Иако последниов период бројот на пациенти од детската популација се зголеми, и тоа не значи сам оние кои се инфицирани или позитивни, туку и оние кои имаат клинички симптоми, децата сепак се уште поминуваат подобро од возрасните.
Од почетокот на пандемијата, здравствените експерти понудија бројни теории за да објаснат зошто децата поминуваат подобро од возрасните против ковид-19.
Некои сметаа дека децата се со помала веројатност да стапат во контакт со вирусот со затворањето на училиштата. Други претпоставуваа дека можеби немаат одредена молекула есенцијална за вирусот да се врзе на клетките на домаќинот.
Но, новата студија обезбедува докази дека децата можат да избегнат сериозна болест затоа што природен дел од нивниот имунолошки одговор го запира вирусот на самиот почеток, тврдат истражувачите од медицинскиот колеџ Алберт Ајнштајн, здравствениот систем Монтефиоре и универзитетот Јеил.
„Она што нашите податоци би сугерирале во целина е дека кога децата ќе се сретнат со вирусот имаат многу силен вроден имунолошки одговор и нашето верување е дека изгледа дека е тој заштитен (и) го запира вирусот на првата средба“, изјавил коавторот на студијата, др. Кеван Херолд, професор по имунологија и интерна медицина на Универзитетот Јеил.
Студијата, објавена во вторникот во рецензираното списание JCI Insight, вклучува 12 деца и 27 возрасни од одделот за итни случаи во медицинскиот центар во Монтефиоре, кои биле позитивни на ковид-19.
Истражувачите користеле назални брисеви за секвенционирање на РНА и откриле дека децата имаат поголемо ниво на гени поврзани со имунолошките клетки во споредба со возрасните. Откриле и неколку заштитни цитокини, односно протеини кои ги лачат имунолошки клетки.
Ниту едно од 12-те деца во студијата не барало кислород, додека седум од 27 возрасни имале потреба од кислород, а четворица од нив починале.
Извештајот следи друга студија спроведена од истите автори и објавена во септември, во која се споредуваат примероци од крв кај детски и возрасни пациенти со ковид-19. Иако истражувачите откриле мала разлика помеѓу примероците од крв, тие нашле заклучоци кои укажувале на тоа дека ќе го најдат она што го барале во назалните брисеви.
Врз основа на двете студии, авторите на студијата велат дека децата имаат силен вроден имунолошки одговор што го запира вирусот рано во горниот респираторен тракт без да дозволи да премине во потешка болест. Во меѓувреме, возрасните можеби ќе треба да се потпрат на побавен, прилагодлив имунолошки одговор што се активира подоцна во прогресијата на болеста.
„Вашата вродена реакција не е специфична за патогенот, туку е повеќе генерално, одговор кога вашето тело ќе го види вирусот или кој било друг патоген … не мора да одговара точно на тој вирус“, рекла д-р Бетси Херолд, шеф на одделот за педијатриски заразни болести и заменик-управител за педијатриски истражувања на Медицинскиот колеџ Алберт Ајнштајн и здравствениот систем Монтефиоре, која заедно со својот сопруг е ко-автор на студијата „Децата повеќе го користат вродениот одговор, според тоа, не им треба толку многу од овој силен прилагодлив одговор“.
Д-р Федерико Лахам, медицински директор на детската инфективна болница ‘Арнолд Палмер’ во Орландо, вели дека студијата е важен дел од сложувалката за разбирање зошто децата не развиваат тежок облик на ковид-19.
„Тоа се важни податоци што треба да се стават во соодветен контекст“, вели тој. „Но, во мојот ум, тоа не одговара зошто (децата) имаат подобар клинички тек и мислам дека не можам да дојдам до тој заклучок“.
Иако возрасните учесници имале слично вирусно оптоварување со децата во горните дишни патишта, студијата не ја покажува количината на вирус во долниот респираторен тракт, што може да влијае на хипотезата.
„Само што дознавме добар податок, а тоа е – деца кои доаѓаат во болница со заболување, да дадат многу добар вроден одговор помоќен од возрасните“, вели Лахам. „Засега, не можете да заклучите ништо друго“.
Иако децата може да имаат природен имунолошки одговор за борба против инфекцијата, Бетси Херолд вели дека сепак е важно за нив да се вакцинираат кога вакцината ќе стане достапна за нив. Вакцината Фајзер со германскиот партнер Бајонтек сега се одобрени за 17 и 17-годишници, а за помалите деца се очекува подоцна оваа година.
Вроден имунолошки одговор на коронавирусот не ги штити децата целосно од заболување, предупредува таа. Од 1 април, скоро 3,47 милиони деца биле позитивни на ковид-19 и повеќе од 280 починале, според Американската академија за педијатрија. Иако веројатно нема да развијат тешка болест, децата сепак можат да дејствуваат како преносители и да го пренесат ковид-19 на поранливи возрасни лица.
Децата кои не се вакцинирани, исто така, ризикуваат да развијат мултисистемски воспалителен синдром кај деца, редок, но опасен синдром што предизвикува интензивно телесно воспаление и може да ги оштети срцето, бубрезите и другите органи, додава Бетси Херолд.
„Да се има и навистина добар вроден имунолошки систем базиран на нивната возраст во комбинација со адаптивни имунолошки одговори засновани на вакцината, ќе ги постави на најдоброто место на кое би можеле да се надеваат дека ќе бидат и навистина ќе ни помогне да се ослободиме од оваа пандемија“, вели таа.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Pixabay