Фестивалот, кој во организација на Детскиот културен центар „Карпош” се отвара вечерва во Градскиот парк, е прв фестивал од ваков тип кај нас. Во рамки на фестивалот преку едукативни и креативни работилници целта е да се развие креативноста и љубопитноста кај децата.
На отворањето коешто е закажано во 19 часот на Школката во Градскиот парк, децата ќе имаат можност да го бараат загубеното богатство, а покрај оваа ќе има и други активности – изработка на фигури од балони, штулари, балерини, катче за боење и изработка на креативни украси, експерименти и пеење песни од ЗОО азбука, а публиката ќе ја забавуваат децата од хорот „Гласот на децата на Скопје” со своите песни.
Активностите на фестивалот ќе се случуваат на повеќе локации во градот, дел на отворено, а дел во јавни институции, кадешто децата ќе ја развиваат својата креативност во повеќе области – ликовната уметност, музика, филм, литература, природни науки и археологија. Активностите од фестивалот ќе се реализираат во ДКЦ Карпош, Музејот на современа уметност, како и во паркот „Ибни Пајко” и на плочникот пред Археолошкиот музеј.
Отворањето и сите понатамошни активности организирани во рамките на Интернационалниот фестивал на детската креативност „Трамболини” ќе се организираат во согласност со протоколите за заштита од Ковид-19.