Сосема е логично во бременоста да имате благо покачен апетит затоа што бебето ви ја црпи енергијата, но стручњаците велат дека дефинитивно не би требало да јадете за двајца. Покрај зголемениот апетит, она што е забележливо е дека многу трудници имаат желба токму за одреден вид на храна – кисели краставички, сладолед или нешто трето, и тоа, се чини, би можеле да го јадат во неограничени количини.
Бројни студии покажале дека на трудниците најчесто им се јадат намирници кои се висококалорични и мрсни, што не е баш добро. Не е сосема јасно зошто им се јаде токму таква храна, а не овошје или зеленчук, но стручњаците сметаат дека тоа има врска со хормоните.
Д-р Џолин Брајтен објаснува дека во бременоста доаѓа до големи хормонски промени. „Некогаш нивото на допамин е многу ниско, заради што трудниците имаат речиси неконтролирана желба за храна“, вели таа.
Допаминот е хормон кој прави да се чувствуваме добро. Кога ќе помислите на консумирање на високалорична или мрсна храна, што е главно храна која луѓето најмногу ја сакаат, тоа го крева нивото на допамин и прави да се чувствуваме добро.
Кога во бременоста доаѓа до пад на нивото на овој хормон, на жените им се јадат одредени намирници кои ќе им помогнат да се чувствуваат повторно добро. Тогаш се случува намирниците на кои со години не сте ни помислиле, едноставно да не можат да ви излезат од глава.
Постои и теорија дека на трудниците им се јадат одредени намирници кои им ги обезбедуваат нутриентите што им недостасуваат. Нутриционистката Алиса Вити вели дека потребата за специфични намирници е најчесто сигнал дека на телото му недостасуваат одредени микронутриенти.
„На пример, желбата за нешто солено може да покажува недостаток на магнезиум, ако пак ви се јадат млечни производи, можно е да ви недостасува калциум, слатките октриваат недостаток на јаглени хидрати и калории, а желбата за мрсна храна – недостаток на есенцијални масни киселини“, тврди таа.
Солено, млечно, слатко, мрсно – тоа е главно храната која ја посакуваат бремените жени. Вити вели дека е тоа можеби начин на телото на бремените жени да ги добијат намирниците кои можеби не ги јаделе пред да останат бремени.
Желбата за одредени намирници може да биде и знак дека ви недостасуваат масти.
„Во третото тримесечје, нашиот мозок почнува да се намалува, а мозокот на бебето да расте“, објаснува д-р Брајтен, додавајќи дека човековиот мозок се состои од 60 отсто масти, па можеби поради тоа постои зголемена потреба за масна храна.
Генерално, зголемената потреба за одредени намирници во бременоста не е причина за грижа. Брајтен советува да не си дозволите себеси исхраната во текот на бременоста да ви се сведе на тесто и сладоледи, туку советува да јадете повеќе мали оброци во текот на денот, за внесувате и поздрави намирници.