Зошто моето дете секогаш вели „не“?

Зошто детето секогаш вели „не“? Кога се работи за каприц, а кога се користи за да се изрази сопствениот идентитет? Како да се справите со оваа „не“ фаза на децата?

0
290

Во зависност од сезоната во која се замислувате на оваа сцена: вие сте под чадорот за сонце, вашето дете е во вода веќе неколку часа,  време е да си заминете од плажа, каков ќе биде неговиот одговор? Силен и сув – „Не“!

Го губите трпението, гледате во неговите усни кои станале пурпурни, прстите добиле белузлава нијанса, но детето го прави „последното“ нуркање во денот, од кое очигледно не сака да се откаже. По вашите бројни повици да излезе од водата, и после бројните негови одбивања, најпосле, детето излегува од морето и ви се приближува, како ништо да не се случило. На вашето лице пак, стои „кисела“ насмевка, додека во себе се прашувате – зошто е толку непослушно?

„Не“ не е каприц

Од кога децата почнуваат да зборуваат, „Нe“ е зборчето кое најчесто го изговараат. На околу две или тригодишна возраст, децата сè повеќе стануваат свесни за себе. Прават разлика меѓу себеси и другите и почнуваат да ја градат својата личност. Токму преку негацијата – „Нe“, детето се чувствува независно и ја става на тест трпеливоста на родителите. Иако на оваа возраст, каприците се вообичаени во текот на денот, не треба да се мешаат со негацијата „не“, која не е каприц. „Не“ е начин да се изрази независност, затоа мора да се сфати сериозно, но и со одредена дистанца. Важно е да се разбере дека детето поминува низ фаза на личен развој и дека сите „не“ кои ги слушате изречени од неговата уста, се сосема нормална појава.

Зошто секогаш вели „не“?

Едноставно, зашто „не“ е краток и ефективен збор. Има деца кои го изговараат тоа „не“ со леснотија, други, додаваат изрази на лицето, широко отворајќи ги очите, а трети пак, откако ќе ја изречат негацијата, ги рашируваат своите раце. Личат на мали глумци кои заслужуваат Оскар! Згора на тоа, „не“ е зборче кое често им го кажуваат самите родители на своите деца: „Не, не и не“, во различни ситуации, на пример, кога храната од чинивчето е истурена или кога детето се приближува до некој извор на енергија, или ако вазната е во опасност да се скрши. Децата се навикнати да го слушаат тоа „не“ и нормално е да го присвојат и да му дадат посебна важност во нивниот сè уште незрелен речник.

Како да управувате со „не“ ситуацијата?

Не е доволно да се каже да бидете трпеливи. Јасно е, станува збор само за развојна фаза на децата, која ќе помине, но добро е да се знае како да се справите со овие моменти. Што да направите тогаш?

Понудете му избор на детето. Најчесто детето кажува „не“ на прашање од родителот. Свртете ја работата во ваша полза, поставувајќи му на детето прашање кое вклучува избор од две опции (не повеќе од две, за да не го збуните). На пример: „Дали ти се јаде месо или риба?” На овој начин ќе му понудите на вашето дете можност да одговори со прецизност, и тоа многу поверојатно ќе одбере една од опциите, наместо да одговори со „не“.

Поставете правила. Во рамките на семејството поставете  правила кои треба да се почитуваат и тоа, не само од детето, туку од сите членови на семејството. Така, детето нема да се прави „слепо“ пред правилата кои важат за сите во домот или на гости, пред сè кон правилата кои се однесуваат на вообичаените рутини – миење раце пред јадење, четкање на забите, капење…

Не возвраќајте со кавга или со навреда. Ниту кавгата ниту навредата не се продуктивни, а пред сè, не се образовни. Никогаш не го навредувајте вашето дете, без разлика на тоа колку било погрешно неговото однесување. Навредите кај децата имаат катастрофален ефект и поттикнуваат работите да станат уште полоши, односно детето да стане уште „потврдоглаво“.

Запомнете дека оваа фаза на бунт кај децата има тенденција да се намали по тригодишната возраст.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]