Зошто децата во другите култури немаат тантруми?

Бев засрамена затоа што што мојата ќерка е единственото дете таму што се однесува така. Ја имав само неа, една и таа беше целосно надвор од контрола, додека гледав како мајките околу мене со леснотија и смиреност растат по пет деца, вели авторката на книгата 'Што можат да не научат старите култури за изгубените вештини за воспитување на среќни и корисни мали луѓе', Мајклин Дуклеф

0
248

Кога ќерката на Мајклин Дуклеф од Сан Франциско наполнила три години, Мајклин била на работ на нервите. Тригодишната Роузи постојано имала напади на бес, т.н. тантруми, при што удирала, гризела, го туркала мебелот и одбивала да носи чевли.

Мајклин, која по професија е доктор по хемија и новинарка која ја следи науката, темелно ја исчитувала родителската литература и ги слушала советите на педијатарот, кој ѝ велел дека треба постојано да зборува со Роузи. Но, ништо не помогнало и нејзината родителска самодоверба паднала на најниско ниво. „Никогаш не сум била толку неуспешна во нешто во што копнеев да бидам успешна.

А тогаш се сетила дека децата што ги гледала додека во Либерија правела приказна за еболата, како и децата на Арктикот што ги среќавала кога известувала за климатските промени, биле пристојни, пресретливи и послушни. Можеби не е таа виновна за нејзиниот родителски неуспех, помислила таа, туку западњачките методи на воспитување?

Охрабрена од оваа мисла, Дуклеф започнала да ги истражува начините на кои луѓето во другите култури ги воспитуваат децата. Со својата ќерка, таа обиколила многу села во Мексико, Канада и Танзанија, прифаќајќи ги локалните методи за родителство и тестирајќи ги на Роуз. Така настанала книгата Лови, собери, едуцирај: Што можат да не научат старите култури за изгубените вештини за воспитување на среќни и корисни мали луѓе („Hunt, Gather, Parent: What Ancient Cultures Can Teach Us About the Lost Art of Raising Happy, Helpful Little Humans“) , Корисни мали луѓе “).

Малите деца се ‘родени помошници’

Дуклеф наоѓала деца во селата на Маите во Јукатан, Мексико, кои не само што работеле домашни работи, туку се грижеле и за тоа што треба да се направи, комбинација на свесност и иницијатива што Мексиканците ја нарекуваат „акомедидо“ (додека нашите списоци со задолженија, од друга страна, прават децата да мислат дека масата се поставува само во вторник). Најдобро од сè, родителите не ги принудуваат своите деца да работат. Тие сметаат дека тоа ја уништува внатрешната мотивација. Наместо тоа, децата се водат според примерот на возрасните.

Дуклеф опишува како во едно мајанско село со вчудоневиденост гледала дванаесетгодишно девојче кое се разбудило после дремка, се протегнало и отишло да ги мие садовите. На прашањето зошто помагаат во домаќинството, овие деца обично одговараат: „Затоа што живеам таму“. „Тие мислат дека е тоа глупаво прашање“, објаснува таа. „Тоа е всадено во нив многу рано. Нивните родители не смислуваат разни активности за тие потоа да можат мирно да ги мијат садовите. Миењето садови е таа активност“.

Мајанските мајки, баби и постарите сестри развиваат акомедидо со тоа што им дозволуваат и на најмалите деца да учествуваат во секојдневни активности – од правење тортилји до копање по полињата. Возрасните внимателно надгледуваат, без многу критики и пофалби. Децата полека стекнуваат вештини и природно се вклучуваат во активностите, бидејќи се чувствуваат како дел од семејниот тим.
Набљудувајќи ги мајанските деца Дуклеф сфаќа дека ги потценила способностите на својата ќерка. Малите деца се „родени помагачи“ за кои вклучувањето во активностите на возрасните е форма на учење и игра. Колку е силен инстинктот за помагање на другите кај малите деца, покажува научниот експеримент што го наведува, во кој децата на возраст од 20 месеци престанале да играат со нова играчка со цел да одат на другиот крај од собата и да му помогнат на возрасен човек да подигне нешто од подот. Ниту било тоа побарано од нив, ниту очекувале награда за нивната помош.

