За натпреварувањето меѓу мајките: Фала на прашање, моето дете е во фаза на чепкање нос

Не сакам да ја ставам на табела, да ѝ впишувам поени. Да ја мерам за други, да ја споредувам со нечие дете. Затоа што нејзината особеност за мене е само во тоа што е моја. За другите нема потреба да биде посебна, специфична, напредна. За другите, сакам да биде само обично бебе.

0
273

Секогаш некаква конкуренција! Кој е прв? Кој е подобар? По што си поразличен? Кои ти се талентите? Каде ти се талентите? Како можеш да живееш просечен живот? Кој ти беше просекот? И зошто 4,82? Што недостасуваше до 5,00? Знаеш, таа има 5,00, но поради таквите деца би требало да се воведат повисоки, посложени оценки.

И од година во година, натпреварувањето почнува се порано и порано. Кога детето почна самостојно да го држи главчето? Кога седна, кога почна да ползи? А да не зборуваме за проодување и прозборување. Сосетката, за која сум убедена дека е таен агент на Светската здравствена организација, има сигурни информации кога детето треба да го направи првиот чекор. Прецизно, до ден.

Толку рано ги воведуваме овие стандарди – кое дете има постигнато нешто порано од другите, што се прашувам како досега и предвременото раѓање не стана нешто кон што се стреми секоја мајка. Моето бебе се роди пред твоето! Замислете, на моето бебе му беа потребни само 7 месеци и 19 дена во матката!

Моето дете има 25 месеци и живееме во странство. И добивам мачнини какви што немав во бременоста кога ме прашуваат – дали таа зборува и на двата јазика? Верувајте ми, тие прашања започнаа пред осум месеци. Отпрвин, давав некои, колку толку, пристојни одговори. Се трудев да одржам некои контакти со познанички и пријателки, мајки на деца блиски на возраста на Симона. Бидејќи, се познаваме со години, станавме мајки, се сменивме и јас веројатно грешам во нешто, за некого сум здодевна и напорна. И тоа е во ред. Додека не почувствувам натпреварување, споредување, аналогија. Затоа што ние си родивме дете себеси за љубов, за душа, не за маратон. Не сакам да ја ставам на табела, да ѝ впишувам поени. Да ја мерам за други, да ја споредувам со нечие дете. Затоа што нејзината особеност за мене е само во тоа што е моја. За другите нема потреба да биде посебна, специфична, напредна. За другите, сакам да биде само обично бебе.

Дали ги зборува двата јазика? -Да секако. Вундеркинд со два мајчини јазика. Покрај тоа, ја запишавме на приватни часови по свахили јазик, бидејќи во соседството имаме деца од Источна Африка, греота е децата да не се разбираат. Мојот сопруг предложи хинди или некој друг официјален јазик на Индија, но нека почека уште малку додека географски го лоцираме тоа индиско семејство со кое се дружиме во паркот. Да не го преоптоваруваме детето.

Следното прашање од делот „Спореди дете“ е – во која фаза е, што знае?
Во фаза на детство е, но ако навистина инсистирате, имавме фаза на чепкање на носот, потоа фаза на чепкање на газот. И сега, моето напредно сонце, го виде кучето како се мие и се чисти со лижење. Почна да си ги лиже рацете. Значи, влеговме во кучешка фаза и ми е жал како папагал да повторувам дека не е куче, но се плашам дека ако ја усвои оваа вештина, никој повеќе нема да не покани на роденден или на слава.

А што знае? Откако ќе и повторам по сто и триесет и осми пат да не истура вода на подот, затоа што лесно може да падне одејќи по мокро, и таа по сто триесет и деветти пат истури и секако, падне, мислам дека не знае ништо. Сакам да ја прашам кој те роди таква незнајка? Но, срцето ми го омекнува фактот дека знае да дише, дека знае да јаде и пие, дека знае да кака и да мочка, дека знае да се бакнува, да се гушка, дека знае да се смее, а богами и да плаче. Знае дека животните се сакаат. Знае истовремено да ги прегрне и бакне и тато и мама. Малку ли е?

На тема „моето дете е подобро од твоето“, сакам да прашам нешто друго. Дали се сеќавате на онаа сцена, на семеен собир, на некоја прослава, па ве стројат пред присутните роднини, а вие рецитирате додека образите ви горат. Дали ми се чини или оваа активност еволуирала? Не дај Боже, детето да научи нешто без тоа да заврши на Инстаграм – заборавете го тоа. Залудно е книга под перница, залудно сè ако нема лајкови. Не се жалам на ништо, само прашувам дали тие две активности сега се еквивалентни? Прашувам за тетка ми, бидејќи ако се, морам да ѝ отворам на тетка ми профил на социјалните мрежи.

П.С. А, како ја известуваме тетката, за оние моменти што не се ИН? Знаете она, кога вашето дете вреска, вика по продавници? Или она кога вашето дете ќе ја клоцне мачката? Или кога му се потсмева на сиромашно другарче? Затоа што уште никаде не видов таква слика? Или целиот ваш свет е едноставно, совршен.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]