Друштвените игри му одолеваат на притисокот на новото време и новите технологии. Тоа можевте да го видите ако овие денови случајно читавте писма упатени до Дедо Мраз.
И додека некои родители брзаат да ги израдуваат своите деца со нови конзоли за видео игри, оние помудрите претпочитаат класични играчки кои ја будат фантазијата и инспирираат на слободна игра, книги и друштвени игри.
Како да одберете друштвена игра и не е некое особено тешко прашање. Повеќето деца на помала возраст ќе уживаат во игрите кои првенствено бараат брзина и умешност, како и во оние кадешто се обидуваат да избегнат некои неволји. За нив тоа е кулминација на забавата и напливот на адреналин, а како шлаг на торта доаѓа времето поминато со родителите.
Зошто друштвените игри се добри за децата?
– им даваат можност за рано учење – бои, броеви, развивање на фини моторни вештини, координација на око и рака, концентрација, трпеливост.
– за развивање на почетни математички вештини (речиси и да нема игра во која нешто не треба да се изброи, собере или додаде)
– за развивање комуникациски и социјални вештини – кој уште видел друштвена игра да се игра во тишина? Затоа овој тип на игра е идеален за срамежливи деца, кои се ослободуваат од срамежливоста и нервозата без да го забележат тоа.
– ја зајакнуваат својата самодоверба кога ќе победат
– учат да губат (и дека не е ништо страшно) – има деца на кои им е тешко да прифатат пораз, дури 4 од 5 деца ќе бидат лути и бесни кога ќе загубат. Сепак, тука родителот добива можност со својот одговор на бесната реакција, како и со сопственото прифаќање на поразот да го научат детето после изгубената партија да не троши енергија на фрустрација, туку да се обиде повторно.
– го подобруваат фокусот – Особено е тешко за малите деца да се концентрираат на една активност повеќе од неколку минути, а добрите друштвени игри во кои уживаат може да бидат начин за вежбање на концентрацијата.
– непроценливо е времето поминато со семејството – можеби звучи како фраза, но повеќето деца ќе ја паметат вечерта на заеднички игри со своите родители, смеа и забава, повеќе од скапите конзоли.
Исто така, друштвените игри можат да бидат одлична алтернатива на методот тајм-аут. Наместо да го испраќате детето во собата да се смири, клиничкиот психолог Регина Галанти вели дека треба да се обидете да играте друштвена игра со цел повторно да воспоставите контакт. Тој тврди дека со играњето на овие игри кај децата исто така се зголемува прагот на толеранција на фрустрацијата.
Друштвените игри имаат многу други предности, а прашањето што најмногу ги мачи родителите е – дали смеам да се радувам ако победам и дали треба да му дозволам на детето да победи. Одговорот на првото прашање е НЕ (пораснете!), а одговорот на второто прашање е – понекогаш да. Не секогаш. Ако премногу губи, детето ќе ја изгуби и самодовербата, ако постојано победува, ќе верува дека е непобедливо, а шармот на играта ќе исчезне.
Бонус совет: Изберете една вечер неделно за да биде вечер на друштвени игри и почитувајте го тоа. Ќе создадете бесценети спомени.
Фото: Pixabay