Денес сум добро. Но, не бев добро повеќе денови отколку што бев. Приказната започнува неколку месеци пред конечниот развод на моите родители кога дома стана неподносливo. Подоцна често ме прашуваа дали имало некакво семејно насилство. Не знаев како да одговорам на тоа. Никогаш никој не нападнал никого со нож, ако тоа беше прашањето. Но, напнатоста во воздухот можеше да се сече со нож. Полесно беше кога се расправаа отколку кога молчеа.
„Што е со тебе?“ Понекогаш ме прашуваше учителката. „Ништо“, одговарав затоа што не знаев што е тоа точно или како да го раскажам некому. Имав девет години. Пред тоа, сакав да играм карти со мајка ми, дури и да одам на кафе со неа и нејзините пријателки. Една од нив имаше син, само малку постар од мене, кој беше мој пример. Со татко ми сакав да одам на натпревари. Првпат ме однесе кога бев многу мал, а денес очите ми се полнат со солзи кога ќе се сетам на тоа. Сите заедно одевме на викенд патувања. Некогаш сакав да останам дома и да гледам цртани филмови, но тие ќе ме извлечеа од кревет, секој за едната нога со смеење. Тие спомени ми се чини дека припаѓаат на некој друг живот.
Еден ден тато се отсели. Не ме поздрави, само си замина. Мама плачеше со денови и велеше дека е така подобро. Велеше дека нè оставил заради некоја „фуфа“. Се сеќавам на тоа затоа што не знаев што е „фуфа“. Поминаа три месеци пред повторно да го сретнам. Го мразев. Го мразев затоа што си замина, затоа што не ме однесе на два натпревари во меѓувреме, затоа што не напушти нас, затоа што има „фуфа“, затоа што мајка ми плаче, затоа што со месеци се караа заради истата таа „фуфа“, бидејќи никој не ме влечеше повеќе да излезам од креветот и затоа што останав многу сам. Тој не беше таму физички, а мама изгледаше како да е тука. Единствено за што се зборуваше беше дека татко ми ја изневерил. Мама тврдеше дека тато не прашува за мене, дека сега ќе има ново семејство. Тато подоцна тврдеше дека постојано се обидувал да ме види и слушне, но дека мама се заканувала дека ќе испрати некои од неговите деловни документи, кои може да бидат криминализирани, во полиција, доколку тој ни пријде. Дознав многу подоцна. Не знам што е вистина. Но, ни тоа не е важно, како што очигледно не бев важен ни јас.
Мама ме праша по неколку месеци дали би сакал да го видам тато за роденден. Бесно реков „Не“. Мама се издиша. „Добро“, рече таа, „се сомневам дека и тој сака да те види тебе сега кога „фуфата“ го носи неговото ново дете“. „Ново дете“, ми одекна во ушите. Ако дотогаш имаше некој дел од мене што не се чувствуваше предаден од татко ми, тогаш тој исчезна. Мајка ми ми рече да го кажам само тоа во Центарот кога ќе ме прашаат, дека имам право да кажам што сакам и никој не може да ме присили да го сторам спротивното. Не беше во право.
Ме „натераа“ да го видам татко ми. Јас се борев со тоа со сите сили. Кога го видов, чувствував само омраза и лутина. Му викав, нешто околу „фуфата“ и новото дете, не можам точно да се сетам. Средбата беше прекината, но повторно морав да одам кај психолог со мајка ми. Мајка ми ме праша претходната вечер дали се сеќавам како татко ми ме тепал. Молчев. Не се сеќавав дека татко ми ме тепаше, но се сетив на приказната дека како дете сум знаел да си добијам „по газот“ и од двајцата. Се сетив дека татко ми ми удри шлаканица еднаш во прво одделение кога избегав од училиште и си дојдов дома неколку часа подоцна. Кимнав со главата и чекав мама да продолжи. Таа ја опиша ситуацијата со шамарот и додаде уште неколку. Не се сеќавав, но ми се чинеше дека може да е вистина.
