Иако не покажува, вашето дете можеби се плаши од враќањето во училиште

Еве 5 показатели според кои ќе можете да процените дали вашето дете се плаши од враќањето по училиште после оваа долга пауза.

0
117

Изгледа дека никогаш не сме имале поголема пауза во одењето на училиште. Но, родителите не ги загрижува тоа што децата премногу се „распуштиле“, повеќе ги интересира како тие се чувствуваат поради другите околности и дали оваа вонредна ситуација ќе остави последици врз нивното ментално здравје.

Еве 5 показатели дека вашето дете се плаши да се врати на училиште и дека му е потребна поголема поддршка од ваша страна:

Мрзоволно е

Знаеме и за пубертетот и за претпубертетот. Но, што ако детето „прави сцени“ почесто и поинтензивно од вообичаено?

„Избувнување или напади на бес, викање и давање отпор може да бидат знаци дека вашето дете се бори со сериозна анксиозност“, тврди д-р Мери Елен Рена, педијатар од центарот „ProHEALTH Care“. Анксиозноста е реакција на ситуации кога чувствуваме дека сме загрозени. Нашиот одговор на опасноста е да бегаме од неа или да ѝ се спротивставиме. Значи, можеби вашето дете само се брани од ситуацијата која многу го вознемирува. Анализирајте ја причината за изливот на бес.

Моменталниот живот му е далеку од вообичаената рутина

Од една страна, нормално е животот на детето да се разликува од оној во текот на учебната година. Распустот сѐ уште трае поради вонредни околности на пандемија. Како да се разликува летното однесување од избегнувачкото?

„Најдоброто што родителите може да го направат е да го споредат сегашното однесување на детето со неговото однесување кое би го имало во секојдневјето“, вели Френк Гинаси, прв човек на Здравствениот центар „RutgersUniversity“ во Њу Џерси. Еве неколку прашања што ќе ви помогнат подобро да го процените своето дете: кога легнува да спие? Дали често се буди ноќе? Дали исхраната му е многу различна од вообичаено? Дали е многу поактивно или помалку активно од вообичаено?

Одговорите на овие прашање ќе ви помогнат подобро да процените дали на вашето дете моменталната ситуација му влијае многу неповолно или многу помалку отколку што сте мислеле.

Детето ги избегнува своите другари и работите во кои вообичаено ужива

Кај децата што страдаат од анксиозност често постои „изостанување на задоволство“ во однос на вообичаеното однесување. Децата се моментално многу ограничени кога е во прашање нивното секојдневје. Но, ако вашето дете сосема се откажало од активностите во кои вообичаено уживало или од пријателите што ги сака, тоа е веќе знак на анксиозност. Побарајте ги овие „црвени знаменца“ кои би ви укажале на постоење подлабок проблем кој вашето дете евентуално го има.

Постојано ги повторува истите прашања

Децата и инаку поставуваат многу прашања за тоа што се случува со Ковид-19 и како тој ќе влијае врз нивните животи по многу месеци поминати дома. Но, прашањето зошто се враќаат на училиште по толку време е предмет на детската љубопитност.

Сепак, ако детето постојано ги повторува истите прашања и бара да го разуверите, тоа веројатно се бори со стравовите. Ваша задача е кога ќе почне да се распрашува за тоа што го мачи, да се обидете да ги откриете вистинските причини за овие прашања и да го прашате како да му помогнете.

Неговата имагинативна игра се променила

Додека играат, децата имаат комплексни идеи и чувства. Така учат за светот околу себе. Па така, играта на вашето дете е одличен начин да сфатите како се чувствува. Ако вашето дете вообичаено игра ‘послужување и пиење чај со своите кукли, а сега глуми дека куклите се тепаат меѓу себе, тоа може да биде знак дека е анксиозно. Истото важи и за обратниот процес: ако детето порано првенствено играло со меч, а сега игра на помирен начин, обрнете внимание.

Се разбира, можеби станува збор само за промена на начинот на играње. Затоа добро слушајте го вашето дете и обидете се да видите што ги предизвикува тие промени.

И конечно – охрабрувачки вести

Ковид-19 навистина влијае врз некои деца, особено на оние што веќе имале проблеми со менталното здравје или живеат во семејства кои се тешко погодени финансиски од последиците на овој вирус, ако не добивале доволно нега или ако членовите на семејството биле жртви на Ковид-19.

Но, човекот е и неверојатно отпорно суштество, особено децата. Како што тврди Гинаси, досега низ историјата сме се сретнале со многубројни предизвици, војни и глад. Сите тие искуства се запишани некаде во нашите гени. И затоа децата имаат голем капацитет за отпорност кон лошите случувања.

Родителите ќе им помогнат на своите деца да го откријат овој свој ресурс такашто ќе ја контролираат сопствената анксиозност. Исто така, ќе им дадат можност да зборуваат за она што го чувствуваат.

Вие како родител првенствено треба да прашувате едноставно и отворено: „Почнува училиштето. Што мислиш за тоа?“ Децата ќе ви кажат зошто се возбудени, но и што ги фрустрира. Меѓу редови ќе прочитате и што е тоа што ве плаши вас, а децата го почувствувале. Често одговорот е едноставен и лежи во нив, но некогаш и во вас.

Фото: Unsplash

[better-ads type='banner' banner='999' ]