Памела Дрикермен, Американка мажена за Британец, живеела во Франција, и покрај фантастичната природа, култура и храна, најмногу ја фасцинирал начин на кои Французите ги одгледувале своите деца. Импресионирана од драстичната разлика во одгледувањето на американските и на француските деца, напишала книга „Одгледување на бебе: една американска мајка ја открива мудроста на француското родителство“. (Bringing up bébé: One American Mother Discovers the Wisdom of French Parenting).
„Кога мојата ќерка имаше 18 месеци, јас и сопругот одлучивме да ја одведеме на мал летен одмор. Одбравме едно приморско гратче кое се наоѓа на неколку часа со воз од Париз, кадешто живеевме во тој момент (јас сум Американка, a тој Британец), и резервиравме хотелска соба со детско креветче.
„Зрнце“ (Bean), како што ја викаме, во тоа време беше наше единствено дете, и затоа сфатете не што си мислевме: „Колку може да биде тешко?“
Имавме појадок во хотелот, но моравме да ручаме и да вечераме во мал ресторан кај старото пристаниште. Набрзо откривмре дека два оброци со бебе во ресторан заслужуваат посебен круг во пеколот.
Нашето зрнце накусо ќе се заинтересираше за храната, но во рок од неколку минути почнуваше да истура сол од соларниците и да ги кине кесичките со шеќер. Потоа бараше да ја извадиме од столчето за хранење за да може да ја истражува околината и да тргне кон кејот.
Наша стратегија беше брзо да го завршиме оброкот. Нарачувавме уште додека седнувавме, потоа ги молевме келнерите да донесе малку леб и да ни ги сервира предјадењето и главното јадење во исто време.
Додека мојот сопруг јадеше неколку залци риба, јас внимавав келнерот да не го згази детето или пак да не падне во морето. Потоа ги менувавме улогите. Остававме големи бакшиши за да се оправдаме за брдото искинати салфети и за расфрланите лигњи наоколу.
После неколку мачни посети на ресторанот, почнав да забележувам дека француските семејства не изгледаат како да ја делат со нас агонијата на ручекот. За чудо, изгледаа како да се на одмор. Француските бебиња задоволно си седеа во своите столици чекајќи храна, или јадеа риба, па дури и зеленчук. Немаше врескање ниту плачење. И немаше отпадоци околу нивните маси.
Иако до тогаш веќе неколку години живеев во Франција, не можев да го објаснам ова. И штом почнав да размислувам за француското родителство, сфатив дека не е поинакво само времето за оброк. Одненадеж имав многу прашања.
Зошто во текот на стотиците часови кои ги поминав на игралиштата во Франција, никогаш не видов дете (освен моето) кое има испади на бес? Зошто моите француски пријатели никогаш не мораа да го прекинуваат телефонскиот разговор затоа што нивното дете нешто уништува? Зошто нивните дневни соби не беа окупирани со шатори и кујни-играчки, како нашите?
Наскоро ми стана јасно дека француските родители тивко и синхронизирано ги постигаа целите кои создале сосема поинаква атмосфера на семејниот живот.
Кога американските семејства го посетуваа нашиот дом, родителите обично поминуваа поголем дел од посетата во улога на судии решавајќи ги детските кавги, помагајќи им на своите бебиња да трчаат по кујната или седејќи на подот да прават со нив село од лего коцки. Наспротив тоа, кога француските пријатели ни доаѓаа во посета, возрансите пиеја кафе, а децата среќно си играа самите.
Што е толку поинакво кај Французите?
До крајот на нашиот упропастен одмор одлучив да дознаам што правеа поинаку француските родители. Зошто францсуките родители не фрлаа храна: И зошто нивните родители не викаа? Дали јас би можела да го сменам мојот ментален склоп и да добијам исти резултати со моите деца?
Последните неколку години ги поминав истражувајќи го француското родителство. И сега, кога нашето Зрнце има шест години, а близнаците по три, можам да ви го кажам следното: Французите не се совршени, но имаат некои родителски тајни кои навистина функционираат.
Прво сфатив дека сум на трагата на нешто кога открив студија од 2009.која ја водел економист од Принстон, а во која се споредуваат искуствата во воспитувањето на децата на мајки кои живеат во слични услови во Колумбус, Охајо, и во Ренес, Франција. Истражувачите откриле дека американските мајки ја сметале работата со своите деца два пати повеќе непријатна. Во друга студија на истиот економист, вработените мајки во Тексас рекле дека дури и домашните работи им се попријатни од грижата за децата.
Секако, Французите имаат разни видови на јавни служби кои помагаат родителството да биде попримамливо и помалку стресно. Родителите не мораат да плаќаат градинки, да се грижат за здравственото осигурување или да штедат за на факултет. Многумина само затоа што имаат деца добиваат месечна парична помош која им легнува директно на нивните сметки.
Но овие јавни служби не ги објаснуваат сите овие разлики. Французите , како што дознав изгледа дека имаат целосно поинаков пристап кон одгледувањето на децата. Кога ги прашав француските родители како ги дисциплинираат своите деца, им требаше малку подолго за да сфатат на што мислам. „Аха, мислиш како ги одгледуваме?“ прашаа тие. Колку што сфатив, „дисциплина“ е тесен и ретко корисен поим кој се однесува на казнувањето. Од друга страна, „одгледувањето“ (кое нема врска со училиштето) е нешто што го прифаќаат како постојана задача.
(Продолжува)