За воспитување на дански начин не требаат пари, клучот е во слободата

Ако и вам веќе почна да ви оди на нерви тоа што постојано се зборува за тој дански начин на воспитување на децата и ако и вие како мене си мислевте дека е тоа невозможно во наши услови, преслушајте се уште еднаш. Акцентот не е во парите и во еден куп активности и обврски, туку во слободната игра

0
306

Малку, малку, па ќе прочитаме нешто за данскиот начин на воспитување. Едно време, иако и самата постојано ставам такви текстови, си велев, е како да не, друго е да воспитуваш дете во Данска, а друго во Македонијава. Ама не е баш така, односно, не е се во парите, многу повеќе е до менталитетот. На пример, кога ќе слушнам на колку активности одат децава кај нас и колку пари чини кога ќе се соберат сите тие тренинзи и курсеви, се прашувам навистина ли им е потребно сето тоа? Или кога ќе се сетам дека кај нас (некои, не сите секако, ама и тие ‘некои’ се бројни) 18-годишници, наместо велосипед за роденден добиваат автомобил, или пак дека речиси никој кај нас на децата не им купува облека од втора рака, туку дека децата се учат од мали нозе дека ‘ново си е ново’, излегува дека нашиве родители и нашиот начин на одгледување на децата чини многу повеќе отколку данскиот.

Ибен Дисинг Сандал, психолог од Данска и авторка на книгите „Дански рецепт за среќно дете“ и „Игра на дански начин“, објаснува дека таа со своите деца танцувала по цел ден, измислувајќи ги најлудите движења, ги скокоткала, им дозволувала да се качуваат по неа, се преправала дека им црта на грбот, за потоа да погодуваат што има на тој „цртеж“. Како што гледате, за ништо од ова не треба пари, но треба време и секако, бара родителите да бидат и самите среќни и расположени за игра со своите деца.

Ако знаеме дека Данците се една од трите најсреќни нации во светот, тогаш е логично да се заклучи дека нивните деца имаат исклучително среќно детство. Зошто е така? Што ги прави бесконечно среќни и дали има некој рецепт за ваков успех?

Да, има и многу е едноставен, па затоа и изводлив. Кај нив акцентот е ставен на играта – слободната игра. Секое ограничување е исклучено. Нема претходно изработени формули.

Тие им дозволуваат да го истражуваат светот околу нив. Е сега, не е дека јас сум се однесувала како данските родители, ама дефинитивно, ако можев да се вратам на почеток, на оној кога син ми беше мал, ќе се однесував поинаку. Затоа си дозволувам да напишам дека оние кои се сега на тој почеток, треба да се преиспитаат на кој начин сакаат да ги воспитуваат своите деца.

Искрено, јас не видов полза од тој мој пусти родителски страв дека ако е ладно, а тој излегол надвор послабо облечен, ќе се разболи, дека ако го вози велосипедот побрзо, ќе падне и ќе се повреди, дека ако му дадам леб и салама, ќе го научам на нездрава храна и слични глупоштини. И покрај сиот мој грч и бессони ноќи, покрај сето ‘малтретирање’ на детето со ‘немој ова, немој она, немој вака, немој така’, тој и се разболуваше и паѓаше и јадеше нездрава храна и се повредуваше, па излегува дека барем сум можела да ужива повеќе во негово друштво, наместо да му попувам над глава, сум можела да го оставам послободно да дише. На темпераментот не може да се влијае, само создавате нервозно и фрустрирано дете. Толку!

Слободата е клучот. Кај Данците многу се вложува во самостојноста во креирањето на слободното време, а не во то што на децата постојано ќе им се наметнуваат некои програми и ќе се поставуваат пред нив очекувања кои само ќе им создаваат притисок.

„Не чини ништо, не бара многу време, создава чувство на поврзаност и е многу важно за здравиот раст на детето. Играта ја зголемува самодовербата, самосвеста, менталното и физичкото здравје, ја стимулира имагинацијата и независноста, креативноста и можноста за ризици, предизвици, решавање проблеми и справување со нови ситуации“, вели оваа данска авторка.

Таа објаснува дека е сосема погрешно детето да се преоптоварува со секојдневни обврски – јазик, танц, часови по фудбал, затоа што ова, наводно, ќе ги подготви за светот на возрасните. Со тоа им го одземаме времето што би можеле да го поминат во истражување, фантазирање, креативност од сопствените, а не од организираните искуства.

Колку тие, како нација, се грижат за вистинските вредности потврдува и фактот дека како редовен училишен предмет веќе многу години го имаат и предметот кој ги учи за емпатијата.

Еднаш неделно, децата на возраст од 6 до 16 години учат како можат да си помагаат едни на други, колку е важно да забележите кога некој пријател е тажен или загрижен, со цел тие вештини да ги подготват за живот – како да се подобрат меѓучовечките односи, како да се спречи малтретирањето, злоупотребата, како да се постигне успех на работа…

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]