Се разбира, ништо не може да се научи преку ноќ, предупредува Дуклеф. Потребни се години за децата постепено да се навикнат да учествуваат во домашните работи. Вие не можете само да закачите список со обврски и да очекувате дека вашето четиригодишно дете ќе започне само да ги мие садовите во вторник и во четврток. Тој мора да знае не само како се прави тоа, туку и кога треба да се направи, и зошто е тоа корисно за семејството и за него.

Детето е дел од тимот

Уште една заблуда на современото родителство, пишува Дуклеф, е идејата дека децата треба постојано да се носат на различни места специјално прилагодени за нив, а кои се по правило здодевни за родителите. „Кога ќе дојде викенд, обично размислувавме што да организираме за Роузи. Сепак, идејата дека родителите се одговорни за забавата на децата не е присутна во огромното мнозинство на светските култури“. Покрај тоа, активностите специјално дизајнирани за нив го лишуваат детето од чувството на припадност во семејството, припадност на тимот и му всадуваат чувство дека тој е ВИП на кој му служат родителите, пишува таа.

Западњачките родители сметаат дека заштедуваат време насадувајќи го детето пред екранот додека да зготват ручек. Со тоа, тие всушност му кажуваат на детето дека не е дел од тимот и дека овие работи не се негова грижа. Тие непотребно се исцрпуваат со осмислување посебни активности за децата, наместо едноставно да ги извршуваат тековните работи или да се одмораат додека децата ги следат во тоа. „Мојот сопруг и јас денес правиме работи што ги правевме пред раѓањето на Роуз, само ја вклучуваме и неа. Понекогаш морам да работам и таа сама се забавува. Или одиме на плажа, а јас седам и читам три часа и не играм со неа – некогаш има пријатели, а некогаш не. Одиме на прошетка, работиме во градината или посетуваме пријатели. Ние правиме домашни работи – перење алишта, чистење, купување намирници. Ние едноставно живееме, без да одиме во игротеки и слично“.

Инуитската смиреност

Часовите за родители продолжуваат на студениот север, на канадската територија Нанавут, каде Дуклеф ги набљудува родителите Инуити кои не се ни најмалку возбудени кога нивните деца се однесуваат лошо. Нивното мислење е дека децата се „неразумни суштества кои сè уште не научиле како да се однесуваат“, такашто тие не ги земаат детските испади при срце. „Инуитските родители никогаш не комуницираат со своите деца на начин што го диктира детето. Тие едноставно не се спуштаат на нивото на дете“. Никогаш не викаат, затоа што мислат дека така децата ќе научат да викаат. Наместо тоа, тие ги гледаат децата без да реагираат или едноставно се оддалечуваат. Поради ваквиот пристап, инуитските деца никогаш немаат тантруми: Бев засрамена затоа што што мојата ќерка е единственото дете таму што се однесува така. Ја имав неа, една и таа беше целосно надвор од контрола, додека гледав како мајките околу мене со леснотија и смиреност растат по пет деца.

Дуклеф ја опишува и првата средба на нејзината ќерка со „рамнодушноста“ на Инуитите кон испадите на децата: „Една вечер во едно инуитско домаќинство кое ни овозможи гостопримство, Роузи се разбесни бидејќи сакаше млеко, што го немаше. Кога сфати дека однесувањето не оставило никаков впечаток кај ниту една возрасна личност во собата, таа буквално падна на земја извикувајќи „Нееееееее“, сфаќајќи дека остана без своето оружје. Инуитите едноставно не паѓаат на тоа“.

