Бремените жени имаат чудни желби, не е невообичаено да изедат цела тегла со кисели краставички. Блажената состојба е придружена со трапавост, што се манифестира со постојано паѓање на работите од рака и истурање. Но, најлошата работа е постојаната промена на расположението. Науката сега има објаснување зошто женскиот мозок во бременоста има различни „поставки“. Џордан Гејнс Луис, невролог од Државниот универзитет во Пенсилванија, објаснил зошто бременоста е навистина „друга состојба“.
Желбите поврзани со храната се менуваат
Универзитетот во Конектикат спроведе истражување кое покажува дека желбите поврзани со храната се менуваат во различни фази од бременоста. Додека горчливата храна со силен вкус е одбивна во првото тримесечје, желбата за солена и кисела храна се интензивира во второто и третото тримесечје.
Не е целосно јасно зошто преференциите се менуваат за време на бременоста, но се претпоставува дека телото бара посолена храна како чипс затоа што е богат со натриум кој е потребен за да се надокнади поголемиот волумен на крвта (до 50 проценти повеќе) што циркулира низ телото .
Неспретност заради опуштањето на зглобовите
Во првите недели од бременоста, нивото на хормонот релаксин, кој ги релаксира зглобовите, лигаментите и мускулите, брзо се зголемува. Ова е особено корисно при истегнување на карлицата за време на породувањето. Се верува дека опуштањето на зглобовите заради релаксинот придонесува за полабав стисок.
Во текот на последните месеци од бременоста, стомакот расте и центарот на рамнотежата се поместува нагоре. Нервните импулси поврзани со држењето на телото, вклучувајќи ги рамнотежата и ориентацијата, се менуваат за време на бременоста па затоа доаѓа до сопнување од сопствените нозе.
Промените во расположението се нормална појава
По зачнувањето, нивото на естроген и прогестерон рапидно се зголемуваат, а овие два хормони се произведуваат и во плацентата. Познато е дека имаат силно влијание врз работата на мозокот. Естрогенот е поврзан со зголемување на допамин и серотонин во региони на мозокот важни за регулирање на емоциите, однесувањето и расположението. До шестата недела од бременоста, нејзините нивоа се дури три пати повисоки отколку на врвот на менструалниот циклус, кој исто така е обележан со промени во расположението.
Покрај хормоналните промени, и физичкиот стрес, болката, заморот и промените во метаболизмот придонесуваат за лошото чувство во бременоста. Нестабилност во нозете, но и во главата, се промените низ кои поминуваат сите идни мајки во очекување на своето чудо.
Фото: Pexels