеси, сега одам понатаму. Постојат случаи кога е за ова потребно и подолго време, а поединци остануваат заробени и подолго, па некои не можат да го надминат разводот дури ни за цел живот.
И иако во нашето општество постојат приличен број на ритуали кои не „воведуваат“ во брак,на пример, веридба, запознавање на семејствата, ритуали за развод – нема.
Наспроти ова, во Шпанија постои институционализирана „излезна стратегија“ од бракот – година дена раздвоен живот (сепарадо), за да се анализира и да се преиспита сѐ, а потоа, доколку односите не се подобрат, се влегува во процес на развод.
Разводот подразбира губиток, но никој не не подготвува за тоа.
Дека е разводот губиток по многу елементи покажува и тоа што повеќе нема вообичаени ритуали и планови како што се оние за одење на годишен одмор, секојдневни планови (кој ги носи денеска децата на училиште), потоа губење на заедничките пријатели и така натаму.
Кај нас постојат многу негативни јазични формулации кои асоцираат на тоа дека е разводот нешто негативно, па најпрвин разводот треба да се прифати како реалност, да се сфати дека е приказната завршена, а потоа е важен договорот околу децата и поделбата.
Иако бракот не им функционира луѓето често остануваат долго во брак поради навика, поради страв од осаменост или најчесто – „поради децата“.
Заедничкиот живот носи низа предизвици, искушенија и различни видови стресови, какви што се губење на блиска личност, губење на работата, раѓање на дете со некој физички недостаток или со психичко пореметување. Се случува и партнерите, особено оние во средни години, осврнувајќи се зад себе и рекапитулирајќи што постигнале во животот, незадоволни од резултатот, сета вина ја лоцираат кај другиот партнер.
Како моето „јас“ да остане „јас“, но и да не го загрозува она „ние“? Со други зборови, како да останеме свои во бракот, но и да имаме здрав однос со партнерот?
За тоа е најважна комуникацијата, сметаат психолозите.
Во категоријата на комплицирани разводи спаѓаат оние кои подразбираат и идни старателство над децата. Неретко, токму ова е и најголем проблем помеѓу довчерашние партнери вотој процес на одвојување.
Во психологијата постои израз „цемент бебиња“, а станува збор за деца кои партнерите ги прават или ги добиваат во намера да го зачуваат бракот, верувајќи дека тоа ќе им донесе нова енергија за нов почеток, но често се покажува како целосно погрешно.
Децата кај нас се често параван за отсуство на блискост помеѓу партнерите. Затоа и постои една од фазите во брачниот живот кога децата ќе си заминат од дома, кога ќе се осамостојат. Се поставува прашањето – а што сега кога е куќата празна. Затоа на односот мора да се работи константно. И односите, како и љубовта имаат свој тек, свој развој. Кога се венчаваме, работите си течат по својот тек, но и семенуваат, што е и нормално. Дали вие сега и вие пред 20 години сакате исто? Секако дека не. Како што се менуваме ние, така се менуваат и брачните односи и љубовта и на тоа треба да се работи.
Но прашањето е како понатаму? Има ли живот после развод?
Секако дека има. Разводот, иако е болно, трауматично, стресно искуство, секако не е смрт.
„Најважно е да бидете храбри, да се соочите со тоа дека е тоа губиток, да се соочите со тоа и да си дадете време, да го обработите сето тоа, да завршите со процесите на тага, болка, бес и простување.
Постои разлика во тоа како жените, а како мажите го доживуваат разводот. Кога ќе дозволите да поминат болката и бесот, кога ќе се „реставрирате“, потребни ви се други ритуали во животот, нови планови. А постојат и ритуали во постбрачниот период.
Тие постбрачни ритуали се случуваат кога доскорешните партнери после разводот ќе созреат и кога можат да комуницираат нормално, кога се договараат околу децата. Значи, кога партнерите ќе се поврзат на некое ново нормално ниво после разводот.
Еден од тие здрави ритуали е кога за роденденот на вашето заедничко дете ќе се соберете некаде заедно, за да види детето дека обајцата сте и натаму негови родители. Ваквите разводи се сметаат за разводи со среќен крај.
Фото: Pixabey