Таа не ми рече да го кажам тоа следното утро, но кога психологот ме праша за тато, го направив тоа. Зборував за тато се најлошо. Не ги спомнав натпреварите или како ме извлекуваа од кревет за да одиме на излет. Со години не сум ги посетил тие места. Потоа ме прашаа за мајка ми. Јас ги раскажав сите убави спомени и не лажев. Само што многу од нив беа далеку зад нас. Мама веќе не беше истата а јас грчевито се држев до тоа дека е. Се сеќавам и на гневот кон тој психолог кој ме прашуваше што не ми се допаѓа кај мајка ми. Ми се чинеше како да е против мајка ми. Конечно, реков дека не ми се допаѓа само тоа што е тажна заради тој идиот од татко. Мама беше особено добро расположена тој ден. Јадевме сладолед на плоштад и ги храневме гулабите со корнетот. Таа ме праша дали ми недостига татко ми, и јас реков не. Таа се смееше и ми го излижа сладоледот, како да си играме. Јас бев среќен.
Потоа следуваа седум години судски постапки, посети на разни социјални работници, психолози, не знам кој се. Го гледав татко ми на периоди, па потоа на периоди не го гледав. Не се откажуваше, но и не се бореше многу силно. Се сеќавам дека ми дојде на моето крштевање пред црквата, а јас му реков дека не го сакам таму. Тој само си замина. Видов на Фејсбук дека му се родил син. Го носеше на натпревари. Понекогаш ме повикуваше и мене, но лесно прифаќаше не за одговор.
Јас престанав воопшто да гледам фудбал, сето тоа беше глупаво и здодевно. Мама му беше лута со години и беше невозможно да продолжи понатаму. Го озборувавме барем еднаш неделно. Кога ќе се скаравме, секогаш преку тоа повторно ќе се зближевме. Не знам повеќе ниту кога завршија судовите, но знам дека никогаш не воспоставив нормален однос со тато.
Мама се омажи повторно кога бев трета година средно. Процвета. Сè помалку зборуваше за тато. Еднаш ми предложи да одам кај него за викенд, само така наеднаш, како гром од ведро небо. Помислив дека само сака да се ослободи од мене заради својот нов партнер, дека ме остава и мене, ме издава мене и нашата кула, очигледно кула од карти, омразата кон татко ми која не поврзуваше. Тогаш пукнав. Во неколку наврати бев хоспитализиран на психијатрија. Направив сè за што не се гордеам и не би навлегувал во детали. Не ми беше гајле. Немав што да изгубам. Четири години од мојот живот се уништував. Татко ми беше исплашен од сето тоа и уште повеќе се повлече. Технички тој одржуваше некаков контакт, но всушност тоа беше слабо. Мајка ми повторно беше скршена затоа што „како можам да ѝ го направам ова сега кога е конечно среќна“.
Се спасив дури кога се дистанцирав. И од двајцата. Од себеси не можев. Тато доби ново семејство. Мама доби нов сопруг. Јас не добив ново семејство, ниту нов татко. Во сето ова останав сам.
Сега, години подоцна, имам добра врска со двајцата родители. Не сме блиски. Никој од нив не се обидува да бидеме, барем не онака вистински. Има толку многу неизречени работи што повторно напнатоста во воздухот може да се сече со нож. Преку психотерапија, се отплеткувам колку што можам. И двајцата ги сакам затоа што тие се мои родители. Исто така, се чувствувам виновен кон татко ми за сè што мислев, чувствував и зборував кон него и за него. Исто така се чувствувам разочаран затоа што се повлече така, затоа што не се бореше посилно. Јас не бев достоен за него. Кон мајка ми чувствувам сожалување ми затоа што верувам дека е многу незрела личност. Исто така, се чувствувам лут за целата штета што ми ја направи, иако можеби не сакаше. Ниту за неа не бев вреден како јас, туку заради тоа што можев да го направам за неа. Немам што да кажам за „експертите“ кои го дозволуваа сето ова со години.
Еден ден сакам да го влечам син ми за нозете од креветот и да го носам на излети, на натпреварите што ги следам повторно, да ги хранам гулабите со него и да јадам сладолед затоа што е убав и сончев ден, не затоа што центарот го кажал она што го очекував. Во изборот на неговата мајка, најважно за мене ќе биде дали таа е личност која, ако се случи тоа, би знаела да се раздели и да не го уништи животот на детето.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Freepik