Автономија наспроти постојано мешање

Во својата книга, Дуклеф ги доведува во прашање и омилените современи методи за подигнување на самодовербата кај децата: „Една од најбудалестите работи што ги правиме денес е што толку многу ги фалиме децата. Каде и да одев, скоро никогаш не слушнав родител како фали дете. А сепак, овие деца се неверојатно независни, самоуверени и полни со почит. Сè што сакаме да постигнеме со пофалби, овие деца веќе го имаат и без нив“. Дуклеф решила да престане постојано да ја фали својата ќерка и ги заменила вообичаените фрази „Направи одлична работа“ и „Браво“ со повремена насмевка и климање со главата. Однесувањето на Роуз навистина се подобрило.

Автономијата што ја поседуваат овие деца всушност е стекната благодарение на големата доверба на родителите во способностите на децата, довербата што ние денес ја изгубивме. Дуклеф наведува дека научниците, кои забележале колку пати родител од племето ловци-собирачи во Централна Африка интервенирал во детските активности по налог или совет, откриле дека тоа го прави три пати на час. „Го направив истиот експеримент врз себе и другите родители на игралиштето во Сан Франциско. Родителите интервенираа околу 100 пати за еден час!“

Автономијата не е исто со независност, нагласува таа. Во овие заедници, децата секогаш имаат одговорност кон групата – тие се грижат за другите деца, одат во потрага по храна и слично. Но, нивните родители им дозволуваат да го прават тоа без многу мешање, освен кога е апсолутно потребно.

Децата ги воспитува селото

Она што Дуклеф го научила при посетата на племето Хаџа во Танзанија е дека родителите имаат голема помош во заедницата. Како што вели, било тешко да се утврди кое дете на кои родители им припаѓа, затоа што сите се грижат за децата. Заедничкото воспитување на децата е типично за ловците-собирачи. Антрополозите сметаат дека е природно децата да бидат воспитувани од група луѓе, а не само од двајца родители. „Ние сметаме дека т.н. нуклеарно семејство (родители + деца) е нормално, но последните 200.000 години од човечката историја го покажуваат спротивното. Како резултат, современите родители се истоштени, за разлика од оние во племенските заедници, кои секогаш можат да им ги доверат своите деца на другите додека ја извршуваат својата работа. Покрај тоа, прилично значителен удел во грижата за малите деца во овие култури паѓа на две, три, четири, пет години постари деца. Мислам дека потценуваме што можат децата да направат – сретнав дванаесетгодишни деца кои прават оброци и се грижат за помалите деца, бидејќи тие биле вклучени во овие активности уште од мали нозе“.

Неверојатна промена

Дали усвојувањето на новите пристапи ѝ помогнало на Дуклеф? Како што опишува во својата книга, усвојувањето на методот на Инуитите (смиреност на ниво на „лежење со лицето надолу за време на масажа) ја натерало нејзината ќерка целосно да престане со тантрумите. Исто така, според нејзиното сведоштво, семејниот живот се подобрил кога ги отфрлила повеќето играчки на нејзината ќерка: „Децата живеат без овие работи веќе 200 000 години“, вели таа.

Сè на сè, промената што ѝ се случила на нејзината ќерка по ова истражувачко патување е неверојатна, вели Мајклин и додава дека сега едноставно ужива во родителството, благодарение на промената во перспективата што ја доживеала: „Мислам дека претходната врска беше премногу напната и конфликтна, затоа што јас се обидував да ја контролирам, а таа пак се обидуваше да ме контролира мене. Овој нов пристап првенствено е насочен кон минимизирање на конфликтите и тензиите и нагласување на соработката“, заклучува таа.

Дуклеф е свесна дека не е можно да се копираат методите за родителство од традиционалните заедници во нашиот брз и стресен живот во современите градови. Но, верува дека сè уште можеме да научиме и да прифатиме многу од нив. „Роузи никогаш нема да биде толку независна како дете во племето Хаџа. Но, малите промени сепак можат да донесат сериозни резултати“.

Пораката што ја има за родителите е дека тие мора да размислат за современите воспитни методи и да се запрашаат колку тие негативно влијаат на уживањето во родителството: „Изгубивме некои основни принципи на воспитување на децата и итно треба да ги вратиме. Родителството никогаш не било толку тешко како денес“.

Фото: Фејсбук

[better-ads type='banner' banner='999' ]