За повеќето деца, оброкот што го добиваат во Центарот за деца на улица, е и единствениот оброк

Ирена Велкоска, координаторка на Дневниот центар за деца од улица, жената која овие деца безрезервно ја сакаат, вели дека сите нив може најдобро да ги опише со еден збор – љубопитност, желба да научат нови работи и безгрижно да го живеат детството. Во центарот тие за прв пат во својот живот добиваат одредена грижа, навики и внимание.

0
236

Нашата соговорничка Ирена Велкоска е координаторка на Дневниот центар за деца на улица кој е во рамките на здружението за заштита на правата на детето и во него е од самото отворање во февруари 2006. година, односно цели 15 години.

За оние кои не знаат, просториите на овој дневен центар се привремено сместени во Здравствениот дом во Шуто Оризари од мај 2017. година, кога градинката ’8-ми Април‘, каде што претходно бил сместен, изгорела во пожар. Во дневниот центар, заедно со Ирена се вклучени 5 стручни лица, од нив, 3 социјални работници, 1 педагог и 1 психолог.

„Децата на улица и нивните семејства имаат комплексни и специфични социјални проблеми кои бараат посебен и специјализиран пристап. Затоа, и во наредниот период здружението ќе прави напори да го анимира општеството за потребата од нови форми на грижа и заштита во заедницата, а тоа е индивидуален пристап кон корисниците, континуирана работа со нив за подобрување на нивната состојба, намалување на сиромаштијата и нивна поголема вклученост во сите текови на општеството“, вели Ирена и објаснува дека овие деца во Центарот, за прв пат во својот живот добиваат одредена грижа, навики и внимание.

Низ Дневниот центар кој е отворен од 8 до 16 часот секој ден, освен за викенд, поминуваат околу 100-тина деца на возраст од 4 до 18 години со место на живеење во оваа општина.

„Целта и мисијата на центарот е да им ги заштити правата, да им ги пренесе моралните вредности, да им помогне да изградат позитивни навики, самодоверба, да се социјализираат, да стекнат одговорности, да им овозможи безбедна средина и безгрижно детство … Тие се желни да научат нови работи и зборот кој најдобро ги опишува е љубопитност. Децата во Дневниот Центар ја одржуваат и личната хигиена, се бањаат, добиваат и оброк кој во текот на денот на повеќето од нив им е и единствен. Доста посветено се грижиме овие дечиња да бидат здрави, заштитени и безбедни, самостојни, креативни и среќни, но исто така и да го добијат задолжителното образование. Тие учат да бидат дел од останатиот свет, да имаат нормално детство кое секое дете го заслужува“, вели Ирена.

Во Центарот доаѓаат и помалите деца за да се избањаат, да добијат ужина, да поминат малку време во топла просторија, а во Центарот се работи и со родителите на овие деца, односно, се обработуваат различни теми преку работилници, информативно-едукативен материјал и слично, а работилници се одржуваат и со децата.

„По нивното идентификување на улица, на децата веднаш им се пружаат интервенции од социјална и здравствена заштита (лекарски прегледи, имунизација), добивање на идентификациски документи (здравствена книшка, а посредуваме и со други организации за запишување на детето во Матична книга на родени доколку не се запишани), се учат на основни хигиенски и културни навики, се описменуваат и се вклучуваат во воспитно-образовниот процес што е и една од посебните цели на Дневниот центар за деца на улица. Имено, по основната подготовка, децата сè вклучуваат во училиштата, но и понатаму им се помага во совладување на образовната програма, односно училишниот материјал.

Училиштето како специјализирана институција за образование и воспитание е значаен фактор во подготвување на младите за активен и творечки живот и нормално интегрирање во заедницата. Во исто време, со вклучување во училиштето се намалува можноста да бидат изложени на силно негативно влијание на улицата, со сите последици по нивниот развој.

Според согледувањата на Дневниот центар за деца на улица, децата на улица вклучени во образовниот систем ги следат низа проблеми кои го отежнуваат нивниот процес на образование (немање навика да седат на час, недоволни предзнаења, недоволни хигиенски навики, немање услови за работа во домашни услови, немање доволно облека, обувки, потребен школски прибор, немање поддршка од родителите за редовно следење на наставата и помош во совладување на наставните содржини).

Децата покажуваат задоволителен успех, кој им овозможува поминување во повисоките одделенија односно класови, но со силна поддршка и на Дневниот центар за деца на улица и другите вклучени субјекти одговорни за грижа и заштита на децата во заедницата, (пред сè училиштата и другите државни институции, невладините организации, општината и приватниот сектор). Во исто време се работи и со нивните родители и со другите членови во семејството. Станува збор за психо-социјална поддршка и работа со родителите како поттик за грижливо однесување кон нивните деца, стимул и мотивација. Надминување на занемарувањето на децата од страна на родителот, односно подигање на свеста и заштита на детето од повредување, игнорирање на здравствените и физичките потреби како хигиена, храна, вода, лекарства кога се потребни, побезбедни животни услови за неговиот физички, ментален, духовен, морален или социјален развој.

Вклучувањето на родителите во дел од активностите на Дневниот Центар има за цел намалување на ризикот од повторно растурање на веќе вклучените деца на улиците, што е и најголем ризик при работа со оваа група корисници.

Доколку некое дете не дојде во центарот, тимот од Центарот врши увид во домот на семејството за да ја увиди причината зошто тоа дете дента не дошло кај нас. Дел од нашите обврски е и укажување на законските рамки и пријавување до релевантните институции доколку родителот не соработува, односно го попречува развојот на овие деца. Имено, очекувањата на голем дел на родителите е децата да преземат одговорност за одржување на животната егзистенција“, вели Ирена.

За неа, сите дечиња кои доаѓаат во Центарот, се најважното нешто на светот, најголемо богатство.

„Убаво се чувствувам кога сум во нивна близина и кога им го посветувам целото внимание … Убаво е чувството дека сум придонела за нивниот позитивен развој, за правилно да размислуваат, дека сум ги описменила, сум им ги пренела моралните вредности: да бидат чесни, да не лажат, да не крадат …“, вели со емоции Ирена.

[better-ads type='banner' banner='999' ]