Неодамна бевме на прославата на стогодишнината на нашето училиште. Покрај професорите, на свеченоста се собраа и најлошите ученици од сите генерации! А кога друг да поканат: најлошите ученици се единствените кои успеале во животот. Можете да замислите каков триумф беше тоа: најлошите ученици во фрак, а најлошите ученички во свечени тоалети под најскапиот накит – танцуваат со нивните професори кои, сиротите, се уште се во истите изветвени, па дури и во времето кога биле сошиени, демоде костуми.
Никаде ги нема најдобрите ученици. Којзнае каде се заглавени, или се во Германија, или овде, но без работа, или уште учат, или се на нервни клиники, или несреќно се ожениле со некоја од најдобрите ученички, или се разочарани во животот – и кој воопшто ги есапи таквите луѓе! Никој веќе не ги памети. Тие претрпеа целосно фијаско. Дури и нивните професори ги заборавиле! Ги заборавија затоа што мораа. Донесени пред свршен чин, за да не бидат целиот нивни живот и работа промашени, а се на што ги учат децата погрешно, професорите почнаа да се гордеат со своите најлоши ученици, последователно да ги прогласат за најдобри, евоцирајќи спомени за нивните славни одговори и брилијантни задачи. Се е нормално за најлошите ученици, така што нема ништо поприродно за нив од тоа!
Замислете ги професорите кои сериозно ја сфатиле својата вокација, кои ги учат децата како да успеат во животот, а само оние што не ги слушале успеваат во животот!
Како се чувствува стар строг професор кој верува во својата мисија и неговите критериуми, а штом ќе го вклучи телевизорот: гледа како еден од неговите најлоши ученици го презема водството, или оди во кино, а во филмот главната улога ја игра неговата најлоша ученичка, кога зборува со пријателите само за мудроста, генијалноста и големите дела на поранешните најлоши ученици, кога неговите поранешни најлоши ученици, проблемите во нивните училишта и срамот на нивните родители, се смеат од насловните страници на илустрираните списанија, кога ќе види дека според него најлошите станале асови, бардови, шампиони, ветерани, крем, кога најлошите ученици ги погребуваат во Алејата на великаните, им се доделуваат награди за животно дело, кога училиштата ги носат имињата на најлошите ученици, кога … Но, кој би ги навел сите успеси на најлошите ученици?
И што друго му останува на професорот, стариот искусен педагог, отколку во таква ситуација да ги прогласи за најдобри, најлошите, и да ги воспитува новите генерации на нивните примери.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Freepik