За што сè може да се користи мајчиното млеко?

Можете ли да замислите ваква сцена? Една мајка држи во скут едноиполгодишно дете, а друга се обидува директно од брадавицата да му шприцне малку млеко - право во око! Бидејќи детето плаче и се мешколи, млазот никако да го погоди окото...Сцената е реална, признавам, ама детето е веќе возрасно и нема трауми

0
188

Кога внук ми еше малечок, околу година ипол, а ќерката на другарка ни беше бебе, му се појави некое црвенило во окото и другарка ми предложи да му прсне малку од своето млеко, директно од брадавицата. Така слушнала некогаш од баба ѝ или од мајка ѝ, не се ни сеќавам веќе. И не знам зошто не смисливме некој друг начин, ама тогаш најлогично ни беше сестра ми да го држи внук ми во скут, а другарка ни, директно од брадавицата да му шприцне малку млеко – право во око.

Се разбира, внук ми почна да плаче, а ние кога малку подобро се погледнавме меѓу себе, сфативме колку изгледа сето тоа налудничаво и почнавме да се смееме. Не бевме баш мали, имавме по 25 години, ама па не бевме ни баш многу зрели, така што, ова ни остана како супер смешна случка за прераскажување. Не верувам дека на некој друг му беше смешна, но знам дека кога ние три ќе ја спомнеме, пред очи ни излегува целата сцена и секогаш ни е подеднакво смешна.

Е сега, ако не ви е јасен воведот, само сакаме да ви пренесеме за што сè друго, освен за доење на вашето бебе, можете да го користите мајчиното млеко?

Патем, внук ми е сега возрасен и нема трауми.

Придобивките од мајчиното млеко

Мајчиното млеко е најбогат извор на здрави хранливи материи за бебето, и не само хранливи материи, содржи и други состојки кои му помагаат на вашето бебе да биде здраво и да напредува, да го зајакнува неговиот имунитет и со тоа да го заштити од разни инфекции.

Придобивките од мајчиното млеко се многубројни, тоа е барано во банките за човечко млеко и се користи во исхраната на предвремено родени бебиња кои не можат да бидат доени од разни причини. Кога зборуваме за банки за млеко, донираното млеко поминува низ процес на обработка, односно здравствена проверка и пастеризација, па затоа е совршено здраво за доенчиња.

При домашна употреба, мајките го користеле своето млеко за разни намени, ставајќи го директно на рани, капејќи го во очите (ете, за ова ви зборував), за лекување на осип од пелени. Но при ваквата примена треба да се биде внимателен затоа што свежото мајчино млеко може да содржи и разни бактерии кои во допир со слузницата на окото или со отворената рана може да предизвикаат непотребни компликации.

Како нашите баби го користеле мајчиното млеко?

Значи, нашите баби и прабаби немале избор во грижата за децата како што имаме ние денес, па од генерација на генерација, се пренесувало искуственото знаење кое, да напомниме, нема медицинска потврда.

Мајчиното млеко се користело за лекување на инфекции на очите или ушите, мали рани или повреди, се користело за зајакнување на имунитетскиот систем, не само кај бебиња, туку и кај возрасни, за лекување на брадавици, против чешање и иритирана кожа, болни гради за време на доењето, се користело за хидратација на сува кожа, за воспалено грло.

Подготвување храна со мајчино млеко!

Иако следното е можеби дискутабилно за вас, верувале или не, некои користат мајчино, наместо кравјо млеко во колачи, го додаваат во кафе, го јадат со житарки, прават сладолед, накусо, го користат во сите рецепти наместо кој било друго млеко. Па, кој сака, нека проба!

Но, што е безбедно и медицински потврдено?

Ако доите и имате вишок млеко, можете да го замрзнете и да го чувате за периодот кога ќе престанете да го доите вашето бебе.

Исто така, бидејќи мајчиното млеко има сладок вкус и кремаста текстура, можете да го користите за да подготвите каша за вашето бебе кога ќе дојде време за дохранување.

Додека употребата на мајчиното млеко при готвење и лекување на инфекции и повреди е малку сомнителна, постојат медицински докази за придобивките кога станува збор за пациенти заболени од тумор кои треба да го зајакнат имунитетскиот систем по хемотерапија и агресивни третмани. Но, да не заборавиме, станува збор за мајчино млеко кое е обработено и тестирано на бактерии и габи.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]